Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Москва: Ковид веќе не е под контрола

ProvoIvan/BigStock.com

Москва: Ковид веќе не е под контрола

Ситуацијата во Русија околу пандемијата со коронавирусот забрзано се влошува. Според руските официјални податоци кои властите и ги предаваат на Светската здравствена организација (СЗО), во оваа голема земја, која се простира на два континенти, има над 32 илјади заразени со овој вирус, а 273 починати.

Бројот на умрените сепак, е мошне низок за една Русија, ако се направи споредба со починатите пациенти кои ги бележат САД, како и петте големи европски држави. А, посебно, доколку руските бројки би се споредувале со земји какви што се Белгија, или Холандија, каде смртноста е и до десет пати повисока.

Прикривање на вистината?

Но, руските здравствени власти се загрижени што забрзано се зголемува бројот на новозаразените, што во претходните недели не беше случај. Во последните 24 часови, во петокот, кога е правен овој текст – дури 4070 нови лица се регистрирани како позитивни на вирусот, што е досега далеку најголема бројка во еден ден.

Уште се признава дека податоците не се конечни, затоа што не се добиени резултатите од сите републики во Руската федерација.

Долго време по избувнувањето на „кинескиот вирус“ и откако СЗО во средината на март прогласи глобална пандемија, официјална Москва се однесуваше без малку целосно незаинтересирано за она што се случува – во Азија, во Европа, пред се, а потоа и во САД.

Нивната борба со пандемијата, руската власт во својата јавност ја има прикажувано како „европска неспособност“, како крах на ЕУ и неможност да се справува со една ваква криза, што инаку е дел од стратегијата на Кремљ за дискредитирање на Унијата, одејќи им на рака на националистите и на крајната десница во Европа која заговара растурање на ЕУ.

Претседателот Владимир Путин уште почна да дели и „милосрдие“, па на определени земји (во ЕУ на Италија) да им дели руска помош и да им испраќа руски стручњаци, потоа на Балканот, на Србија, како и на Њујорк, во САД, во обидот да се прикаже „новото лице“ на Русија и на нејзиниот лидер.

Градоначалникот ја измени сликата

И тогаш, се појави една изјава на московскиот градоначалник – сојузник и човек на Путин – која ја измени состојбата. Тој јавно предупреди да не им се верува на бројките кои дотогаш се објавуваа и важеа за официјални – околу малиот број заразени и починати лица.

Излезе дека тоа, му го има речено и лично на рускиот претседател, па наеднаш бројките околу состојбата со пандемијата, почнаа забрзано да се зголемуваат.

Претходно, Путин зборуваше дека кај нив во Русија, короната е под контрола. Сега, меѓутоа, воведува ригорозни мерки за карантин – прво до крајот на април, а некои мислат дека тоа ќе трае подолго. Во меѓувреме беше откажана (или поместена) големата воена парада за 75 годишнината на Денот на победата, што требаше да се одржи на 9 мај.

Ги нема веќе ниту транспортните авиони со руска медицинска помош, затоа што стана јасно дека самата Русија нема за себе доволно опрема за вакви кризи, посебно кога станува збор за респираторите.

Руски здравствени експерти сметаат дека тамошниот здравствен систем не е подготвен за пандемии од вакви размери и дека заостанува зад западот, затоа што нема доволно опрема, како и медицински кадар, иако се уверува дека има лекари кои знаат и можат да излекуваат тешки инфекции на белите дробови.

Западни експерти, пак, сметаат дека ниту сегашните бројки што ги пласира Москва, не се реални и дека се продолжува со прикривањето на вистинската состојба – како околу бројот на заразените, така и за починатите, за кои се тврди дека мора да има многу повеќе.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе