Ана Брнабиќ против Том Круз
Во екот на веќе подолго време распалената расправија меѓу Белград и Подгорица, српскиот премиер Ана Брнабиќ го вклучи и американскиот актер Том Круз.
Расправијата е почната уште од пред четири години и неуспешниот пуч против актуелната црногорска власт, за што Подгорица го обвинува и Белград, па преку целосното свртување на Црна Гора кон НАТО и ЕУ, кога едно време се посочуваше и како лидер на Западен Балкан на патот на европеизацијата, се до влегувањето на оваа мала јадранска држава во Алијансата.
Во поново време, караницата со Србија се изроди откако официјален Белград, сокривајќи се зад српската црква, жестоко се спротивставува на настојувањето во Подгорица да се обнови Црногорската православна црква и да и се врати автокефалноста. Српската страна на ова гледа како на, без малку, напад врз Србија и српството, додека од црногорската страна возвраќаат дека станува збор за „велико-српско однесување“ и дека Белград сака „да владее со Црна Гора преку СПЦ“.
„Црква во 21 век“
Во таа елаборација на религиозната расправија меѓу двете соседни држави, во која има многу (старинска и опасна) политика, премиерот Брнабиќ во едно ТВ интервју, го користи и Том Круз, а пред се, неговата верност кон контроверзната сајантолошка религија на која тој и е посветен.
Зборувајќи за намерата на Подгорица да ја обнови својата црква, сега кога државата е повторно независна, српскиот премиер посочила…
„Па, кој во 21 век создава нова црква. Тоа во овој век веќе никој не го сака и не го прави. Освен, ако не е Том Круз“
…рекла Брнабиќ, практично третирајќи ја намерата за обнова ЦПЦ, онака како што светот ја третира сајантологијата.
Од Црна Гора веднаш уследи одговор што е сосема близок до историјата и со него се порачува дека „никој не прави нова црква“ .
Право на обнова
Од таму се потсетува дека како независна и меѓународно призната држава, после Берлинскиот конгрес во 1878 година, кнежевството Црна Гора имало своја црква, која била прогласена како автокефална и како таква била заведена и во Уставот на земјата како нејзина единствена црква.
Според овие историски показатели, СПЦ се појавува во Црна Гора по влегувањето на кнежевството во составот на новата држава Југославија (тогаш кралството на Србите, Хрватите и Словенците).
Историчари во Подгорица инсистираат дека тогаш на Црногорците им е одземена државата и им е укината автокефалноста.
Тоа, според овие толкувања, не значи дека Црногорците немаат право да ја обноват автокефалноста.
И историчарите и политичарите сметаат дека зад црковното прашање, сепак, се крие националното – а тоа е дека за СПЦ, Црна Гора била и останува „српска земја“ во која живеат Срби.
Тоа прашање го зафаќа и Брнабиќ која тврди дека една третина од населението на сегашната држава Црна Гора се Срби.
Уште еден стратешки партнер
Тој податок го употребува за да и порача на Подгорица, но и на другите во регионот оти Република Србија „мора да се грижи за Србите, каде и да се наоѓаат и каде и да живеат, затоа што тоа било уставна обврска“.
“Ние за тоа нема никому да се извинуваме, затоа што тоа, конечно, го прават и други држави”
…рекла српската премиерка, споменувајќи го во тој контекст Унгарецот Виктор Орбан, нарекувајќи ја врска со Унгарија стратешко партнерство и при тоа правејќи уште една од грешките на политиката на Белград кон ЕУ/Европа и неговиот европски пат.
Прво, Орбан е последниот пример што треба да се користи кога станува збор за националната политика. Унгарското малцинство во околните земји го снабди со унгарски пасоши и тие сега повеќе се лојални кон Будимпешта, отколку на државите во кои живеат.
А, второ, за премиер на земја која формално преговара за влез во ЕУ, Брнабиќ треба да знае дека државите водат грижа за сопствените ДРЖАВЈАНИ, а не само за најголемата етничка заедница во државата – во случајот на Србија – за етничките Срби.
Уште повеќе, грижата за која зборува премиерката никако не смее да биде како онаа кон етничките Срби во Црна Гора, затоа што се претвора во мешање во внатрешните работи на една странска земја.
Ехо на деведесеттите години
Конечно, иако не е на истоветен начин кажано, пораката на Ана Брнабиќ, дека Белград ќе се грижи за Србите надвор од границите на државата Србија, има застрашувачко ехо на времето од деведесеттите години на 20 век.
Тогаш, Слободан Милошевиќ зборуваше дека до таму до каде има Срби, до таму е Србија. Веројатно и таа памети до каде по тоа стигнаа работите. Не само во Република Србија, туку и кај сите другите во регионот кој се уште не може да се извлече од последиците на таквата распалена националистичка еуфорија.
Еден белградски аналитичар, по тој повод, има забележано дека српската страна никако не може да разбере дека етничките Срби во другите држави во регионот, пред се, треба да бидат лојални граѓани на државата во која живеат, онака како што во Србија тоа се бара од сите други етнички заедници на нејзината територија.
За тоа едноставно правило во една современа, европска, правна држава во 21 век, не се потребни ниту сајантолозите, а ниту Том Круз и неговите „невозможни мисии“.
(Д.Б.)