Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Коронавирусот не е совладан

Tuzenko/BigStock.com

Коронавирусот не е совладан

Државите низ светот, секоја за себе, различно реагираат за тоа како ќе продолжат понатаму во борбата со глобалната пандемија со коронавирусот, но што се однесува до Европа, повеќе од земјите најавуваат дека до средината мај ќе ги олеснат мерките од карантинот во кој се најде целиот континент.

Сето тоа го оправдуваат со уверувањето дека „ пикот“ на заразата е надминат или полека се надминува, барем во државите од Западот и Југот на европскиот континент, што инаку го понесоа и најголемиот дел од товарот на епидемијата и каде бројот на жртвите, не сметајќи ги САД, е далеку најголем. Многу повеќе и од Кина, каде ни го „спакуваа“ вирусот од Вухан што потоа со неверојатно голема брзина се разнесе низ светот.

Олабавување на карантинот

Тоа посебно се однесува на Италија, пред се, која во карантин се наоѓа веќе седум недели и каде до сега има 28 илјади починати, а потоа и на Шпанија и Франција, а во последно време и на Велика Британија, како и на „малечката“ Белгија, која останува држава со најголема смртност во светот – по глава на жител.

Италијанската влада навести олабавување на карантинот и отворање на музеите, археолошките локалитети и на делови од трговската мрежа – како од економски причини, така и од психолошки, за да се ослободи населението од психолошкиот притисок на долгата изолација. Владата во Мадрид вели дека ќе го следи италијанскиот пример, а Франција тоа ќе почне да го спроведува од 11 мај.

Австрија од почетокот на мај ги отвора своите туристички локалитети, делови од трговијата, а сака постепено да ги отвора и училиштата. Тоа го навестуваат Скандинавците, па дури и Белгија. Дури и една Русија која последниве денови бележи раст на бројот на новозаразените од по пет-шест, па и седум илјади лица во 24 часови, навести дека после 11 мај ќе ги олабави мерките на карантинот, што таму беше многу подоцна воведен.

Ако тоа и се случи, тоа многу повеќе ќе биде од економски причини, бидејќи руското стопанство се најде во многу тешка ситуација, најмногу поради драстичниот пад на цената на нафтата (и гасот) – главните руски извозни производи, од кои доаѓа и најголемиот дел од приходите на оваа држава.

Премногу рано и брзо

Епидемиолозите, меѓутоа, предупредуваат дека целиот овој бран на своевидно „ослободување“ во Европа , што се совпаѓа со мај- најубавиот месец од пролета – тргнува некако премногу брзо и тие сметаат и премногу рано.

Иако ситуацијата во Европа е значително подобрена последниве десетина денови, не може да се рече дека вирусот е совладан. Тоа се однесува за светот, но многу повеќе за европскиот континент, каде и понатаму, дневно, бројот на заразените бавно се намалува, а смртноста, иако значително помала, останува да биде висока. Во последното дено-ноќие пред правењето на овој текст, во Шпанија, на пример, се регистрирани нови 2800 случаи на заразени, а во Италија нови 1900 лица.

Светската здравствена организација (СЗО) порачува дека попуштање (во карантинот) може да има, но дека целосното укинување може да предизвика повратен удар на пандемијата, можеби и во поостра форма.

Никој од експертите не е сигурен дека оние кои прележале Ковид-19 сега се имуни, затоа што има случаи (во Јужна Кореја) таквите пациенти, одново да се позитивни на вирусот. Исто така, се почесто се зборува за атипчни облици на корона и на случаи на инфицирани (позитивни на тестовите) кои не покажувале никакви знаци дека се заразени, а кои лекарите досега ги препознаваа.

Нема отпорни на вирусот?

Дури тоа и да не мора секаде да е така, според угледниот француски институт „ Пастер“ од Париз, на 11 мај, кога Франција ќе почне со олеснувањето на мерките, едвај 6 отсто од Французите ќе може да се рече дека се имуни и отпорни на вирусот. Тоа е премногу малку, затоа што за некаква колективна имунизација е потребно дури 70 отсто од населението да биде означено како имуно.

Затоа и тамошните епидемиолози ги предупредуваат претседателот Емануел Макрон и владата дека доколку за десетина денови, во Франција целосно би се укинал карантинот, тогаш земјата ќе се најде во нова пандемија која потоа многу потешко ќе се совлада од сегашната, затоа што ќе се оддолжи до есен.

Тоа најдобро го покажува примерот на Германија. Оваа земја која е далеку најуспешна (на европскиот Запад) но и воопшто во третманот на вирусот- затоа што со сета своја големина има регистрирано помалку смртни случаи и од соседна Белгија (6600 починати пациенти) – открива дека веднаш по малото олеснување на мерките за изолација и карантин, бил регистриран благ пораст на бројот на заразените, но и на смртноста- меѓу сто, до 300 починати дневно.

„Математиката“ на Меркел

Канцеларот Ангела Меркел го искористи тоа за да уште еднаш ги предупреди Германците дека олеснувањето на некои од мерките за изолација, не значи враќање во нормала, или на животот и однесувањето на времето пред избувнувањето на пандемијата.

Коефициентот RO, кој покажува колку лица заразува еден заболен, мора да биде под 1. (Тоа значи еден заразен да инфицира помалку од едно здраво лице). Ако тоа не се одржува на такво ниво, ќе се врати пандемијата, а со тоа и сите досегашни строги мерки за ограничување. Во овој момент Германија е многу блиску до коефициентот 1. Но, доколку тој нарасне на 1,1 тогаш во октомври ние Германците ќе имаме тешка ситуација. Едноставно, ќе немаме доволно кревети во одделенијата за интензивна нега. Ако, пак, коефициентот се искачи на 1,2 тогаш германскиот здравствен систем ќе колабира, уште во текот на ова лето – во јули – предупреди Меркел.

Таа зборуваше за Германија, за земјата која во ЕУ/Европа има далеку најмногу кревети во интензивна нега (со респиратори), па изминатите недели можеше, солидарно, да прифати на лекување пациенти од Италија и од Франција и која дури од САД се посочува како земја-модел за справување со коронавирусот. А, тоа, секако се однесува и за сите други држави – големи и мали – богати и помалку богати – со модерно и опремено, или со помалку подготвено јавно здравство за вакви предизвици, како сегашната криза.

Мал маневарски простор

Едноставното објаснување на Меркел и предупредувањето што таа го изнесе – за трите сценарија – би можело да се случи во Германија, но и во секоја од европските држави, доколку попуштат „сопирачките“ кај населението, како и кај медиумите, доколку и тие заборават дека МНОГУ МАЛКУ Е ПОТРЕБНО, ЗА ДА СЕ ОБНОВИ ПАНДЕМИЈАТА ВО ПРВИЧНИОТ ОБЛИК!

Германските здравствени власти, затоа, ги повикуваат Германците да не се отпуштат, а тоа значи и натаму да останат, колку што можат повеќе дома, да ги почитуваат ограничувањата и над се, да внимаваат на одржувањето на социјалното дистанцирање- секаде и на секое место, освен дома- на 1,5 до 2 метри.

Директорот на германскиот институт „Робер Кох“, Лотар Вилер предупредува дека и покрај сите постигнувања на германското здравство во борбата со пандемијата, маневарскиот простор на Германија, како тоа го објаснува канцеларот Меркел, е мошне мал за да може да дојде до опуштање и доколку се мисли дека во мај, па и потоа ќе може да се зборува за нормална ситуација.

СЗО, пак, од порано укажува дека досега никој го нема победено вирусот. А, тоа е веќе сериозно предупредување.

Завршено „прво полувреме“

Со јазикот на фудбалот сегашната состојба е како да е завршено едно полувреме, кое поминало во сосема неизвесна игра. А сега преостанува да се доигра второто полувреме во кое никој не знае како тоа ќе заврши. Во тој стил, еден од екипата на хрватските епидемиолози и покрај смирувачките тенденции во Хрватска, деновиве ја повика хрватската јавност да остане трпелива и да издржи и натаму да живее со бројни ограничувања.

„Немојте да си дозволиме да си дадеме автогол во последната минута“ – има речено овој епидемиолог.

Неизвесноста не е само од домашните состојби – во секоја земја посебно, или во Европа/ЕУ, туку и од глобалната ситуација. Особено што СЗО стравува за она што може да се случува на Истокот од Европа, во Русија, како и во Средна и Јужна Америка.

Канада, наеднаш, последниве денови бележи зголемен број на заразени и починати, иако владата во Отава одби да ја отвори границата со САД, кога во еден момент Канаѓаните мислеа дека најлошото го имаат поминато.

САД против Кина

Американците кои ја имаат максимално исполитизирано ситуацијата околу коронавирусот, остануваат уверливо на врвот според бројот на заразените (над 1,1 милион луѓе) како и според бројот на починатите – скоро 64 илјади пациенти, над 2,5 пати повеќе од Италија, најпогодената европска земја. Само во еден ден се регистрирани нови 30 илјади заразени.

САД продолжуваат да ја обвинуваат Кина, а претседателот Доналд Трамп откри дека Вашингтон има покренато обемна истрага за да се утврди кој е виновен за пандемијата. Прв на листата на осомничените е токму Пекинг. Не само политичарите, туку и експертите веруваат дека Кина можела да ја спречи експлозијата со вирусот, уште во Вухан и дека се однесувала неодговорно, кон своето население, но и кон светот, сокривајќи ја вистината за вирусот и за неговата силина.

Американците уште обвинуваат дека кинеските власти морале да дејствуваат многу поенергично, уште на самиот почеток, за да спречат короната да се рашири со голема брзина низ целиот свет.

Како и да е, во последниве сто години, немало ваква здравствена ситуација, поврзана за некој вирус. За само четири месеци, короната зарази дури 3,3 милиони луѓе на сите континенти, од која, според податоците кои ги има обезбедено СЗО – (досега) се починати 232 илјади пациенти.

(С.С.Г.)

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе