Епидемиолог го прекрши карантинот
Еден од најпознатите британски епидемиолози Нил Фергусон, советник на владата на Британија за борбата со пандемијата со коронавирусот, поднесе оставка откако се откри дека ги има прекршено мерките кои самиот ги има предложено.
Овој експерт од угледниот лондонски Империјал колеџ оставката ја има поднесено по признанието дека „направил грешка во просудувањето“.
Во оставката Фергусон уште вели дека „жали поради можноста од било каква релативизација на јасните пораки во врска со континуираната потреба за социјално дистанцирање“.
Всушност, тој ги има прекршено заложбите за стриктно почитување на мерките за блокирање на ширење на епидемијата, кои и сега смета дека треба да се почитуваат, иако се најавува нивно олеснување.
Епидемиологот ја има прекршено главната мерка за социјално дистанцирање, кога (тајно) ја има повикано својата љубовница на средба во неговиот стан. Весниците некако го разбрале тоа, откривајќи дека станува збор за омажена жена и мајка која кај епидемиологот Фергусон дошла во време кога било забрането движењето (што кај нас погрешно се означува како полициски час).
Фергусон досега го раководеше тимот од експерти по чија сугестија и инсистирање, премиерот Борис Џонсон одлучи да воведе карантин, како што тоа го направија другите европски држави, а што инаку, дотогаш, одбиваше да го направи советуван од епидемиолози со поинакви ставови.
Оставката доаѓа во време кога во Британија се води расправа околу потребата да се утврди кој е одговорен за првичното опуштено однесување кон пандемијата кога на европскиот континент веќе се водеше битка со вирусот и се броеја жртвите.
Ваквата расправа станува се понервозна, затоа што епидемијата веќе има зафатено околу 200 илјади Британци, а според бројот на починатите пациенти Велика Британија ја надмина и Италија, па сега со над 30 илјади починати е прва во Европа и втора во светот, зад САД.