Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Светот бара истрага за Ковид

morkdam/BigStock.com

Светот бара истрага за Ковид

Светската здравствена организација (СЗО) на почетокот од оваа недела организираше виртуелна конференција посветена на тоа како светот, здравствените системи и епидемиолозите во разни земји, реагираа на пандемијата со коронавирусот.

Конференцијата се одржа во време кога вирусот, полека, ја губи својата сила.

Низа земји, пред се, во Европа која остана најтешко погодена од епидемијата, почнуваат да ги олеснуваат досегашните строги мерки на карантин.

Едно, поради притисокот на јавноста и од луѓето кои некаде останаа „заробени“ и по повеќе од 40 денови во изолација, а друго, поради потребата за постепено, но сигурно заживување на бизнисот и на вкупната економија, сериозно растресена од пандемијата.

Одговори и одговорност

Она што, сепак, меѓународната јавност најмногу ја интересираше пред конференцијата беше дали е можно да се утврди ОДГОВОРНОСТА за се она околу кинескиот вирус, кој до сега има предизвикано без малку пет милиони заразени и заболени лица, како и над 320 илјади починати.

Како воопшто настана, какви се корените на вирусот- животински, или лабораториски. Како тоа толку бргу се рашири на сите континенти.

Дали кинеските здравствени и државни власти се однесуваа како што треба на почетокот, или пак долго време криеја од светот и од СЗО за тоа какво „страшно зло се има испуштено“ од контрола.

Светот и целата меѓународна јавност, затоа, со право, БАРААТ ИСТРАГА и ОДГОВОРИ на сите овие прашања.

Во името на милионите заболени и на жртвите, но и за во иднината – за да не се случи одново, од Кина, од некој тамошен пазар со мизерна санитарно-здравствена хигиена, или пак од некоја софистицирана лабораторија за вируси, да тргне уште некој нов вирус.

Дури на три пати во изминатите петнаесетина години, три различни вируси (вклучувајќи ја короната) тргнуваа од таму кон остатокот на светот, наплатувајќи „данок во крв“ од недолжни луѓе.

Пекинг е против

Аргументот на светот е дека додека не се разбере целата вистина за вирусот од Вухан, пандемијата не ќе може целосно да се стави под контрола.

Видливо е дека Кина бега од независна истрага, иако меѓународната јавност веќе е свесна дека на почетокот не ја знаеше вистинската вистина за пандемијата.

Затоа, време е луѓето да разберат – зошто мораа темелно да си го изменат животот, да стравуваат за него, да останат без работа, да им се уништат сите планови за оваа пролет и лето, па и за целата година.

Меѓутоа и оваа виртуелна конференција, раководена од Женева, на која светските лидери и здравствените власти од земјите во светот расправа за нападот од „невидливиот непријател“, помина онака како што не треба – со една компромисна нацрт резолуција која не ја издвојува и не ја посочува Кина, иако не станува збор да и се суди на Кина, туку да се разбере вистината за коронавирусот и за новата болест Ковид-19.

Кинескиот претседател кој беше и првиот говорник, сепак, нема одговорено на ништо од она што светот сака да го знае.

Зборувал за солидарност на меѓународната заедница во борбата со вирусот, за кој смета дека се уште не е победен. Но, тој е категорично против истрага за потеклото на вирусот. За кинескиот претседател Си Џингпинг било „премногу рано за тоа“!

Какво е потеклото на вирусот

Светот, пак, посебно стотина политички лидери и нивните земји, сакаат независна истрага за потеклото на Ковид-19.

Во таква атмосфера, се очекува ваквата резолуција учесниците на конференцијата да ја усвојат, како што се усвојуваат и резолуциите на ОН, кои во основа не обврзуваат, особено што сите (па и Кина) зборува за истражување на пандемијата и на вирусот.

СЗО, која е исто така остро критикувана, за задоцнетото реагирање, што таа, како и Пекинг го отфрла, сепак, се согласува „во најкраток можен рок и при првата поволна прилика, да се спроведе независно испитување и оценување за нејзиното справување со пандемијата“.

Во секој случај, тоа не ја обврзува Кина, што предизвикува револт кај другите, посебно во САД и во Австралија, која згора на тоа, се соочува со новото грубо и арогантно лице на Пекинг – да казнува користејќи ја економијата.

Казнувајќи ја австралиската влада со запирање на австралискиот увоз и со воведување екстра увозни тарифи, само затоа што покрена меѓународна иницијатива за да се притисне Кина да се согласи за независна истрага, околу вирусот.

Ваквата постапка на Пекинг и лабавата резолуција од конференцијата за корона на СЗО – предизвикаа Вашингтон да се закани дека ако за 30 денови не се постигне значаен напредок, (се мисли околу истрагата), САД трајно ќе го запрат финансирањето на СЗО (каде се главен и најголем поединечен финансиер), па дури и дека ќе се повлечат од оваа светска организација.

Ултиматум од Вашингтон

Американските аргументи се дека во случајот со коронавирусот СЗО се претворила во „обична кукла на жица“ на Кина, дека дозволила да биде манипулирана од пекиншките власти.

САД и натаму инсистираат дека Кинезите се виновни што на почетокот се обидувале да ја прикријат заразата. СЗО, пак, дека била ставена под кинеска контрола, па затоа не брзала веднаш да се прогласи глобална пандемија, верувајќи им целосно на пекиншките (службени) аргументи. Сега е обвинувана дека нема сила да покрене истрага во која директно би била прозвана Кина.

Според американскиот претседател Доналд Трамп, СЗО ги има игнорирано „другите сознанија“ за тоа дека во Вухан заразата почнала да се шири уште во декември 2019 година, а можеби и пред тоа.

Токму затоа САД остро се против тоа во резолуцијата од оваа конференција да остане формулацијата дека Кина, во целата оваа работа околу вирусот и пандемијата се однесувала транспарентно.

Во долгото писмо на Трамп, тој ги отфрла тврдењата дека се реагирало „брзо и навремено“ и потсетува на реакцијата на истата организација во 2003 година, во случајот со епидемијата на САРС (и тој вирус дојде од Кина).

Тогашниот генерален директор Харлем Брундланд, реагираше и брзо и енергично, ставајќи го под контрола вирусот, со далеку помалку жртви и со многу помалку заразени лица. Во секој случај, не чекајќи на кинеската соработка и на согласноста на Пекинг.

Рашетувањето на Кинезите

Независни експерти потсетуваат дека на почетокот од јануари годинава, СЗО се уште уверуваше дека „нема докази“ оти вирусот, според тамошните здравствени власти, се пренесува од човек на човек.

Требаше да поминат уште две недели, па прв пат да се спомене Вухан и епидемијата која го зафатила овој 11 милионски град. Експерти кои имаат правено анализа на кинеското однесување, во времето кога луѓето во остатокот од светот, а посебно Европа, беа на зимски одмори и на патувања по светот, тврдат дека тогаш Пекинг нема воопшто реагирано.

Едноставно, нема направено ништо за да го спречи ширењето на вирусот надвор од Кина, на тој начин што ќе ги забранеше патувањата на своите туристи и бизнис луѓе кон Европа и кон Америка. А, тоа беше време кога земјата веќе била соочена со „тешкиот, опасен и недоволно истражен вирус“.

Уште и единствениот лекар од болницата од Вухан кој има предупредувано за тоа, бил казнет за „ширење лажни вести“!

Сега светот прашува колку за тоа знаела СЗО и колку тие и такви патувања на Кинезите низ светот биле намерно оставени да се одвиваат, за да се добие впечаток дека ситуацијата во Кина е под контрола и дека нема потреба да се создава паника.

Впрочем, кинеските туристи го имаат внесено вирусот во северна Италија, а првата жртва во Франција, во Париз, беше токму еден возрасен кинески турист, кој очигледно, дошол во Европа веќе заразен.

Економско одмаздување

Така или не, многу е очигледно дека е потребна темелна истрага за пандемија каква Европа и светот немаат доживеано во последните 100 години.

И секако, независна, посебно сега откако стана јасно дека Кина се одмаздува, со економски мерки, против оние кои инсистираат за една таква истрага.

Австралија е на пат да биде тешко казнета што лобира низ светот и што собира поддршка за да се разбере вистината за корона, вирус што го урниса светот.

Сигурно е дека во ова некои ќе најдат политика и политички интереси. И тие постојат. Кина веќе го тврди тоа, а Русија и дава силна поддршка, но прашање е зарем сето она што ни се случува изминатите четири месеци може, туку така, да биде покриено со една резолуција.

Меѓутоа, светот мора да знае што беше тоа што во Кина го покрена вирусот. И во секој случај – некој ќе мора да одговара за тоа.

Не може се да биде фрлено само врз грбот на, како што се вели „бирократизираната“ СЗО. Но, не може и државите – богатите економии – своите економски интереси со Кина и во Кина, да ги стават пред човечките жртви од пандемијата. Колку и да се има разбирање за потребата од брзото економско опоравување.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе