Поврзете се со нас

Skopje Global

Се самоуби лекарка на корона пациенти

Брифинг/Weekly

Се самоуби лекарка на корона пациенти

Andy Dean Photography/BigStock.com

Се самоуби лекарка на корона пациенти

Американската лекарка Лорин Брин, која лекувала пациенти заболени од коронавирусот, се самоубила во домот на своите родители, додека била на опоравување.

Брин работела како раководител на одделението за итни случаи во една од болниците во Менхетн, во Њујорк, а по избувнувањето на пандемијата со овој вирус, била во првата линија на лекарите и на здравствените работници кои први се соочувале со заразените пациенти.

Весникот „Њујорк Тајмс“ ја опишува како „ вистински херој, во тешката рововска битка со пандемијата“, додека нејзиниот татко, исто така лекар, тврди дека таа немала никаква ментална болест.

„Нејзината посветеност на професијата и на работата ја одведоа во смрт“ – изјавил таткото за овој весник.

Брин и самата станала жртва на вирусот, откако се заразила на работното место, но по десет денови минати во изолација и лекување се вратила на работа.

На притисок од семејството, болницата се согласила да оди кај родителите на опоравување. Таму и се случил трагичниот инцидент. Според полицијата, таа починала во болница од раните кои самата си ги има нанесено.

Таткото сега открива дека неговата ќерка-лекарка била мошне потресена од она што го гледала и од она што се случувало во болницата.

Во еден момент му признала дека пациентите умирале уште веднаш при изнесувањето од амбулантите возила, пред воопшто да бидат внесени во болницата.

Експерти објаснуваат дека лекари кои се постојано во првите линии и кои се соочуваат со масовно умирање, не се имуни на менталните или физичките ефекти од пандемијата.

Овие луѓе, како екипите во одделенијата за итни случаи, работат во исклучително стресни услови, а коронавирусот, нормално, ја има направено нивната работа уште постресна.

Една третина од сега веќе над еден милион заразените лица во САД, се однесуваат на пациенти од сојузната држава Њујорк. Една четвртина од нив, се во градот Њујорк. Над 17.500 лица починаа досега во овој осум милионски град.

Карантин за оние кои ќе допатуваат во Британија

Британската влада најавува нови правила во секторот на имиграцијата, уште во времето од пред избувнувањето на пандемијата со коронавирусот.

Основното е дека ќе се воспостави силна контрола на приливот на имигранти, како од земјите на ЕУ, од каде Британија се повлече, така и од неевропските држави.

Сега, меѓутоа, се навестува и една вонредна мерка, директно поврзана со раширената зараза. Станува збор за тоа дека сите кои ќе допатуваат во Велика Британија од странство, веднаш ќе бидат испратени во карантин, каде ќе мора да останат две недели.

Веста за тоа прв ја објави проконзервативниот весник „Дејли Телеграф“, но владата, таквата информација ниту ја потврди, а ниту ја демантираше.

Весникот кој инаку важи за добро информиран кога станува збор за состојбите во редовите на ториевцте и на сегашната влада, тврди дека ваквата мерка, во основа е прифатена, но дека се работи на определување на деталите, а посебно на тоа како таа ќе се спроведува практично.

Но, впечаток во домашната јавност е дека ваквата мерка доаѓа прилично задоцнето, во споредба со сите други земји во Европа, како и низ целиот свет.

Британија досега има службено регистрирано 162 илјади заразени и околу 22 илјади починати.

Земјата е единствена во светот чиј премиер беше заразен и пренесен во болница, на лекување, на интензивна нега. Се врати на работа по без малку еден месец отсуство.

Русија нема доволно заштитна опрема за лекарите

Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат призна дека земјата се уште нема обезбедено доволно заштитна опрема за лекарите и за медицинскиот персонал во болниците, за борбата со пандемијата со коронавирусот.

„Во споредба со претходно (март) имаме големо зголемување на ваквата опрема (заштитни маски, мантили и специјална облека), но и покрај увозот од странство и максимално зголеменото производство сето тоа е недоволно за да се обезбеди медицинскиот кадар“ – рекол рускиот претседател во едно ТВ обраќање.

Тој рекол дека состојбата е потешка во внатрешноста на државата, во руските региони.

Во Русија, каде многу подоцна почна да се зборува за битката со вирусот, во 24 часови, меѓу неделата и понеделникот , имало 6500 новозаразени. Официјлно во земјата има без малку 100 илјади инфицирани лица и помалку од 900 починати. Според претседателот, ситуацијата со вирусот е „релативно стабилна“ , но потврдил дека вкупната состојба и понатаму останува „крајно сложена“.

“Сега се наоѓаме пред најтешката етапа од пандемијата” – изјавил Путин.

Наредбата за карантин на територијата на државата останува и понатаму и таа сигурно ќе биде во сила до 11 мај. Властите веќе ги откажаа првомајските манифестации, како и парадата за Денот на победата, што овој пат требаше да се одржи во чест на 75 годишнината од крајот на Втората светска војна.

Она што Владимир Путин, исто така, за прв пат призна во своето обраќање тоа е дека „стопанството на Русија е во тешка состојба“.

Поради тоа, претседателот најавил дека од 11 мај ќе се почне со етапно обновување на производството кое сега е целосно запрено.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе