Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Само шест отсто Французи се имуни на корона

BalkansCat/BigStock.com

Само шест отсто Французи се имуни на корона

Само шест отсто од Французите ќе бидат имуни на коронавирусот, кога во Франција ќе се почне со намалувањето на мерките од карантинот, што се најавени за 11 мај

…соопшти угледниот француски институт „Пастер“.

Експертите на институтот сметаат дека тие 6 отсто се премногу малку за да може земјата да се одбрани и да го одбегне (потенцијалниот) втор бран од пандемијата.

Според нивното објаснување, ваквата закана постои само доколку француската влада се одлучи од 11 мај да ги укине сите сегашни ограничувања и животот во земјата да го врати во „нормала“ – како што тоа беше пред избувнувањето на корона пандемијата.

За да се постигне колективен имунитет, потребно е дури 70 отсто од населението да имаат стекнат имунитет, а за едно такво постигнување, според експертите на „Пастер“, Франција е се уште мошне далеку.

Успех на карантинот

Владата во Париз најави дека постепено ќе почне со ограничено намалување на карантинот во земјата од 11 мај. Како оправдување за ваквата одлука, се користат податоците за малиот процент на заразените во вкупната бројка на населението.

Но, луѓето од институтот тврдат дека тоа е постигнато само поради карантинот, со мерките за ограничено движење и одржувањето на социјалната дистанца. Само на тој начин- епидемиолошката статистика- според која еден заболен, заразува други три лица, сега е сведена на само половина лице, изразено во проценти.

Целта на карантинот, како во Франција, така и низ Европа и светот е спречување на ширењето на заразата и масовниот прилив на пациенти во болниците. И тоа е постигнато. Доколку не се овие мерки би дошло до целосно „задушување“ на јавниот здравствен систем, а пред се, до колапс на болниците.

Ниту 20 отсто не е доволно

Затоа, експертите од „Пастер“ предупредуваат да не се избрзува со олеснување на карантинот, а особено со тоа изолацијата целосно да се напушти.

Нивните проценки се дека во Франција, држава од 65 милиони жители, за 18 денови кога ќе се почне со „олабавување“ на мерките за ограничување – само за 3,7 милиони Французи ќе може да се рече дека се имуни на коронавирусот.

-Тоа е многу малку. Дури и наместо шест отсто, процентот на имуни лица да изнесува и 20 отсто, ништо позначајно нема да се постигне, ниту пак ќе се измени сегашната слика- сметаат експертите на институтот „Пастер“, предупредувајќи против наглото укинување на карантинот.

Во одделно соопштение, на ваквото предупредување, на некој начин, се надоврзува и Светската здравствена организација (СЗО). Нивните експертски тимови проценуваат дека- и глобално- само мал број од светската популација има антитела во крвта кои покажуваат дека биле заразени од корона.

Внимателно со заклучоците

Ваквата констатација на СЗО, практично, ја урива теоријата на „стадото“ (на колективниот имунитет) што на почетокот од пандемијата се обидоа да ја промовираат и да ја употребат кај себе, прво Британија, а потоа и Холандија, па сега се соочуваат и со голема маса заразени лица и висока смртност.

Епидемиолозите објаснуваат дека серолошките анализи треба да покажат колкав процент од луѓето биле инфицирани и развиле антитела, а тоа значи дека имаат развиено имунитет. Но, извршените тестирања откриваат дека тој процент е исклучително низок и се движи меѓу 2 и 3 отсто.

Експертите, исто така, се внимателни и при донесувањето заклучоци, затоа што може процентот да излезе и повисок, но сепак, многу е рано да се мисли дека веќе е обезбедена имунолошка база. Американскиот епидемиолог Марија ван Керхов, има изјавено за европските медиуми дека доколку некое лице покаже оти ИМА АНТИТЕЛА ВО КРВТА, ТОА НЕ ЗНАЧИ ДЕКА Е ИМУНО на коронавирусот.

Едноставно, нема доказ дека таквото лице е заштитено и дека нема повторно да се зарази од истиот овој вирус

…предупредува овој американски епидемиолог.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе