Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Пад на ултра-десницата во Германија

artefacti/BigStock.com

Пад на ултра-десницата во Германија

Крајната германска десница во изминатите неколку години, по кризата што настана со напливот мигранти и бегалци во 2015/2016 година, почна да добива се повеќе приврзаници во домашната јавност. Прво, на територијата на некогашната Источна Германија, а подоцна нејзиното политичко влијание се прошири и на Западот од земјата.

Главната партија на ултра-десницата, Алтернатива за Германија (АфД) дури влезе и во германскиот Бундестаг.

Тоа беше време на наплив на ултрашите, на разните националистички, расистички и популистички групи и партии низ ЕУ, но и низ Европа. Користејќи го екстремниот национализам како објаснување за својот незадоволителен статус во општеството, тие заговараа не само драматични промени во своите земји, туку по правило се нафрлаат и врз ЕУ, онаква како што таа е замислена, како брана против враќањето на национализмот и омразата.

Засилени позициите на Меркел

Последните евроизбори (во мај минатата година) покажаа забавување на десничарењето во најголемиот број земји од ЕУ. А, тие не постигнаа успех како што најавуваа ниту во Германија.

Како сега стојат работите, изгледа дека Германците продолжуваат да се ладат од десничарењето и во актуелните услови на кризата со глобалната пандемија со коронавирусот.

Истражувањето на една германска агенција, направена за весникот „Билд ам Зонтаг“ покажува дека кога сега би се одржале избори, Алтернатива за Германија (АфД) би освоила само 9 отсто од гласовите.

Тоа е драстичен пад во споредба со претходните позиции минатата година, па и пред избувнувањето на епидемијата.

Испитувањето на јавното мислење открива дека најдобро стои партијата на канцеларот Ангела Меркел и на ЦДУ/ЦСУ со поддршка од 38 отсто. Коалицискиот партнер – Социјал-демократите имаат добиено нешто над 18 отсто, што е подобрување во однос на нивната претходна позиција, додека Зелените имаат добиено 16 отсто поддршка, што е намалување за четири отсто, во споредба со постигањето на последните парламентарни избори.

Анализите на ваквата позиција на крајната десница, како и засилената позиција на владејачкиот блок партии, тргнуваат од тоа дека сето ова е нормално и очекувано. Посебно, затоа што доаѓа во време на сериозна криза.

Не е време за политички игри

Според германските комуниколози граѓаните и даваат силна поддршка на владата која војува со пандемијата, затоа што во ова време, луѓето не ги интересираат политичките игри и пропагандата на десницата која се потпира на критиките врз владата.

Најчесто, притоа, не нудејќи никакво решение, или алтернатива на она што го прават владините министри. Луѓето сега ги интересира само да се излезе од кризата во која е втурната земјата, со пандемијата и ја поткрепуваат владата да истрае во таа борба.

Што се однесува за АфД за неа се знае како таа работи – собира гласови со својата груба, сурова пропаганда на социјалните мрежи- нафрлајќи се врз владата често со лажни „податоци„ со измислени информации, или со полувистини, само за да собере поддршка за своите цели. Она што германската крајна десница обично и нуди на јавноста тоа е голата критика врз владата и ништо друго.

Во ова време, Германците, а и луѓето (гласачите) во сите други земји, единствено што ги интересира е побрзото враќање во условите од пред кризата- сметаат германските аналитичари, заклучувајќи дека ова не е време за прибирање политички поени, кога земјата е нападната од „невидлив непријател“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе