Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Тестови на аеродромот во Виена – за пари

Sorbis/BigStock.com

Тестови на аеродромот во Виена – за пари

Аеродромот во Виена соопшти дека ќе почне да врши тестови за Ковид-19 за сите патници кои ќе минуваат преку воздушното пристаниште во главниот град на Австрија. Оние кои ќе бидат негативни на тестот, нема да мораат да одат во изолација од 14 денови.

Резултатите од молекуларно-биолошкиот тест (ПЦР) ќе бидат познати за најмногу три часа, ветува аеродромската управа. Доколку, пак, тестот биде позитивен, самите патници, но и австриските власти веднаш ќе бидат известени.

Ваквиот тест, сепак, не е бесплатен, а секој патник што минува низ виенскиот аеродром ќе мора за тоа да плати 190 евра. Станува збор за приватна услуга за сите кои доаѓаат од странство во Австрија, како и за оние кои заминуваат од земјата.

Се смета дека спроведувањето на оваа замисла би можела да се претвори во некаков урнек и за другите европски земји, но и пошироко низ светот за запирање на ширењето на епидемијата со коронавирусот. Аеродромот во Хонг Конг тоа го има започнато уште во првата половина на април, само едем месец по прогласувањето на глобалната пандемија од Светската здравствена организација (СЗО) на 11 март.

Шведска седма според смртноста во светот

Во моментите кога Шведска сакаше да прогласи целосен успех на нејзината „стратегија“ во борбата со пандемијата, со тоа што им остави на свеста на луѓето да се придржуваат на пропишаните мерки за ограничување, без воведување вонредни состојби и други посебни мерки, што инаку го направија најголемиот број од државите во Европа, земјата за 24 часови регистрираше нагло зголемување на бројот на заболените и починатите.

Меѓу неделата и понеделникот, во Шведска биле регистрирани 90 починати пациенти, наместо десет претходниот ден. До сега во оваа земја има 23 илјади заболени (само во последното деноноќие над 400, многу повеќе од претходните денови) и 2800 починати.

Според експертите станува збор за висока бројка, затоа што ја искачува Шведска на седмо место (!) во светот според смртноста, споредено со бројот на починатите на еден милион население. Шведска има процент од 12,2 отсто, а тој е повисок дури и од оној на САД.

Ваквата позиција на оваа скандинавска земја налага во Стокхолм, епидемиолозите и владата, заедно, да ја преиспитаат предноста на „ шведскиот модел“ против пандемијата, наспроти оние на другите во ЕУ и во Европа.

Ваквите сознанија доаѓаат во време кога шведските здравствени експерти предвидуваат дека на есен „ луѓето ќе бидат имуни“ па нема да има нов есенски бран на вирусот. На оваа шведска проценка на НЕКОИ епидемиолози, се спротивставуваат нивните колеги од Франција, од Германија, од Швајцарија, меѓу другите, како и од СЗО. Тие инсистираат дека процентот на имуните луѓе на корона е премногу низок за да се мисли дека не може да има нов, втор бран, понатаму годинава.

Донаторска конференција на ЕУ за анти-ковид вакцина

ЕУ ќе издвои една милијарди евра за глобалното истражување за откривање вакцина за коронавирусот и за лекови против болеста Ковид – изјави во Брисел претседателот на Европската комисија Урсула ван дер Лајен, во текот на виртуелната донаторска конференција за собирање средства.

Во текот на конференцијата, Германија додели 525 милиони, а Франција половина милијарда евра. Германската влада освен тоа објави дека ќе продолжи да ги плаќа своите обврски за глобалното здравство, во вредност од 1,3 милијарди евра.

Донаторскиот Самит го организираше Европската унија и на него се вклучија и донираа средства лидери, државници и претставници на десетина држави од сите континенти. На ваквата конференција не учествуваа САД.

Донаторската конференција се смета за мошне успешна затоа што, според информациите од Брисел, биле собрани 7,4 милијарди евра. Предвидено е 4 милијарди да се одделат за истражувањето за вакцината, две милијарди за третмани-лекување, а 1,4 милијарди за тестови.

Главнината од парите ќе се насочи низ глобалните здравствени организации. Првите работи на вакцината против смртоносниот вирус се започнати во текот на јануари. Не се очекуваа таа да биде откриена до крајот на оваа година. Епидемиолозите сметаат дека само со вакцина и со лекови против болеста Ковид вирусот и пандемијата може да се стават под контрола.

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе