Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Уличари – „патриоти“

stoyanh/BigStock.com

Уличари – „патриоти“

Годишнината од смртта (убиството) на Гоце Делчев требаше да биде момент за оддавање почит на хероите од македонското минато, на нашата борба за национално-политичко ослободување. И тоа се прави одамна, откако неговото тело е пренесено од Софија, во Скопје и поставено во специјален камен саркофаг во дворот на црквата Свети Спас.

Без разлика на повремените недоразбирања со соседите во Бугарија, околу „сопственоста“ врз него и врз неговото дело, сместено во измешаната балканска историја, за која се уште се водат (не)научни и бесцелни политички расправии. Иако е сосема јасно дека многу работи и настани и личности, од пред повеќе од еден век, може и треба да се одбележуваат заеднички, или ако тоа (се уште) не е можно, тогаш барем може секој за себе да ги слави и одбележува, почитувајќи го само достоинството на оној другиот.

Расправа „преку плотот“

Како први соседи, како пријатели, за што имаме и меѓудржавен договор, а сега и како сојузници во НАТО, утре и како партнери во ЕУ. Па, токму грчката и бугарската авијација (воено- безбедносно) го надгледуваат македонскиот воздушен простор што сега е простор и на Северно-атланската алијанса. Минатото и историјата на Македонците и на Бугарите имаат многу заедничко, испреплетувајќи се во борбата на двата народа за својата посебност, за својата државност за своето место на Балканот и на европскиот континент.

Не му личи денеска, после сите мачнотии и темни моменти од постаро и поново време, низ кои се има поминато, денеска одново да се отвора „пандорината кутија“ на злото и на омразата. Чиј бил Гоце повеќе, може да се постигне без закани во старински стил од Софија и без преголемо патриотско перчење од Скопје, зашто ваквите дискусии „преку плотот“ ги гледаат оние на кои не им се бендисува македонско-бугарското пријателство и кои нам, на Македонците, не ни посакуваат добро.

Такви има во Софија. Ги има и од подалеку и тие своето непријателство не го ниту сокриваат, но ги имаме и ние дома, овде во Скопје, во Македонија.

Лажни „навивачи“

Една таква тајфа на инструирани лажни „патриоти“ се собраа и пред гробот на Гоце Делчев, на денот кога требаше да му се оддава почит- за да протестираат против политиката на владата и нејзиниот евро-атлански пат, практично против членството во НАТО и започнувањето преговори со ЕУ, за влез на нашата држава во Европа, на голема врата.

Тие се декларирале себе си како „навивачи“, а излезе дека се платеници на опозициските националисти. Да се вистински „вардарци“ или „тетексовци“ немаше да се соберат пред Свети Спас на 4 мај, својот вистински македонски патриотизам ќе го покажеа на друго место, на друг начин.

На пример, ќе го прославуваа влезот во НАТО, што за потсетување на оние кои ги испратија да врескаат крај гробот на Делчев, е стратешка цел на државата од пред 30 години, за која се имаат определено сите политички партии и големото мнозинство од граѓаните на земјата. Без разлика што подигнувањето на македонското државно знаме пред седиштето на Алијансата се случуваше во време на глобалната пандемија и на целосниот санитарно-здравствен карантин во Европа.

Против добрососедството

Тие се платеници на домашната националистичка, антиевропска, антизападна и се почесто русофилска партија која командувана од странство, од еден избеган затвореник, се противи на пријателството со Бугарија и на договорот кој почна да ја отвора за нас европската врата. А, се противат и на историскиот договор со Грција кој ни овозможи, конечно да се помрднеме од Балканот, онака како што тоа го имаат направено другите околу нас. Тоа националистичко друштво кое, очигледно е злото на оваа држава, е против тоа што Република Македонија на своето име ја додаде географската одредница „северна“.

Тој еден збор не менува ништо во нашиот национално-етнички идентитет, напротив ја потврдува македонската посебност. Не ни ја менува ниту историјата и нашето место во Европа. Ако некој во северна Грција се чувствува како етнички-словенски Македонец сега може и да се декларира како таков и да ја истакне својата етничка посебност, а да остане лојален државјанин на државата.

Меѓутоа, тој еден збор ни овозможува нам, овде, во нашава држава, да станеме Европејци – она што отсекогаш сме биле. Да бидеме дел од континентот на кој историски и културно му припаѓаме.

Против сопствената држава

Еден избеган осуденик продолжува со својата деструктивна, антимакедонска политика, продавајќи го лажниот патриотизам, како единственото нешто што му останува нему и на друштвото на слепо-послушни-извршители , да и нанесува зло на државата. Неговите послушници и оние кои ги инструира ген.секот на друштвото агитираа низ Европа Македонија да не добие зелено светло за ЕУ. Агитираа против својата држава!

Тие побараа од своите послушници да не гласаат земјата да освои уште повисоко место на Евровизискиот фестивал минатиот мај, практично гласајќи против македонската претставничка. Не сакаа ниту македонскиот филм, прв пат кандидат за два Оскара, да ја добие наградата.

Свесно поттикнуваа Македонците да стануваат „Бугари по род“, земајќи бугарско државјанство и бугарски пасоши, за да се иселат на Западот (не е јасно зашто тоа е добро, а е лошо да се биде „Грк по род“). Нивните т.н. „задгранични комитети“ (што во време на деспотијата на режимот се плаќаа со државни пари) подучуваат (се уште) како македонската возачка дозвола да стане британска (на пример) преку илегални махерлуци во Бугарија.

Александров пред Делчев

Така се доаѓа и до онаа тажна група уличари собрани пред црквата Свети Спас. Тие треба да бидат патриоти, во обидот партијата на националистите да ги сочуваат т.н. “егејски гласови“ за вмронската партија, која денот определен за оддавање почит на Гоцета Делчев го искристи за валкана партиска пропаганда.

Ако барем малку им значеше Делчев и ако навистина се „загрижени“ дека ќе сме им „го предаделе на Бугарите“, ќе одбраа друг ден. Немаше за него да се сетат само за да плукаат по договорот од Преспа. Ако беа загрижени за Делчев и неговото дело немаше поранешниот нивни скопски градоначалник да дозволи единствениот споменик во Скопје на овој револуционер во борбата против Османлиската власт, да се претвори во „табла” за шкртаници со црни спрејови.

Конечно, деспотот кој побегна, немаше да ни го „открие“ Тодор Александров како „ патриот“ и да го направи поголем и позначаен „херој“ и „македонист“ од Делчев.

А, овој соборец на Ивана Михајлов сакаше да ја припои Македонија кон Бугарија. Исто како што за тоа се определи и Шарло Шаторов, припојувајќи ги македонските комунисти кон бугарските, на почетокот од Втората светска војна. Овој „герој“ исто така доби свој споменик во центарот на Скопје, од овдешните лажни патриоти. Веројатно затоа што окупацијата ја прифати како конечно решение за македонското прашање.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Македонија

Горе