Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Фидес на Орбан аут од ППЕ?

palinchak/BigStock.com

Фидес на Орбан аут од ППЕ?

Лидерот на групата европски народни партии, Доналд Туск изјави дека оваа политичко-идеолошка групација на десно-центристички партии „до крајот на оваа година ќе ја исклучи од членство унгарската партија Фидес“.

Во интервју за германскиот неделник „Шпигел“ Туск рекол дека (ново-донесениот) унгарски закон за вонредна ситуација, можеби не е спорен од правна гледна точка, но тој е далеку од тоа да биде демократски, ниту пак има било какви допирни точки со демократијата и посебно со демократските принципи на кои се потпира ЕУ.

„Колку пати досега во историјата сме биле сведоци дека политичарите ги користеле донесените закони за да си ги прошират своите овластувања кои инаку им се прецизно определени и одредени. Ние во Европа тоа го знаеме по приликите во Германија (во триесеттите години од 20 век)“

…рекол Туск, поранешен претседател на Европскиот совет и пред тоа и премиер на Полска.

Антиевропски закон

ЕУ остро реагираше на новиот закон уште додека за него се водеше расправа. Посебно остра беше реакцијата откако Парламентот во Будимпешта, каде партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан има апсолутно мнозинство, лесно и без подолга расправа го донесе овој контроверзен закон.

Законот е донесен на крајот на март во рамките на, како што се вели, борбата на унгарската влада со глобалната пандемија со коронавирусот, на територијата на оваа средноевропска држава, членка на ЕУ од 1 мај 2004 година. Всушност, со него само се засилуваат овластувањата на премиерот во борбата со епидемијата, што претходно ги има обезбедено воведувањето на вонредна состојба.

Проблемот со новиот закон е што тој му дава право на Орбан да управува со државата со декрети, право какво нема ниту еден друг премиер во ЕУ, како и што законот не предвидува временско ограничување до кога унгарскиот премиер ќе може да управува автократски.

Домашните критичари и организациите за демократски и човекови права предупредуваат дека законот може лесно и во голем обем да се злоупотребува- за пресметка со „непослушната“ опозиција и со независните медиуми и новинари кои во Унгарија се во апсолутно малцинство.

Контра опозицијата и новинарите

Според одредбите на новиот закон, власта би можела остро да ги казнува- со високи парични казни, но и со затвор – сите оние за кои владата ќе оцени дека го попречуваат спроведувањето на строгите мерки за борба со пандемијата, или за кои ќе оценат дека „шират лажни вести“.

Како во Унгарија, така и во ЕУ се верува дека ваквите одредби се насочени, пред се, кон домашната политичка опозиција и кон новинарите.

Партијата Фидес на Орбан веќе е суспендирана од членството во групацијата на европските народни партии, а таа суспензија беше еднаш продолжена. Во меѓувреме, партиите од 13 држави во ЕУ имаат побарано трајно исклучување на унгарската владеачка партија од ЕПП.

Лидерот на групацијата, Доналд Туск за „Шпигел“ рекол дека следниот состанок на земјите (партиите) од ЕПП ќе се одржи во текот на септември годинава, но дека до тогаш многу работи околу судбината на Фидес ќе се разјаснат. Тој верува дека партијата на Виктор Орбан нема повеќе да биде дел од европските народни партии.

Национализам и популизам

Унгарскиот премиер кој е десет години на власт, барем половина од својот мандат го помина „војувајќи“ против Брисел и ЕУ. Во основа, тој се спротивставува на основните принципи и правила на Унијата што, инаку, неговата земја се има обврзано дека доследно ќе ги почитува и ќе ги применува, уште во времето на преговарачкиот процес на Унгарија, како и со пристапниот договор за влез во ЕУ.

Откако е Орбан на власт, оваа земја, една од т.н. Вишеградска четворка, на државите од Средна Европа кои први го почнаа процесот на транзиција од комунизмот кон западната, граѓанска демократија, почна се повеќе да се врти кон крајната десница, популизмот и национализмот, која му беше потребна на унгарскиот премиер за да стане национален лидер.

Тој јавна почна да ја отфрла граѓанската либерална демократија како „надраснат и надминат концепт“ на Европа и тоа силно го примени при напливот на бегалците и мигрантите во Европа и во ЕУ, спротивставувајќи се на договорот на Унијата на сите членки, за солидарно учество во справувањето на бегалската криза.

Не само што одби Унгарија да им помогне на најтешко погодените Грција и Италија, туку настапуваше со најтврди националистички ставови против бегалците воопшто, давајќи изјави во стилот дека „тој (Унгарија) ја чуваат Европа од исламизацијата.

Ваквите изјави подоцна ги имплементираше во кампањата за зголемување на, инаку, традиционално нискиот наталитет во Унгарија, зборувајќи им на Унгарците да „се раѓаат повеќе унгарски деца, наместо да се примаат нехристијански странци“.

Свртување кон крајната десница

Кога ЕУ и Брисел почнаа силно да реагираат на сите овие негови потези, Орбан започна јавна расправија со Европската комисија и со нејзиното водство. Кога Комисијата формално ја обвини Унгарија за неприменување на европските (на ЕУ) правила и прописи, тој за последните избори во неговата земја покрена кампања во која повеќе се напаѓаше Брисел, отколку домашната опозиција.

Со парите кои ги има добиено од европските развојни фондови, за трансформацијата на оваа поранешна комунистичка земја, Орбан се расправаше со Брисел, правејќи им голема услуга на путинова Русија и на европската крајна десница, предводена од Марин Ле Пен и Матео Салвини, чија цел е создавање „црна алијанса“ во Европа.

Со неа би требало да се растури ЕУ онаква каква е и каква треба да биде, затоа што е создадена за да не се дозволи повампирувањето на национализмот и на ултра-десничарењето на европскиот континент.

Орбан упорно тврди дека не ни помислува да ја напушти ЕУ, како и дека не сака да се приклучува на крајната десница во Европа. Но, барем последниве пет години тој, идеолошки, е многу поблиску до нив, отколку до десно-центристичките партии каде неговата Фидес, се уште, барем формално, припаѓа.

Своето антилиберално, што ќе рече, антиевропско дејствување тој го има раширено низ нему најблискиот регион- Западен Балкан, што пак е опасно за тамошната кревка демократија.

Интимничење со македонските националисти

Освен сојузништвото со националистите на Словенецот Јанез Јанша, кој во еден сплет на партиски игри, одново е премиер, Орбан е исклучително близок со актуелниот српски претседател, како и со македонските националисти, собрани во опозициската партија на побегнатиот осуденик за криминал, поранешен премиер.

Тој сега се крие во Будимпешта од каде раководи со партиското водство во Скопје.

Колку за потсетување, токму унгарската тајна служба го има извлечено осуденикот да не оди во затвор, па преку Албанија, Црна Гора и Србија го има префрлено на безбедно, во Унгарија, каде ужива политички азил.

Унгарците на секој начин им имаат помагано на осуденикот и на неговото друштво да останат на власт, а потоа и да ја блокираат државата во сите реформски процеси што ги покренуваше новата власт.

Многу веројатно дека Орбан и неговата партија, сега ќе прават се што мислат дека треба да прават, за да ги вратат на власт нивни сојузници и истомисленици, а и да го рехабилитираат избеганиот осуденик. Онака, како што и помагаат на српската актуелна власт да не доживее пораз на тамошните избори.

Впрочем, само во Белград и ген. секот на партијата на бегалецот во Скопје, јавно признаваат дека орбанова Унгарија им е модел за Европа!

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе