Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Мистериозна смрт на руски лекари

Errant_Alien/BigStock.com

Мистериозна смрт на руски лекари

Тројца лекари во Русија под засега непознати и (велат) мистериозни околности, паднале од прозорците во болниците во кои работеле – јавуваат европските, но и руските медиуми.

Еден од лекарите е во кома и се бори за својот живот, додека во другите два случаи во кои станува збор за искусни лекарки – жртвите не го преживеале падот.

Руската полиција има покренато истрага за сите инциденти кои се случувале еден, по друг, во текот на две недели – сите на без малку идентичен начин.

На некои социјални мрежи се изразува сомневање дека има повеќе вакви инциденти, а сите се согласуваат дека тие покажуваат во колкави тешки услови работат лекарите и другиот медицински персонал во ова време на пандемијата со коронавирусот, што ја зафаќа Русија, со задоцнување, но се шири со голема брзина.

Пад од болнички прозорец

Бројните реакции во медиумите, но и на социјалните мрежи уште повеќе биле интензивирани затоа што сите овие лекари се поврзани со ситуацијата во Русија околу епидемијата, вклучени во борбата со заразата, а еден од нив бил и инфициран со вирусот и се лекувал од Корона-19.

Александар Шулепов работел како лекар во Брза помош во градот Вороњеж, околу 500 км. јужно од Москва. Според полицискиот извештај, паднал од вториот кат на болницата во која работел и тешко се повредил, но каде и се лекувал.

На лекување бил примен на 22 април откако бил позитивен на тестот за вирусот.

Паѓањето од прозорецот на болницата се случило, меѓутоа, истиот ден кога еден негов колега покажувал видоа снимка од расправијата на Шулепов со раководството на болницата на која тој се жали оти го присилувале да работи, иако бил инфициран.

Полицијата, подоцна, го испрашувала пријателот на жртвата, но затоа што го обвиниле за ширење на лажни вести.

Колеги на овој, инаку искусен лекар, се сомневаат дека во сето ова „има нешто“, не верувајќи дека падот на Шулепов е несреќа, особено затоа што речиси такви идентични случаи имало уште на две други локации.

Сомнително самоубиство

Едниот е инцидентот со Наталија Лебедова, лекар во специјализираниот Центар за тренинг и обука на космонаути. И таа паднала од прозорец, од болницата каде работела.

А, и таа се лекувала од Ковид-19 во болницата во која била вработена.

Некои нејзини колеги изјавиле дека Лебедева извршила самоубиство! Тоа го објаснуваат со ситуацијата во која се нашла, откако била обвинувана дека таа го има пренесено вирусот на корона во тренинг-центарот, по што десетици (некои велат и стотина) луѓе биле заразени, а за десетина се тврди дека починале.

Полицијата го истражувала целиот случај и на крајот констатирале дека станува збор за „трагична несреќа“.

Само неколку денови подоцна, се случил ист таков инцидент во Сибир. И таму, уште една лекарка, Елена Непомнашчаја паднала од еден од прозорците во болницата во која работела и починала, како последица на падот.

„Тешка расправија“

За неа се знае дека била главен лекар на болницата, која била преуредена и определена за лекување на пациенти заразени со коронавирусот. Сега е познато и тоа дека пред да се случи инцидентот, таа имала „тешка расправија“ со управата на болницата.

Непомнашчаја се спротивставувала во болницата да се префрлаат пациенти, болни од Ковид-19, тврдејќи дека во неа не постојат услови за лекување на заразени лица, како и дека медицинскиот кадар не е подготвен за една таква операција, а болницата не располага ниту со доволно заштитна опрема.

Управата, меѓутоа, не ги прифатила нејзините аргументи, па после трагичниот случај, има речено дека болницата била подготвена за пандемијата, затоа што властите наредиле таа да се користи за таа цел за време на епидемијата.

Во Русија продолжува да расте бројот на заразените од вирусот.

Според официјалните податоци, до правењето на овој текст, во земјата има околу 200 илјади инфицирани. Само во последните 24 часови се регистрирани 11 илјади новозаразени, но бројот на починатите и натаму останува невообичаено низок – 1830 лица.

(Д.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе