Украина развива „индустрија“ на сурогат породувања
Во настојувањето за закрепнување на украинската економија, а посебно за подобрување на стандардот на луѓето, властите во Киев се определија и за една крајно необична, иако тие уверуваат – хумана индустрија.
Станува збор за „индустријата“ за сурогат породување, која забрзано се раширува низ оваа источноевропска држава која и натаму е соочена со руската анексија на Крим и интервенцијата во Источна Украина и со кризата што од тоа е создадена.
Над 50 клиники за сурогат породување постојат низ земјата кои нудат вакви услуги, а нивниот број забрзано се зголемува, затоа што Украина е една од ретките држави кои дозволуваат учество во ваквото породување и на странски државјани.
Вкупно 125 бебиња ги чекаат родителите
Странските медиуми ја покренаа темата околу оваа „индустрија“ откако од Киев беше соопштено дека Украинки кои ја имале улогата на сурогат – мајки се породиле и дека бебињата добиени на овој начин се сместуваат во болници, во очекување нивните родители да си ги „земат“ децата, откако и едните и другите останаа „заробени“ во Украина поради прекинатите транспортни врски, предизвикани од пандемијата со коронавирусот.
Според податоци на украинските власти, има вкупно 125 вакви бебиња кои ги очекуваат своите родители да ги „подигнат“ од болниците.
Родители, корисници на ваквите услуги, има од разни на светот – дури и од Аргентина, Мексико и САД, но и од Италија, Шпанија, Велика Британија, Франција, Германија, потоа од Австрија и од Португалија, како и од блиските Бугарија и Романија, па се до далечната Кина.
Украинците ги уверуваат родителите кои до сега не можеа да дојдат да си ги земат родените бебиња, дека новороденчињата се здрави, добро напредуваат и обезбедени на секој начин, со целосна нега и под постојана контрола.
Киев ја поттикнува „индустријата“
Украинските власти, меѓутоа, дури сега почнаа да издаваат дозволи за влез во земјата на странците, за да си ги земат бебињата.
Меѓу првите се родители од Аргентина кои по поминати 14 денови во карантин, поради епидемијата, за прв имале можност да си го видат своето новороденче. Тоа е родено, како и мнозинството други преку сурогат-мајки (Украинки).
Оние родители кои морале да одат во карантин, по влегувањето во Украина, биле сместувани во хотели што ги има изнајмено фирмата „Биотекском“, која има израснато во најголемиот капацитет на ваквата „индустрија“ за сурогат породување.
Од 10 јуни властите во Киев имаат дозволено влез на 31 брачна (и партнерска) двојка да си ги земат своите бебиња и најпосле да се поврзат со своите деца. Други 88 семејства се на пат кон Украина, за да си ги земат веќе родените бебиња. Сите тие за прв пат ќе се сретнат со своите новороденчиња.
Украинските власти ја подржуваат оваа своевидна индустрија, која очигледно и помага на државата, но им помага и на бројни украински жени, вклучени во оваа сурогат операција да дојдат до пари (приход) додека девет месеци, до породувањето, ги носат во себе зачнатите бебиња.