Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Корона може да „испровоцира“ мали сипаници!

Yastremska/BigStock.com

Корона може да „испровоцира“ мали сипаници!

Епидемиолозите и здравствените експерти кои веќе неколку месеци водат борба со „кинескиот вирус“ предупредуваат дека короната и болеста Ковид-19 би можеле уште повеќе да ја искомпликуваат ситуацијата – „испровоцирајќи“ нова епидемија.

Станува збор за епидемија на мали сипаници, заразна болест на која Европа и светот како да подзаборавија во ова мачно време кога коронавирусот наплатува „данок во крв“ – убивајќи на десетици илјади луѓе низ САД, Европа и Азија.

Сипаниците во изминатите години создаваа сериозни проблеми во низа држави, проширувајќи се во зараза, иако здравствените експерти мислеа дека болеста е искоренета, затоа што за неа одамна постои вакцина, а претпоставката беше дека сите деца се имунизирани.

Измислена „дијагноза“

Враќањето на сипаниците ги изненади епидемиолозите и предизвика жестоки расправии во јавноста, откако на интернет се рашири приказната дека вакцината против сипаниците предизвикува аутизам, врз основа на едно (сега се откри) крајно непрофесионално „истражување“ на еден британски лекар од пред 20 години.

Лекарот е казнет со исклучување од лекарската комора на Британија, а неговата „теорија“ одамна е отфрлена како неточна и стручно е дисквалификувана, затоа што со ништо не беше докажана. Но, не мал број лекари (вклучувајќи и во Македонија) ги уверуваа родителите да „бидат внимателни“, или пак „да не брзаат“ со вакцинирањето.

Тоа практично беше совет да не се вакцинираат, па голем број деца останаа невакцинирани, а тоа создаде терен заразната болест – мали сипаници – да се врати и да предизвикува смрт – и кај лица на возраст меѓу 25 и 35 години – кои кога требало не биле вакцинирани.

Закана за 117 милиони деца

Последната година ситуацијата почна да се менува, иако не е мал бројот на родителите кои и понатаму тврдат дека „постојат докази“ за поврзаноста на вакцинирањето со аутизмот.

Меѓутоа, експлозијата на короната создаде ситуација – малите сипаници да се потиснат, како помал проблем, а потребата за вакцинирање да се подзаборави, сега кога епидемиолозите не може да ја запрат глобалната пандемија, а светот интензивно очекува откривање вакцина против Ковид-19.

На тоа предупредија УНИЦЕФ и Светската здравствена организација (СЗО) потсетувајќи дека дури 117 милиони деца би можеле да ја пропуштат вакцинацијата против сипаниците, затоа што не мал број држави прекинаа да вакцинираат, затоа што се зафатени со пандемијата со коронавирусот.

Освен тоа, тој процес не може да се изведува во услови на целосен карантин, на ограничено движење поради бројните мерки на заштита од Ковид-19 и над се, поради зафатеноста на комплетниот медицински кадар- посебно во епидемиолошкиот оддел.

Привремено одлагање

Според СЗО, 24 држави веќе известиле дека престанале да вакцинираат против мали сипаници, а 13 други најавиле дека тоа ќе го направат до крајот на оваа година.

„Станува збор за тежок избор – корона, или сипаниците – па СЗО ќе мора да прифати само ПРИВРЕМЕНО ОДЛАГАЊЕ – на вакцинирањето на децата, плашејќи се дека одењето на лекар во сегашните услови би можело да ја поттикне пандемијата, но децата НИКАКО НЕ СМЕЕ ДА ОСТАНАТ невакцинирани“ – инсистира Светската организација.

СЗО ги повикува здравствените власти низ целиот свет да не се откажат од операцијата за вакцинирање на децата, затоа што тоа подоцна да се врати со некоја нова епидемија. Малите сипаници можеби не се како короната, но се доволно тешка, опасна и смртоносна болест – како за децата, така и за возрасните, доколку не се вакцинирани.

Во сегашните услови на неопходно социјално дистанцирање, носење на деца на вакцинирање (секако) е опасна операција, но децата во никој случај не смее да останат невакцинирани. Таа обврска на родителите, но и на здравствените власти останува и на неа не смее да се заборави – предупредува Светската здравствена организација.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе