Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Дилот Пекинг-Будимпешта стана таен

Dilok/BigStock.com

Дилот Пекинг-Будимпешта стана таен

Унгарскиот Парламент кој е целосно под контролата на партијата Фидес на премиерот Виктор Орбан, изгласа закон според кој договорот меѓу Унгарија и Кина, за изградба на пругата од Будимпешта до Белград станува таен.

Пратениците изгласале дека од сега, па натаму стануваат „тајна деталите од финансискиот дел од договорот“, а таквата законска одлука се објаснува (и оправдува) со тоа дека станува збор за најголемата инвестиција во државата. Според законот, деталите од овој дил меѓу Пекинг и Будимпешта морало да останат тајна во следните десет години.

Наводно, доколку не би било така, објавувањето на деталите би можело да ја „загрози Унгарија“ (!?), како што е речено – при спроведувањето на надворешната политика на земјата, како и кога станува збор за нејзините трговски интереси.

Кинезите барале тајност

Како што се толкува ова во унгарскиот главен град, излегува дека тамошните власти „сакаат да се заштитат од непотребното надворешно влијание“ кое, како тоа го толкуваат локалните аналитичари, се однесува на ЕУ и на Европската комисија, за да оневозможи зделката со Кинезите да не биде надгледувана и контролирана.

Орбан кој десет години авторитарно владее со Унгарија, војувајќи со Брисел за да може да тера по свое, спротивно на нормите на Унијата што ги има прифатено при влезот на оваа поранешна источноевропска, комунистичка држава во ЕУ, претходно има објаснето дека ознаката за тајност на деталите од зделката била ставена, зашто тоа го барале Кинезите.

Според оваа верзија, без тоа владата во Будимпешта „ризикувала да не го добие заемот од Ексим“.

Железничката линија за брзи возови ќе овозможи модернизација на постојната железничка врска меѓу главните градови на двете соседни земји. Со договорот на Унгарците со Кина, дури 85 отсто од парите за инвестицијата, што се тврди дека ќе чини две милијарди евра, ги обезбедува кинеската државна банка Ексим. Другите 15 отсто треба да ги покрие унгарската влада.

Ниска профитабилност

Оваа инвестиција од почетокот ја следат бројни контроверзи и реакции во унгарската јавност, но и во Европа.

Прво, затоа што таа (така како е поставена) отвора можност за директно мешање на Кинезите во внатрешните работи на Унгарија, потоа дека е премногу скапа и дека затоа ќе биде товар на домашните даночни обврзници при враќање на земениот долг, а конечно, инвестицијата има ниска профитабилност (за Унгарците).

Во Европа, а и во Будимпешта има стравување дека зад сето тоа има и ризици од корупција и земање поткуп, што обично во овој дел од континентот и на Балканот, веќе беше откриено преку аферата со прислушувањето во Македонија, во времето на деспотскиот режим на избеганиот екс премиер-осуденик.

Затоа се верува дека целиот скап проект кој таков како е замислен не им е потребен на Унгарија и на Србија, посебно не сега. Станува збор за проект кој е само во интерес на Кина и на нејзиното стратешко и долгорочно навлегување во Европа и во ЕУ, преку Јужна Европа и Западен Балкан – последното парче од континентот што е оставено надвор од ЕУ.

Доцнење на стартот

Договорот за пругата со Кина е потпишан пред една година, иако документ за разбирање меѓу двете земји бил направен уште пред шест години. На унгарската територија треба да се изградат 150 км, од вкупно 350 км колку што изнесува вкупната должина.

Тој дел ќе го гради фирма чиј сопственик е близок пријател и политички сојузник на Виктор Орбан. Пругата треба да се заврши за десет години, но велат дека веќе сега доцни и ги има пробиено роковите.

За делот на територијата на Република Србија, работите се почнати од пред година и половина и веќе се во задоцнување. За делот низ нејзината територија, владата во Белград исто така зема кредит од 300 милиони евра, исто како и Унгарците од кинеската државна банка.

„Еден појас-еден пат“

Таен целосно, или делумно, или пак дури и да е јавен, јасно е дека оваа инвестиција е само дел од еден многу поголем кинески проект.

Станува збор за проектот познат како „Еден појас, еден пат“ – железничка пруга која тргнува од Пиреја, кај Атина, и завршува во Будимпешта, а од таму низ земјите на ЕУ и преку него треба да се транспортира кинеската стока во Европа, која претходно ќе пристигна во пирејското пристаниште.

Но, на тој пат таа минува и низ земјите од Западен Балкан, каде, меѓутоа, засега нема ништо, ниту во фаза на преговарање и проектирање. А, без тоа „парче“ пругата до Белград околу која во Будимпешта се крева врева, нема ни приближно така големо стратешко и комерцијално значење за да се прикажува како најголема (унгарска ) инвестиција.

(Д.У.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе