Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Грција (одново) ги бара „Елгиновите мермери“

Tupungato/BigStock.com

Грција (одново) ги бара „Елгиновите мермери“

Официјална Атина, одново, побара од владата на Велика Британија да прифати враќање на дел од мермерните рељефи од Партенон, назад во Грција, што повеќе од 200 години се изложени во лондонскиот Британски музеј.

Повод за повтореното барање грчката влада најде во повторното отворање на Акропол во Атина, откако овој исклучителен историски споменик, два месеци беше затворен за посетителите, поради раширената епидемија со коронавирусот.

Пандемијата во Грција се уште не е до крај надмината, но историските локалитети, меѓу кои и Акропол, беа одново отворени, во рамките на мерките за постепено олеснување на карантинот, како во оваа земја, така и низ другите делови од ЕУ/Европа.

Зделка од 1803 година

Британско-грчкото спорење околу рељефите, познати како „Елгиновите мермери“ потекнува уште од 1803 година, кога амбасадор на Британија во Отоманската Империја бил лордот Елгин.

Познат како голем љубител и познавач на класичната уметност, при една посета на Атина, која тогаш како и целата денешна Грција била дел од Империјата, ги забележал рељефите паднати од фасадата на Партенон и расфрлани наоколу.

Од локалните отомански власти побарал да ги откупи, а тие се согласиле. За таа зделка(Британија тврди постојат документи). Подоцна Елгин изјавил дека се одлучил на тоа стравувајќи дека „онака расфрлани“ рељефите би можеле да се испокршат, или локалните отомански власти да го искористат мермерот како градежен материјал.

Откако ги купил, лордот ги има префрлено во Британија, а таму му ги продал на Британски музеј.

Меѓу другите детали, на еден од рељефите сега изложени во големата музејска сала во Лондон, се наоѓа и оној на кој антички Грк се бори со Кентаур.

Актуелната министерка за култура на Грција Лина Мендони, ја искористи приликата со отворањето на Акропол, одново, по подолго време, да го отвори прашањето за „мермерите на лордот Елгин“, барајќи поддршка од меѓународната и од британската јавност за нивното враќање, назад, во Атина. Таа има побарано тие „трајно да и се вратат на Грција“.

„Грабеж“ или спасување

При тоа ја обвинила Британија дека продолжува да брани „грабеж“ на грчкото историско наследство и дека владата во Атина „никогаш нема да прифати дека рељефите се сопственост на Британски музеј“.

А, токму тоа го тврдат низа британски влади застанувајќи во одбрана на ставот на Музејот кој се противи на враќањето во Грција. За Лондон, не станува збор за грабеж, туку дека за купопродажен договор на Елгин со тогашните власти во Атина.

Британците инсистираат дека денешна Грција не може да претендира на нешто кое потекнува од петтиот век пред нашата ера кое, според тоа, му припаѓа на целото човештво.

И, конечно, Музејот ја брани позицијата дека со својата постапка лордот Елгин само ги спасил мермерните рељефи од уништување и дека тие во Лондон два века му се достапни на увид на светот.

Иако случајот потекнува од почетокот на 19 век, за прв пат Грција ги има побарано „Елгиновите мермери“ во 1983 година, од владата на ПАСОК, во времето кога премиер беше Андреас Папандреу, а министер за култура, актерката Мелина Меркури.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе