Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Лондон бара маски

Maridav/BigStock.com

Лондон бара маски

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан побара од британската влада да наложи задолжително носење заштитни маски за лице, за луѓето кои се движат низ Лондон, или кога пазаруваат.

Според градоначалникот, искуството од целиот свет покажува дека маските помагаат во запирање на ширењето на вирусот.

Тој го посочува примерот на Њујорк, каде постои наредба да се носат маски, или ако не може да се обезбедат (што таму долго време беше проблем), да се носат платнени марами преку устата и носот, како и задолжително да се одржува оддалеченост меѓу луѓето од барем два метри.

Неопходни за надвор од дома

Кога луѓето се возат во јавниот превоз – било да се автобуси, или во подземната и надземната железница – одржувањето на таквата оддалеченост е тешко изводливо, па затоа во таквите ситуации, а нив ги има постојано во Лондон, маските стануваат неопходни – рекол во разговор за Би-Би-Си, градоначалникот Садик Кан.

Градските власти подготвуваат и кампања за тоа дека со маските луѓето си помагаат меѓу себе, но и самите се заштитуваат.

„Носете маска, за да ме заштитиш и за да се заштитиш себе си“ – гласи една од пораките.

Но, во Лондон, како и низ Европа и светот, меѓу луѓето од здравството постојат поделени мислења околу ефикасноста од носењето маски за лицето.

Едни сметаат дека тие не може да спречат од заразување, но други ги отфрлаат таквите мислења, оценувајќи ги како штетни и сосема погрешни и го посочуваат примерот од земјите од Азија, а посебно од Јапонија, Јужна Кореја и Тајван.

Примерот од Азија

Таму маските се носат многу често, не само во случај на епидемии, па и во време на „обичен грип“, туку и како заштита од редовно загадениот воздух во големите градски средини, а посебно кога некој кашла, или му тече носот – и за тоа не се чека наредба од лекар, или уште помалку од владата.

Сега експертите тврдат дека во Европа, здравствените власти погрешиле што не наложиле уште веднаш носење маски на лицето. Клинички маски какви немаше долго- да носат само лекарите и медицинскиот персонал, додека сите другите, обичните луѓе, надвор од дома, да носат обични маски.

Особено што требаше време за да се сфати дека за тоа не треба голема технологија, бидејќи може да се направат и дома.

Градоначалникот на Лондон смета дека со носењето маски, луѓето вистински може да им помогнат на здравствените работници во јавното здравство, за смалување на приливот на новозаразени и заболени пациенти.

Карантинот останува

Засега, нема реакција од британската влада, освен дека не се размислува за олеснување на карантинот и на заштитните мерки. Британскиот министер Мајкл Гоув ги отфрли како сосема неточни разните прилози на социјалните мрежи дека владата ќе почне со ублажување на мерките за ограничување, воведени поради коронавирусот.

Длабоко загрижуваат бројките за високата смртност во Британија, во последните денови, за да воопшто се размислува за попуштање на карантинот – рекол министерот Гоув.
Без малку 16 илјади починати се регистрирани во британските болници, а последните три денови, секој ден имаше регистрирано по над 800 починати.

Според лондонските медиуми, до 13 април во домовите за стари лица имало уште 2500 умрени, кои не биле никаде регистрирани.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе