Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Државите од југот на ЕУ во „трка“ по гости

John Silver/Bigstock.com

Државите од југот на ЕУ во „трка“ по гости

Владата во Мадрид објави дека ја менува досегашната одлука за задолжителна самоизолација од 14 денови за странците кои ќе допатуваат во Шпанија. Наместо тоа, земјата во која годишно доаѓаат и до 80 милиони туристи и гости, од 1 јули ги отвора своите граници за посетителите од земјите на ЕУ/Европа кои ќе може да влезат во оваа земја без притоа да бидат ставени во карантин. Со оваа мерка, покрај Европејците од Унијата, границите стануваат отворени и за оние кои се надвор од Шенген зоната.

Шпанската влада сега  бара од ЕУ што побрзо да определи критериуми за  државјаните од земји што не се во Шенген зоната – според кои тие ќе се сметаат за безбедни за патување. Од почетокот на јули нема да има задолжителен карантин при влезот, но се навестува дека и туристите ќе мора да почитуваат низа мерки за здравствено-санитарна безбедност.

-Ние сме отворени за туризам, па затоа ги повикувам странските туристи да почнат да резервираат одмор во Шпанија- изјави премиерот Педро Санчез.

Пост-пандемиски услови

Оваа земја плати висока цена во текот на пандемијата, со над 27 илјади жртви. Владата прогласи десетдневна жалост за сите оние кои ги загубија животите во битката со коронавирусот.

Во земјата се уште умираат заболени пациенти, но општата слика е драстично изменета, па затоа владата настојува Шпанија полека да се врати во нормалниот живот во пост-пандемски услови,  покренувајќи го, пред се, туризмот кој има витално значење за нејзината вкупна економија.

Мадрид, заедно со Италија и со Грција, водечката европска туристичка тројка од југот на ЕУ, преговараат со низа земји од ЕУ да се раздвижи туристичката индустрија што сега е целосно замрена. А, преговори се водат и со другите држави, главно, со соседните.

Италијанската влада која се уште се бори со пандемијата што никако не може да ја исчисти од областа Ломбардија, од каде вирусот почна да ги зема првите човечки жртви, сепак, забрзано се подготвува да привлече гости во оваа сезона која изгледа како изгубена.

За прв пат, Венеција има примено домашни гости , кои ни од далеку не се во бројот на кои Италијанците се навикнати, но градот во лагуната не е веќе целосно празен. По неговите улици и каналите има луѓе. И овие ги снимаат знаменитостите на Венеција, но за разлика од тие порано, овие, сегашниве, имаат маски на лицата, а некои носат и ракавици, како заштитна мерка.

Италија се отвора

Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи ди Мајо, сепак, е оптимист.

Dan Grytsku/Bigstock.com

Тој најави дека на 3 јуни Италија ги отвора границите за гости од земјите на ЕУ и на Шенген зоната. Рим смета дека тоа треба да биде „ Денот Д“ за европскиот туризам и за ЕУ. Германија ќе ги отвори границите на 15 јуни, а владата во Берлин не им забранува на Германците да одат на летување во странство, како што тоа претходно се најавуваше.

И Италија, а и Шпанија се популарни дестинации за германските туристи. Во Шпанија, на островот Мајорка, како и на Ибица тие имаат своја голема колонија во која се населени и каде некои повозрасни и постојано живеат.

Голем број Британци имаат имоти и куќи и станови во Шпанија, па ќе сакаат летово да го минат таму, како што тоа го прават секоја година. За нив дополнително се усложнува ситуацијата со Брегзит и со излегувањето на Британија од ЕУ, но најголемата светска туристичка компанија ТУИ соопшти дека веднаш пораснала вредноста на нејзините акции по повикот на шпанскиот премиер Санчез и по најавите за отворање на Италија.

Против „туристички коридори“

Министерот Ди Мајо, меѓутоа, вели дека владата во Рим е против уредувањето на некакви „ туристички коридори“ што ги заговараа Грција и Хрватска, замислени за да се избегне туристите , на патот на својата крајна дестинација, да се запираат и во трети земји- каде би можеле да се заразат.

Грција веќе ги отвори своите плажи, а од почетокот на оваа недела го обнови сообраќајот на траектите кон островите, за прв пат по 40 денови. Постепено се отвораат кафулињата и рестораните, иако со низа заштитни мерки.

Градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис, инаку син на екс министерката Дора Бакојани, која и самата беше градоначалник- повикува да се дојде во Грција која е отворена за туризмот. „ Може да се одморате, а при тоа да не стравувате за вашето здравје“- порачува Бакојанис.

Тестирање на Кикладите

tepic/Bigstock.com

Грчката влада забрзано работи, од 1 јули, кога ќе почне годинешнава сезона, да се отворат и најпопуларните острови за странските туристи. На Кикладите ( Миконос, Санторини, Милос, Парос, Наксос, Сиканис) се испратени специјални екипи кои вршат тестирање на локалното население. Тоа треба да ја покаже здравствената слика на островите, но и да ги охрабри потенцијалните туристи.

Во болниците на островите се носи опрема за брзо уредување на одделенија за интензивна нега, ако тоа биде потребно, доколку се појавави зараза кај некои од гостите,  а се подготвуваат и мобилни екипи за островите на кои воопшто нема болници.

За разлика од Шпанија и Италија ( која до сега има 33 илјади починати), Грција многу полесно мина низ пандемијата.

Регистрирани се 2900 заболени и 173 починати лица. На Кикладите кои ги сочинуваат околу 200 острови, официјално имало четири заразени лица. Тројца од нив починале.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе