Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Религијата сепак не лекува

MoiraM/BigStock.com

Религијата сепак не лекува

Годинешниве Велигденски празници се одржаа во исклучителни услови – во време на глобална пандемија на смртоносниот коронавирус.

Милиони луѓе на сите континенти се заразени со вирусот кој ни дојде од Кина, а стотици илјади досега се починати.

Таквата ситуација, по подолго време, ја отвори темата за односот на црквата и верниците, за религијата и за науката, како и за тоа како се однесува црквата кон државата, посебно во сегашната тешка здравствена, општествена и економска криза предизвикана од епидемијата.

Католичката црква и сите протестантски тоа го надминаа неверојатно лесно- како црквата, така и верниците – целосно респектирајќи го ставот на владите во земјите каде овие религии се доминантни.

Почна од Ватикан и од папата кој уште на почетокот од експлозијата на пандемијата во Италија, тргнаа со молитви за спас на заболените чиј број забрзано се зголемуваше, но продолжија со она што беше најпотребно – застанаа зад италијанската влада и побараа од сите верници да ја почитуваат забраната за јавни собирање и целосниот карантин во државата, што владата во Рим, прва во Европа го воведе.

Примерот на Ватикан

Прв пример за тоа дадоа италијанскиот претседател, останувајќи во карантин, како и католичкиот поглавар Франциско – одржувајќи миси во празната катедрална црква Свети Петар во Ватикан и обраќајќи им се на католичките верници преку телевизија.

Неговиот пример, нормално, го почитуваа сите католици, па за прв пат денешните генерации верници можеа да го видат за Велигден големиот ватикански плоштад пред црквата, потполно празен.

Како што останаа празни и плоштадите пред црквите и храмовите внатре, насекаде во католичкиот свет.

Во православниот свет, уште пред Велигден, црквите настојуваа да истераат некаква религиозна „правда“, да се „изолираат” себе си од владините мерки и од советите на епидемиолозите кои инсистираа на карантин и на почитување на сите забрани – во интерес на здравјето и животите на луѓето.

Меѓу свештенството се ширеше тврдењето дека религијата и верувањето во Господ, без малку, создава имунитет, како и дека не се црквите тие што можат да ја рашират заразата, туку дека тоа се кафеаните и собирањето по кафулињата.

Инаетење на СПЦ

Предводник на таквото уверување беше српската црква (СПЦ) која и инаку е заговорник на тврдиот конзервативизам во регионот на Западен Балкан, па оваа црква побара од властите во Белград, без разлика на сите мерки за борба со вирусот и епидемијата, да се дозволи нормално прославување на велигденските празници, со литургии во присуство на верниците и со традиционалното причестување – со користење на една иста лажичка, како што тоа (велат) налагаат црковните канони.

На крајот се направи некаков компромис- црквите да останат празни, литургијата да се спроведе, а да биде пренесувана преку телевизијата, но ништо во врска со причеста да не се менува.

Црквата ни по која цена не прифати, било што да се менува во тој дел, инсистирајќи дека токму употребата на едно исто лажиче е една од основите на православното верување и православната посебност.

Остана тврдењето дека „никогаш, никој во црква не се заразил“, како и дека токму религијата и верувањето се одбрана и заштита од секоја болест, па и од сегашниот коронавирус – кого некои тамошни православни верници го минимизираа, прогласувајќи го само како „нешто потежок грип“!

Остана, меѓутоа, и инаетењето на оваа црква , па на велигденската литургија во главната црква во Белград , камерите имаат откриено присуство на верници и на многу други луѓе, иако тоа требаше да биде строго забрането.

Заразени и починати свештеници

Српските медиуми сега откриваат дека уште пред празниците, а посебно по нив, во Србија е зголемен бројот на заразени свештеници, монаси и монахињи и верници, како и на заболени од Ковид-19.

СПЦ одбива коментари околу ваквата ситуација која очигледно сака да ја сокрие, но весниците пишуваат за десетици починати свештени лица, меѓу кои се и оние кои низ внатрешноста на земјата ги уверуваа верниците дека религијата ги чува луѓето од корона и од Ковид.

Не успеа да им помогне ниту на оние кои ја пропагираа.

Бугарската црква (БПЦ), како и нашата МПЦ ги одмеруваа позициите со властите и во двете земји, според принципот да бидат задоволени и правата на верниците и човековите слободи, но и обврската на владите да водат грижа за здравјето на сите граѓани, кога станува збор за борбата со пандемијата.

Така и се случи, во Скопје, во четвртокот пред Велигден, црквите (дворовите) да бидат полни со народ (верници), но во време на велигденската ноќ и на самиот ден од празникот во храмовите да се само свештениците и тв камерите.

Единствено манастирот Свети Јован Бигорски беше полн со луѓе, без разлика на забраната за собирање, што значеше инаетење на (велат) локалните црковни власти. Сега, во следните две недели ќе се види дали беше оправдано- верата и црковното толкување да се стават пред вкупните интереси на општеството.

Храбра постапка на ГПЦ

Остана и во македонските цркви, причестувањето да се спроведува „како што е пропишано од век и веков“ – со едно исто лажиче и тогаш кога луѓето умираат од вирус на кој се уште никој не може да му се спротивстави. Во секој случај, се уште не се знае дали во рамките на МПЦ и на БПЦ има случаи на заразени, или заболени.

И двете цркви, до овој момент немаат соопштено дали воопшто знаат за ширење на пандемијата меѓу свештенството.

Со последиците од непочитувањето на владините мерки за карантин сега се соочува Република Српска во БиХ, каде според сараевските медиуми, бројот на заразените нагло бил зголемен за повеќе од 50.

Епидемиолозите сметаат дека тоа е резултат на неодговорното однесување на верниците и на водството на Српската црква која дејствува на оваа територија, за време на неодамнешните велигденски празници.

Останува за пример да се споменува постапката и односот на грчката црква (ГПЦ) која целосно застана зад, инаку, строгите мерки за изолација и карантин на владата во Атина.

Црквата ги изненади сите – и дома, а и во странство – согласувајќи се верските велигденски литургии да ги одржи во друг термин – кон крајот на мај. За Велигден сите цркви беа под клуч, а централната свеченост се изведе без верници и беше уредена само за тв гледачите.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе