Вирусот се проби и во рускиот Арктик
Едно градилиште во реонот на рускиот дел од Арктикот станало жариште на коронавирусот, јавуваат руските медиуми кои откриваат дека властите наредиле итна евакуација на заболените на еден брод-крузер.
Вирусот се појавил во местото Белкаменка во пошироката област на градот Мурманск.
Станува збор за големо градилиште на кое има околу десет илјади вработени од разни профили, сите ангажирани во големиот проект за транспорт на гас.
Според домашните медиуми, вредноста на проектот изнесува 20 милијарди долари.
Откако повеќе работници и инжинери се пожалиле дека не се чувствуваат добро, биле повикани епидемиолозите кои направиле тестови и при тоа утврдиле дека над 1100 лица се позитивни и заразени со вирусот.
Тоа се оценува како алармантен податок, затоа што десеткувањето на бројот на луѓето на градилиштето би можело да предизвика блокирање на работата на целиот проект, за кој се вели дека е од витално значење.
Не се даваат детали за заболените кои ќе бидат префрлени во карантин на крузерот, но се открива дека до сега едно лице, жена на 50 години веќе починала.
За инфицираните се соопштува дека (засега) нема да се префрлаат во болница, што би требало да значи дека тие се заразени во поблага форма.
Лекарите само соопштиле дека ниту еден од оние кои на тестовите биле позитивни не покажувале симптоми на заразеност со коронавирусот.
Русија која многу подоцна почна да зборува за вистинскиот размер на пандемијата во оваа голема земја, досега има пријавено 125 илјади инфицирани и 1230 починати.
Но, во последните 24 часови (меѓу петокот и саботата) во земјата има регистрирани дури 9700 нови заразени, што е далеку најмногу во светот.