Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Разголената сестра без заштитно одело

Разголената сестра без заштитно одело

Медицинската сестра од Русија која е снимена разголена, само по својата долна облека, во импровизиран мантил од проѕирна, дебела пластика, додека им дели лекови на заболени од коронавирусот во градската болница во градот Тула, е казнета од властите и суспендирана од работа. Таа била обвинета за „прекршување на работната дисциплина, затоа што не била облечена во својата сестринска униформа“.

Снимката на разголената сестра го има обиколено светот, проследена, главно, со иронични коментари дека можеби таквиот третман ќе им помогне на пациентите полесно да ги поминат маките што ги имаат од вирусот. Информациите што по тоа се дојдени од Русија и од некои тамошни медиуми, меѓутоа, откриваат поинаква вистина за медицинската сестра, а преку неа и за состојбите во руското јавно здравство.

„Немаме што да облечеме“

Прво е откриено дека сестрата има 23 години, дека се вика Наѓа. А, потоа, медиумите ја пренесуваат нејзината изјава за целиот случај.

Во неа таа објаснува дека на сослушувањето се жалела дека и било „премногу жешко“ и дека не можела да издржи повеќе, после над десетина часови да биде во пластиката, па дека затоа се одлучила да се соблече – да се „спаси од топлината“, а сепак, да не ги напушти пациентите и да продолжи да работи.

„Немаме што да облечеме. Немаме заштитни одела и облека специјална за ваква работа. Па, да не е така, зарем би оделе голи меѓу пациентите, делејќи им лекови“ – изјавила сестрата Наѓа.

Нејзината изјава веднаш ја поддржале голем број лекари и друг медицински персонал во Тула. И самите се пожалиле дека немаат доволно опрема за заштита, додека се движат меѓу заразените и заболените пациенти.

Тие се согласуваат дека не може долго да се издржи во пластиката со која се покриени, па откриваат дека снимената разголена сестра не е единствена која на работа оди само по својата долна облека!

Колегите во одбрана на Наѓа

По силната поддршка од колеги во болницата и барањата да не биде казнета, локалните медиуми тврдат дека Наѓа била помилувана.

„Во крајна смисла, важно е дека таа и сите ние им помагаме на болните. Не е добро што некој ја сликал сестрата како работи разголена и потоа ја објавил фотографијата“ – изјавил еден од лекарите во болницата во Тула.

Сестрата Наѓа подоцна изјавила за еден локален весник дека воопшто не се плаши дека може да се зарази. „Тоа ми е работа. Јас сум медицинска сестра и сакам да им помагам на луѓето“ – рекла таа, не вознемирувајќи се премногу од големиот публицитет што го има добиено – затоа што работела соголена.

Нејзиниот случај, велат, потоа добил сосема поинаков тек.

За неа се заложила и директорката на болницата (чија управа, инаку, ја има суспендирано сестрата од работа), а се тврди дека Наѓа ја посетил и гувернерот на регионот на градот Тула, кој се наоѓа јужно од Москва.

Станува збор за Алексеј Димин, кој пред да биде гувернер, бил екс телохранител на претседателот Владимир Путин, а потоа бил назначен за еден од директорите на воената тајна служба.

Сега во руската јавност се „шетаат“ гласини дека токму Димин е еден од луѓето кои би можеле дури и да го наследат претседателот, кога ќе дошло времето за тоа.

(Д.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе