Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Кина ја казнува Австралија

budastock/BigStock.com

Кина ја казнува Австралија

Коронавирусот со кого светот се уште војува, кога се ќе се собере и одземе, не предизвика епидемиолошки и здравствени состојби и проблеми во Австралија, какви што направи без малку на сите континенти, ниту пак доведе до ситуации со кои се соочија Европа и САД, но затоа предизвика сериозна економско-политичка криза во австралиско-кинеските односи што на крајот можат скапо да ја чинат австралиската економија.

Тензиите меѓу Канбера и Пекинг максимално се зголемија откако кинеските власти, еднострано, одлучија да воведат тешки намети за увозот на производи од Австралија, а пред се, за јачменот и за сите други житарици, како и за говедското месо, за виното и за железната руда, меѓу другото.

И сето тоа, како КАЗНА за барањето на австралиската влада да се поведе независна, меѓународна истрага за коронавирусот и посебно за неговото потекло.

Истрага за потеклото на вирусот

Иако овој кинески потез делува како изненадување, особено што доаѓа во време кога и самата Кина се уште се нема ослободено од вирусот што му го „даде“ на светот, предизвикувајќи глобална пандемија каква немало повеќе од еден век, казнувањето на Австралијанците не е изненадување.

Пред три недели, околу 1 мај, кинескиот амбасадор во Канбера се закани со бојкот на австралиските производи, поради иницијативата за истрага за вирусот.

Кина е најголем купувач на јачменот од Австралија, а од пред некој ден Пекинг воведе за него екстра тарифа од дури 74 отсто.

Кинезите се вадат дека тоа не била реакција на предлогот да се истражува корона, туку (наводно) затоа што Австралијанците им давале субвенции на своите производители на јачмен, па на тој начин увозниот јачмен ги ставал во подредена положба (домашните, кинески) производители.

Нема објаснување зашто оваа состојба токму сега стана актуелна, како и зашто доаѓа набргу по заканата од амбасадорот.

Секако, никој не очекува Пекинг да дава вакви објаснувања. Но, кризата се навести веднаш откако австралискиот премиер Скот Морисон почна јавно да лобира по светот дека мора да се разбере „како и каде точно настана коронавирусот“.

Кинеско инфилтрирање

Кризата во односите на овие две земји-  едно време блиски партнери на Истокот – всушност, почна откако во Канбера се откри колку длабоко Кина се има инволвирано во австралиското општество.

Работите добија вознемирувачки карактер, затоа што кинеското мешање беше забележано и во домашната политика, во владата, во австралиското образование, како и во медиумите кои полека паѓаа во кинески раце. Ладењето со Пекинг се забрза кога Австралија (со Нов Зеланд) се определи против тоа кинескиот Хуавеј да се вклучи во изградбата на 5G мрежа – од безбедносни причини, покажувајќи дека нема доверба во таквото кинеско „партнерство“.

Таквата определба на Австралијанците ги налути Кинезите, но ниту тогаш немаше казни, екстра царински намети и тарифи за увезените австралиски производи. На економско ниво, работите течеа како и до тогаш, па трговската размена меѓу двете држави и економии, до средината на 2019 година има достигнато вредност од 154 милијарди американски долари.

Сегашниот кинески потег, затоа, сосема е јасно треба да се врзе само за барањето за истрага за корона и тоа на некој начин го потврди и нивниот амбасадор во Канбера.

Екстра тарифи и намети

Прво, со заканата со бојкот – порачувајќи им на Австралијанците дека доколку истраат на барањето за истрага, кинеските потрошувачи (!?) би можеле да ја бојкотираат австралиската стока – па беа наброени месото и виното, кои се најдоа на удар на наметите, како и туризмот и австралиските универзитети, на кои сега има многу кинески студенти. Веднаш по тоа, Кина го суспендира увозот на говедско од четири најголеми австралиски извозници на ова месо, а тие самите чинат една петина од австралискиот извоз на месо.

Второ, со изјавата на овој дипломат дека Австралија „целосно неуспеала“ да го придобие светот за својата иницијатива за истрага за потеклото на вирусот од Вухан, на специјалната конференција на Светската здравствена организација (СЗО) посветена на пандемијата, нарекувајќи го „смешно“ тврдењето на Канбера и на тамошните медиуми дека 100 држави во светот бараат ИСТРАГА за коронавирусот.

Целиот случај околу економското казнување на Австралија, доби многу поширока димензија од билатерален спор, затоа што како ретко до сега го покажа вистинското лице на Пекинг, неговата ароганција и политиката на условување.

Повеќе од билатерален спор

Американскиот „Вашингтон Пост“ забележува дека покрај мрачната улога на Пекинг во ширењето на вирусот, уште по вознемирувачко е казнувањето на една земја затоа што бара истрага за вирусот, за кој не е тајна дека се појави во Кина.

Пораката на Пекинг до сите е – ако една земја земе пари-заем, кредит од Кина, таа ќе мора да ја поддржува кинеската линија. Овој весник затоа ги советува западните држави, пред се, да се обединат и да почнат да ги намалуваат своите односи со Кина.

„Промени не може да има преку ноќ, но тоа мора да се направи за да може да се одговори доколку Кина ќе продолжи со ваквата политика на казнување и санкционирање“ – вели овој весник.

Поранешната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли во изјава за тамошните медиуми има речено дека случајот со Австралија „треба да биде поучен, како пример за сите земји, за да станат помалку зависни од Кина, за да не бидат потоа уценувани и казнувани“.

Опасно врзување за Кина

Весникот „Вол Стрит Џорнал“ повикува на поддршка на меѓународната јавност за Канбера и за премиерот Морисон, инсистирајќи дека светот не може, после се што му се случи, да остане без спроведување истрага и без да се знае потеклото на вирусот.

„Блумберг“, меѓутоа, укажува на грешката на Австралија и нејзината голема зависност од Кина (во извозот-економијата), која ја има направено оваа земја ранлива во трговијата.

Се потсетува дека токму Австралија е најмногу врзаната економија со Кина од државите во развиениот свет и при тоа се потсетува на заканата на Пекинг дека ќе го запре увозот на австралиската железна руда што има вредност од 63 милијарди долари.

Како сега стојат работите, проценките се дека ситуацијата може уште повеќе да се влошува. Пекинг не сака да преговара, иако Канбера порачува дека нема намера да почне трговска војна со Кина, како и да применува реципрочни мерки.

Битка со САД за Пацфикот

Весникот „Сиднеј Хералд“ најавува можност, Австралија да ја тужи Кина во Светската трговска организација (СТО), иако веста не остава впечаток дека Канбера тоа и ќе го направи.

Прво, затоа што стравува од можноста под екстра тарифа да се најдат сите нејзини житни култури кои ги извезува на кинескиот пазар, а второ – тужбите пред СТО обично се решаваат во време од барем десет години.

Според тоа, Кина покажува дека со Австралија „тренира строгост“ и за да испрати порака и предупредување – не само до Австралија.

Експерти за стратешки прашања сметаат дека земјата може и потешко да биде казнета, зашто Пекинг е „налутена на Австралија“ што и натаму останува блиска со САД. Па дури и во барањето за независна истрага.

Кинезите не сакаат Австралија да гледа во Америка како на стратешки партнер во регионот на Пацификот, што е директно мешање во австралиската надворешна политика. Не е никаква тајна дека Кинезите имаат големи амбиции во тој регион што го сакаат само за себе.

А, тие амбиции тргнуваат од тоа дека Австралија ќе „мора да прифати оти Кина, а не САД, се водечката сила во тој регион“. И дека доколку тоа не го направи – ќе биде и понатаму казнувана!?

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе