Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Орбан за „Голема Унгарија“

rudi1976/BigStock.com

Орбан за „Голема Унгарија“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан им се обратил со честитка на тамошните матуранти, пред тестовите по историја, на која е прикажана картата на „голема Унгарија“.

Во таа и таква карта, освен денешната територија на државата, се присвоени и големи делови од државните територии на соседите – пред се, на Хрватска со Славонија, се до Риека и Далмација, потоа делови од Словенија, но и цела Војводина, која е покраина на Република Србија.

Според загрепските медиуми, ова не е прв пат во Будимпешта, откако од пред десет години на власт се Орбан и неговата националистичка и десничарска партија Фидес, да се „цртаат“, да се промовираат и да се бранат вакви карти во кои прва на удар е државната територија на денешна Република Хрватска.

„Историски територии“

Некои весници потсетуваат дека ваква провокација од унгарска страна била направена и во декември минатата година, кога била публикувана картата на една таква „голема“ Унгарија, заедно со фотографијата од состанокот на владеачката партија Фидес. Во објаснувањето за картата стоело дека станува збор за територијата на „историска Унгарија“.

Во јуни 2019 година, со знаење и согласност на властите, на Твитер е покрената страница со „факти за Унгарија“, на англиски јазик, заедно со илустрацијата на стилизиран рељеф со кој се сугерира дека по Првата светска војна и со Трианонската спогодба, на Унгарија и биле (наводно) „украдени“ две третини од „нејзината вистинска и историска“ територија, односно дури 63 илјади квадратни километри, што сега се дел од Хрватска, Словенија и српска Војводина.

Владата во Љубљана, тогаш, има реагирано со протестна нота до официјална Будимпешта, но загрепските медиуми потсетуваат дека никој од Загреб не протестирал. Во јуни минатата година, среде Осиек, во хрватска Славонија, унгарскиот премиер „носталгично“ зборувал за Славонија и за Барања, како за „најубавите делови од нашата (унгарска) територија“.

Реакција на Зоран Милановиќ

На таквата провокација (велат) тогаш не реагирал хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ кој се сретнал со Орбан. Сега, меѓутоа, реакцијата на официјален Загреб е погласна, особено онаа на претседателот Зоран Милановиќ.

На официјалната страница, на Фејсбук, хрватскиот претседател, исто така им се обраќа на матурантите, но тој на оние во Хрватска, порачувајќи им да не гледаат во ваквата картографија и на, како што рекол, „хипертрофираната Унгарија“, како и да не се палат премногу, туку наместо во минатото, да се свртат кон иднината.

Милановиќ рекол дека Унгарија е соседна и во поново време и пријателска држава, но сега ставена во рацете на „хронични картомани“ и при тоа потсетил дека орманите се преполни со карти на кои татковината се прикажува поголема отколку што е денес.

Молчење во Белград

„Многу држави во Европа имаат такви карти, во кои ја прикажуваат сопствената големина, иако тие во денешно време не се ниту актуелни, а ниту остварливи. Само, бескрајно ги иритираат соседите, како што овие (унгарски) карти не иритираат нас, во Хрватска“ – има напишано Милановиќ на Фејсбук, изразувајќи притоа чудење што тие карти, упорно, од време на време се пуштаат од некои лидери.

Колку што е познато на „картографијата“ на Орбан, реагирала и официјална Љубљана, иако актуелниот словенечки премиер Јанез Јанша е особено близок со Орбан и се дел од регионалната десничарска алијанса.

Нема реакција само од Белград, без разлика што во „историската и голема” Унгарија е „проголтана“ цела Војводина.

Српската опозициска Демократска партија го осуди ова молчење, објаснувајќи го тоа со големото пријателство и со блискоста на актуелниот српски претседател со Орбан.

Во изјавата на пратеници од оваа партија се изразува гнев што „пријателството со Виктор Орбан за власта во Србија е поважно од тоа што унгарскиот премиер постојано зборува дека Војводина е негова и дека претставува јужен дел од Унгарија“ – онаа „големата“.

Малите „великани“

Што се однесува до цртањето карти и до чувањето стари карти по орманите, за сопствената „големина“ онолку колку што некому му треба за домашни (националистички) потреби, Милановиќ е во право – ги има низ Европа.

А, посебно ги има во овој нам близок регион.

Има карти на „Голема Унгарија, но има и на „Голема Србија“ (или на Стара Србија) во која е без малку половина Балкан, со Македонија како составен дел. Во главите на некои е исцртана и „Голема Хрватска“.

Има карти на „Голема Романија“ (во времето на претседателот Трајан Басеску често се зборуваше за припојување на Молдавија кон романската држава). Постои на картите од 19 век и „Голема Бугарија“ – творбата на Русија за контрола на Балканот, со создавањето на т.н. санстефанска Бугарија – од Црно Море, до зад Охрид.

А, се турка во јавноста, од време, на време и картата на некаква „Голема Албанија“, иако самата држава постои тек од 1912 година.

Конечно, тука се и македонските националисти со својата карта за „Голема Македонија“ – со присвојување на целата територија на географската област Македонија, која инаку никогаш во историјата не била и не постоела како држава.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе