Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Фон дер Лајен и се закани на Унгарија

BalkansCat/BigStock.com

Фон дер Лајен и се закани на Унгарија

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и се закани на Унгарија со, како што рекла, правни мерки, поради донесувањето на контроверзниот унгарски закон за борба со коронавирусот.

Во разговор за неделникот „Билд ам Зонтаг“ таа рекла дека е „подготвена да интервенира, доколку законот го надмине она што е дозволено“.

Станува збор за неодамна донесениот „корона закон“ со кој на премиерот Виктор Орбан му е дозволено да владее со декрети, онака како што се владее во диктаторски земји, или како што се владеело во времето на „црниот комунизам“.

Со контроверзниот закон кој не е временски ограничен, се предвидуваат остри затворски казни за прекршителите на мерките за борба со пандемијата, како и за ширењето лажни вести, што се верува дека е директно насочени против слободите на медиумите и против опозицијата.

Законот веднаш предизвика остри реакции во рамките на Унијата, со силни критики и осуди за Орбан, затоа што ваквиот закон е директна закана за демократијата. Тој и онака е во судир со ЕУ околу неговото авторитарно владеење со Унгарија. Неговото членство во групата на европските Народни партии е суспендирано, а 13 земји каде има вакви партии сега бараат унгарската владеачка партија Фидес трајно да се исклучи.

Според Фон дер Лајен, вонредни мерки се дозволуваат во ваквите вонредни услови на пандемијата, но тие мора да бидат размерни, временски ограничени и под демократска контрола.

Бунт во затвор во Сибир

Густ чад и огнени пламени се гледале надалеку над руската област Сибир, откако избувнал голем пожар во еден затвор, лоциран во крајно оддалечените реони на Русија. Станува збор за силно обезбедуваната „казнена колонија“ која се наоѓа четири илјади километри источно од Москва и во која има околу 1200 затвореници.

Се верува дека пожарот бил подметнат, во текот на бунтот на затворениците.

Во соопштението на руските власти кое го пренесуваат западните агенции се вели дека бунтот бил совладан и ситуацијата била ставена под контрола, но официјалната верзија за настаните се разликува од онаа што ја имаат пласирано разните руски агенции за заштита на човековите права.

Властите тврдат дека затворениците нападнале еден стражар додека му помагал на затвореник кој „самиот се повредил“. Организациите за човекови права, кои се повикуваат на неименувани извори од затворот, меѓутоа, тврдат дека бунтот бил последица на бруталноста на стражарите и посебно на главниот стражар кој претепал еден од затворениците. Гневни на ваквата постапка за која тврдат дека е многу честа, затворениците почнале да се пресметуваат со стражарите и се верува дека тогаш бил подметнат и пожарот.

Руски хуманитарни организации тврдат дека властите толерираат насилство и претепување од страна на стражарите во затворите, а посебно во вака оддалечените казнени логори.

Џонсон излезе од болница

Британскиот премиер Борис Џонсон е отпуштен од болница каде се лечеше од Ковид-19 , респираторна болест предизвикана од коронавирусот – соопшти владиниот кабинет во Даунинг стрит 10.

Џонсон ја напуштил болницата, но нема веднаш да се врати на работа и да ја преземе премиерската должност. Засега тој ќе остане и понатаму во изолација.

Пред една недела, Џонсон (55) беше префрлен од домашниот карантин во болница со висока температура, која ја имал неколку денови и со силна треска. По првата ноќ во болницата, тој беше префрлен на одделението за интензивна нега, но не бил ставен на распиратор, тврдат лондонските медиуми.

Пред да ја напушти болницата, Џонсон им се заблагодарил на лекарите и на медицинските сестри кои една недела се грижеа за неговото здравје.

„Ним им го должам животот“ – рекол премиерот.

Борис Џонсон е првиот европски премиер кој заболе од Ковид-19 и една недела беше на болничко лекување.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе