Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Британија со најголема смртност по Италија

Loveandrock/BigStock.com

Британија со најголема смртност по Италија

Бројот на починатите од коронавирусот во Велика Британија е значително зголемен по извршената ревизија на „црниот биланс“ од пандемијата, откако во вкупната бројка на жртвите од вирусот се внесени и умрените во домовите за стари лица и за нега на старите и немоќните.

Тие, според признанието на здравствените власти, досега не беа внесувани во вкупната бројка на починати.

Досега, официјално, во Британија има над 165 илјади инфицирани со коронавирусот, а се броеја и 21.678 умрени пациенти во болниците.

По корекцијата, бројот на умрените изнесува малку над 26 илјади, па Британија изби на второ место во Европа, зад Италија која има околу 28 илјади смртни случаи, а се искачи како трета во светот.

Америка со своите 62 илјади жртви, е убедливо прва, надминувајќи го на тој начин и бројот на умрените Американци во десетгодишната војна во Виетнам – што траеше од средината на шеесетите, до средината на седумдесетите години на 20 век.

„Заборавени“ домовите за стари лица

На европскиот континент зад Британија сега се Шпанија и Франција. Германија, пак, останува своевиден „феномен“ со помалку и заразени, а посебно со ниската смртност која во оваа земја од над 85 милиони жители и 162 илјади заразени, изнесува околу 6500 лица, а тоа значи – четири пати помалку од британските бројки.

Смртноста во Британија, на тој начин, е зголемена за 4078 лица и тоа се сите стари и неможни луѓе од домовите – изјавил Доминик Раб, министер за надворешни работи кој изминатите неколку недели го заменуваше премиерот Борис Џонсон додека се лекуваше од коронавирусот.

Тревогата за „грешката“ во броењето на жртвите од пандемијата и во нивното евидентирање ја имаат утврдено управниците на домовите за стари лица кои посочува од порано дека државната статистика не ги брои жртвите во нивните домови.

Управниците уште обвинуваат дека не само што здравствените власти заборавија на оваа најранлива категорија луѓе и ги оставија, практично, без мерките за заштита и лекување, туку го имаат заборавено и здравствениот персонал во старските домови, каде има починато и медицински работници кои се грижат за овие возрасни пациенти.

Пандемијата попушта?

Владата во Лондон , сепак, верува дека пандемијата „полека попушта“ и дека Британија нема да премине и Италија во „црниот биланс“ со короната.

Во меѓувреме, веќе извесно време во британската јавност, како и во дел од медиумите се притиска врз владата и врз здравствените власти за да ги „олабават“ строгите мерки за одбрана од вирусот, како и карантинот што е воведен на 23 март.

Се бара отворање на пабовите и на кафулињата, како и на училиштата и на некои културни установи, а спортските фанови бараат да се дозволи да се доврши годинешнава фудбалска сезона.

Се очекуваше, премиерот Џонсон по враќањето на работа, да предложи пакет-мерки за олеснување на карантинот, но тој, засега, не брза со тоа.

Побара од Британците да се воздржат уште, не криејќи дека стравува од можноста за „втор удар“ на вирусот и враќање на пандемијата.

Задоцнета реакција

Критичарите, меѓутоа, тврдат дека владата стравува затоа што се уште не се извршени тестови за тоа кои се позитивни на вирусот- не само на населението, туку и на медицинскиот кадар.

Многу лекари и медицински сестри кои се на истурени позиции во болниците се уште не се тестирани.

Има незадоволство меѓу здравствените работници дека се уште немаат доволно заштитна опрема, што сметаат дека е недопустливо за земја каква што е Британија.

Освен тоа, сега се бара и одговорност за тоа зашто земјата и здравствените власти толку доцна се определија за карантин и за заштитни мерки, правејќи се како да пандемијата ќе ја одмине државата, иако во соседството веќе се водеше битка со заразата и се броеја жртвите.

Се смета дека владата погрешила што им веруваше на неколкумина домашни експерти- вирусолози кои заговараа т.н. „колективен имунитет“.

Многумина во Британија и во светот го протолкуваа тоа како суров начин земјата да се „ослободи“ од старите лица, од немоќните и од оние со природно послаб имунитет, па владата се откажа од тие совети и го прифати методот на заштита и на карантин, како што тоа веќе сите на континентот го применуваа.

(Д.Л.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе