Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Кина одбива меѓународна истрага за Вухан

ronniechua/Bigstock.com

Кина одбива меѓународна истрага за Вухан

Кина ги отфрли сите барања на меѓународната јавност за спроведување на независна, интернационална истрага за појавата, потеклото и за раширувањето на коронавирусот, што тргна од кинескиот град Вухан и со големa брзина се рашири низ Кина, а потоа и низ целиот свет. Како глобална пандемија, вирусот и болеста која ја предизвикува (Ковид-19) најтешко ги погодија Европа и САД, каде се регистрирани и најголем број инфицирани, со највисока смртност.

Иако станува збор за најголемата пандемија што го има погодена светот во последните 100 години, висок кинески дипломат од амбасадата на Кина во Лондон изјави дека  сите барања за меѓународна истрага се „политички мотивирани“ па затоа се и неприфатливи. Тој уште додава дека исполнувањето на такво барање само би го „оттргнало вниманието од борбата на Кина со вирусот“.

Светот бара истрага

-Никој не може да прифати и да се согласи со едно вакво барање- рекол дипломатот за британскиот Би-Би-Си, додавајќи дека сите до сега слушнати барања и објаснувања, зашто тоа се прави, се засниваат само на „ обични гласини“, потоа  дека станува збор за „ дезинформации“ и дека сите тие, во крајна линија, биле „ многу опасни“.

Со таквото кинеско објаснување и посебно, со отфрлањето на официјален Пекинг за спроведување независна истрага, не се согласуваат сите оние низ Европа, низ САД и светот кои бараат детално и непристрасно да се истражи пандемијата која остава тешки последици и врз глобалната економија, финансиите и развојот. Тие ги отфрлаат кинеските одбивања за „политички мотиви“ во барањето и инсистираат дека целта е здравствена и научна, па  според тоа и крајно неопходна.

Светот мора да знае што го снајде, наеднаш и со жестина каква никој не предвидуваше дека е можна, а тоа може да се разбере само ако се знае – како настанал и како се проширил овој вирус , бидејќи со овие сознанија би им се помогнало  на државите кои, без малку, три месеци, се борат со него, не успевајќи да го совладаат.

До правењето на овој текст, речиси три милиони луѓе се заразени и заболени, а без малку 200 илјади се починати од корона вирусот.

„Влажни пазари“

Како и да е, факт е,  а тоа не го одбиваат и Кинезите, дека 11 милионскиот Вухан е епицентарот на вирусот и на пандемијата.

Првата претпоставка на вирусолозите е дека корона има тргнато од еден од „ влажните“ пазари во градот во кои се продава се и сешто, во крајно сомнителни хигиенско-санитарни услови- свеж зеленчук и овошје, кои постојано се влажат со вода, потоа риба која се чисти, мие и нуди на самото место, потоа разна живина- заклана и жива, како и животни, не ретко и диви!

Згора на се, на ваквите пазари кои ги има низ цела Кина, пазарџиите и купувачите, а нив ги има многу, затоа што цените на нив се многу пониски, таму и се хранат од она што се продава. Оваа претпоставка уште од почетокот не ја отфрлаа ниту кинеските епидемиолози, иако нивните гледања за пазарите не се воопшто идентични со оние од критичарите од другите делови од светот.

Втората претпоставка е дека вирусот, можеби, потекнува од лабораторија, особено што токму во овој кинески град работи научна лабораторија за вирологија. Експерти сметаат дека многу е веројатно , при експериментирањето , да се случил некаков инцидент и вирусот да излегол од контрола.

Сомнежи од „Пастер“

Ваквата претпоставка се гради на сознанието дека научниците од францускиот институт „ Пастер“ утврдиле дека „коронавирусот нема природно потекло“. Според вирусологот Лук Монтањије , добитник на Нобеловата награда во 2008 година, „веројатно е дека имало некаква манипулација со овој вирус“.

Оваа констатација на француските научници , кинеската страна категорично ја отфрла- како околу тоа дека се работело на вируси, така и дека имало инцидент во лабораторијата во Вухан. Единствени кој застанаа во одбрана на Кинезите останаа Русија и официјална Москва, иако руската страна беше првата која реагираше на заразата во Вухан  со затворање на руско-кинеската граница.

Во меѓувреме американскиот претседател Доналд Трамп и САД , во неколку наврати го обвинуваа Пекинг дека не го известил светот на време за силината на вирусот, објаснувајќи дека доколку тоа се знаело на време, светот порано би се подготвил за она што ги очекува.

Неверување во кинеските податоци

Во една друга прилика, Трамп има речено дека „ би можел да има разбирање за можна грешка во лабораторија“, но дека доколку не станува збор за грешка, туку дека Кина намерно го има „ испуштено“ вирусот- тогаш ќе мора да плати висока цена.

Подоцна, една од сојузните американски држави- Мисури- има поднесено тужба против Кина, до еден федерален суд во САД , со обвинување дека властите во Пекинг имаат премалку направено за да се спречи ширењето на вирусот надвор од кинеската територија.

Коронавирусот е трет вирус, кој добива глобални пандемски димензии, за помалку од десет години, а доаѓа некаде од кинеската територија-  после Сарс и  птичјиот грип. Кина сега, се погласно и почесто,  се обвинува и за манипулација со податоците околу заболените и починатите.

Во Европа и во САД , малку кој повеќе верува дека една Кина има двојно помалку заразени од Италија, или дури девет пати помалку од САД, кога се знаат какви се европските и американските здравствени системи, во споредба со кинескиот.  Или уште повеќе – дека деветмилионска Белгија има 2500 лица повеќе починати од вирусот,  отколку цела Кина, со нејзините 1,5 милијарда население.

(С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе