Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Венеција е на колена“!

Songquan Deng/BigStock.com

„Венеција е на колена“!

Каналите во Венеција во овие први мајски денови се речиси кристално чисти. Низ водата пливаат помали риби, има и медузи, а бистрата вода овозможува да се гледа и во длабочината, на инаку, редовно, матните канали.

Ова се нема случено кој знае колку долго време, а сето тоа е последица само на големата мака што ја снајде Италија, а посебно нејзиниот север и регионите на Ломбардија и на Венето, каде припаѓа и Венеција, предизвикана од епидемијата со коронавирусот. Или попрецизно, избистрената морска вода и враќање на животинскиот свет е последица на воведениот целосен карантин во овој град-музеј, еден од најубавите во светот.

Тaквата ситуација трае од пред два месеци , а таа ги набрка гостите и туристите, но ги натера и неговите жители да седат дома, во изолација.

Без гондоли и без луѓе

Градот во кој постојано живеат 150 илјади жители, но низ кој годишно минуваат и по 15 милиони туристи, наеднаш остана без луѓе, а неговите улици-канали без своите гондоли, бројни чамци и без секогаш полните вапорета (автобуси за низ каналите). Можеби за прв пат по времето на Средниот век, кога во налетот на чумата, Млетачката власт ги држела бродовите по 40 денови надвор од Венеција, за да ја запрат епидемијата, овој постојано жив град и неговите канали одново се пусти.

IngusKruklitis/BigStock.com

IngusKruklitis/BigStock.com

„Венеција е на колена“ – извикува градоначалникот Луиџи Бруњаро и праќа апели на вистински очајник, повикувајќи ги туристите да се вратат во градот, откако ќе се укинат рестрикциите.

„Секој кој има можност да патува во наредните месеци нека дојде во Венеција. Тоа ќе помогне да му се каже на светот дека почнува опоравувањето на убавината и на културата, што овој град ја нуди“ – има изјавено градоначалникот.

Ако се заборават за момент неговите изјави од пред десетина месеци – дека туристите ги има премногу, дека го задушуваат градот, дека разните пловила и крузерите кои донесуваат по три-четири илјади гости, го прават животот неподнослив, а моќните бродски мотори се закана за зградите поставени во мочурливата лагуна на дрвени столбови, тогаш апелот на Бруњаро е сосема разбирлив.

Туризмот најтешко погоден

Градот е животно зависен од туризмот и од туристите, а изгледа дека тој е најтешко погодена од сегашната пандемија. Особено што пред налетот на вирусот, Венеција остана без гости, уште од ноември 2019 година, поради катастрофалните поплави, нанесувајќи и голема штета на локалната туристичка индустрија.

Но, не е само Венеција тешко погодена и соочена со „ социјална бомба“ како што вели нејзиниот градоначалник. Сега се празни и Милано и Рим, и Фиренца и Неапол, но посетители и туристи нема ниту во Париз, во Брисел, во Шпанија и во Грција. Индустријата на туризмот во ЕУ , заедно со сообраќајот и авионскиот сектор, со кои е директно поврзана, се веројатно, најтешко погодените од блокадите и од карантинот, воспоставени низ Унијата и низ цела Европа.

А, токму туристите-странци го донесоа вирусот во Европа, а потоа сите заедно го раширија низ континентот, носејќи го секој во својата држава, во своите семејства, меѓу блиските и колегите на работните места.

Меѓутоа, тоа е она што се случуваше во текот на јануари и февруари, за да експлодира во страшна глобална пандемија во март. Ова сега, е време пред почеток на (вообичаената) главна туристичка сезона на европскиот југ и на континентот, па после шокот од „ црниот биланс“ на корона и на Ковид-19, од 270 илјади починати низ целиот свет и преку 3,8 милиони заразени, треба да се спасува оваа разгранета индустриска гранка. Таа прва почна да страда, а многу е веројатно дека последна ќе се опорави.

Половина од светскиот туризам

Еврокомесарот Тиери Бретон потсетува дека аеродромите, хотелите, плажите и планинските одморалишта и натаму ќе бидат празни, но тој инсистира на потребата од забрзано заживување на туристичката индустрија, иако секако не во обемот од пред неколку месеци. ЕУ не е единствената која е погодена, но нејзиниот пазар претставува половина од светскиот туризам.

Проценките се дека меѓународните патувања ќе се намалат најмалку 30 отсто, туризмот меѓу 45 и 70 отсто, а загубите во оваа индустрија (само во ЕУ) се проценуваат да изнесуваат меѓу 275 и 400 милијарди евра. Загубите во хотелите и рестораните може да достигнат и до 50 отсто, а годишните приходи на тур-операторите и на агенциите би можеле да се намалат и до 70 отсто, при што авионските компании, а посебно бродовите-крузери би можеле најмногу да настрадаат.

Во земјите од ЕУ сите се согласни дека мора да се спроведе операција за спасување, иако засега нема некој временски определен план за една таква операција. Нема ниту планови за заживувања на патувањата, затоа што не се знае кога ќе почнат да се отвораат границите, а уште помалку и како сето тоа би изгледало.

Летување дома и во посебни услови

Германците, но и Французите засега заговараат туристите ова лето да останат во своите земји. Ако веќе сакаат да одат на одмор по долгиот карантин на почетокот од пролетта, сугестиите засега одат кон тоа да се посетуваат домашните одморалишта и летувалишта.

Затоа што ЕУ е внимателна кон отворањето на границите – и надворешните, а и оние меѓу земјите-членки. Сите се согласни дека мора да се спречи нов бран на вирусот, (можеби уште во јули), на што постојано предупредуваат епидемиолозите.

На друга страна се бројките и значењето што оваа индустрија ја има.

Десет отсто од Бруто националниот производ (БНП) на целата ЕУ доаѓа од туристичката индустрија. Во Малта и во Грција тој процент изнесува дури до 25 отсто. Шпанија од туризмот годишно заработува 145 милијарди евра, а германските туристички агенции и хотелиери цели 240 милијарди, па излегува дека Германците може да излезат и најголемите губитници! Затоа, сега сите бараат и нудат идеи и решенија за излегување од ситуацијата.

Плексиглас плажи

Земјите од југот на ЕУ веруваат дека оние од северот, односно, нивните граѓани , сепак, и годинава ќе патуваат кон јужните мориња и плажи.

Малта и Хрватска, меѓутоа, бараат заеднички стандарди за здравствена заштита во хотелите и рестораните, како и во авионите и на плажите. Идејата е да не се оди во толпа во рестораните , туку да се користи системот на т.н. ланч-пакети и онака како што тие се служат во авионите, на подолгите релации.

Италија смета дека плажите воопшто, а посебно оние хотелските, би требало да бидат испарцелисани и одделени со плексиглас . Хотелите да бидат исполнети само до 50 отсто од капацитети, додека во рестораните да се нуди само по едно јадење.

Грција, пак, заговара „туристички коридори за гостите од Западна Европа“ со патници кои имаат цертификати дека се здрави. Потоа, да доаѓаат само со специјални летови и таквите гости би летувале во „проверени одморалишта“.

Такви и слични предлози има од без малку сите земји во Унијата, но прво е потребно да се знае кога ќе се отворат границите. Уште повеќе – кога секоја од државите ќе ги укинат ограничувањата што секоја за себе ги имаат набрзина донесени на почетокот од пандемијата.

Летување со ограничувања

Европските аналитичари и посебно оние кои ги следат работите во вкупниот туристички сектор се скептични за тоа како ќе изгледа годинешнава сезона, доколку таа воопшто би можела така и да се нарече.

Пред се, затоа што луѓето-туристите треба сето ова што сега го предлагаат министрите за туризам, и да го прифатат.

Треба да се согласат дека ќе летуваат со бројни ограничувања – со оградени плажи, разделени едни од други, со маски и ракавици, со блокади во рестораните, со мерките за социјално дистанцирање, што значи без слободно дружење во бифеата по плажите, шанковите, во пицериите, во базените.

Венеција 21 Мај 2017. Фото: scaliger/BigStock.com

Сакале туристичките работници да признаат или не, оваа сезона, сепак, ќе има една поинаква цел. Не за да се исполнат капацитетите, или за да се брои заработувачката, туку да бидат обезбедени сите услов да не се обнови заразата, за што се уште се стравува.

Проценка е дека само така ќе може да се врати довербата на гостите-туристи. А, тоа значи – луѓето да се одмараат некаде во странство (или можеби дома), но да не им се случи, како зимоска, после летувањето да се вратат – заразени.

(С.С.Г.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе