Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Фараж симнат од програмата на ЛБЦ

"Nigel Farage" (CC BY-SA 2.0) by Gage Skidmore

Фараж симнат од програмата на ЛБЦ

Британскиот ултрадесничарски и антиевропски политичар Најџел Фараж, остана без своето двочасовно политичко радио-шоу, на програмата на лондонската радио станица ЛБЦ, откако управата на радиото одлучи шоуто „веднаш да престане да се емитува“.

Фараж го почна ангажманот со ЛБЦ веднаш по Брегзит и изгласаното излегување на Британија од ЕУ, откако тој, практично, остана без работа на британската политичка сцена и без никаков удел во домашната политика. Во својата програма тој се занимаваше со темите кои ги имаше и порано промовирано, како политичар – тврдите евроскептични, крајно десничарски и над се антиимигрантски ставови и погледи.

Инцидент во Бристол

Програмата му беше укината, а радио терминот му е одземен за погледи што инаку се на линија која тој од секогаш ја има брането, но не во радио-шоуто што се емитуваше пет пати во текот на неделата, туку за изнесувани ставови во интервју на една телевизија.

Во текот на разговорот, водителот го запрашал Фараж за коментар околу анти-расистичките демонстрации во англискиот град Бристол, кога нај насилните од демонстрантите ја урнале статуата на една личност од англиската историја, од 17 век, што потоа ја фрлиле во реката Ејвон која тече низ овој град. А, тој во свој стил – постапката на демонстрантите ја споредил со однесувањето на талибанците во Авганистан.

Неговиот коментар има предизвикано бурни реакции во британската јавност, од некои е оценет и како расистички и со осуда на протестите, па управата на радио ЛБЦ, без многу да размислува го казни со одземање на неговата програма.

Демонстранти-талибанци!?

Демонстрантите во Бристол го урнаа споменикот на Едвард Колстон, познат како најголемиот трговец со робови од Африка.

Зошто токму нему требало на времето да му биде подигнат споменик, кога Британија одамна го има укинато ропството и забрането ваквата трговија, сега никому не му е битно, но во бранот протести против убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд, беше урнат споменикот на Колстон.

Фараж остро ја има осудено таквата постапка и ја споредил со уривањето на монументалниот споменик на Буда во авганистанската пустина од талибанците, во 2001 година.

Настрана од политиката и политичката тежина на изјавата на Фараж во денешна Велика Британија, споредбата е најблаго речена – смешна и несоодветна.

Споменикот на Буда беше заштитен од Унеско и третиран како дел од светското историско и културно наследство.

Споменикот на еден англиски трговец на робови тоа не е, па целиот инцидент од Бристол никако не може да се спореди со бруталната интервенција на талибанците кои употребувајќи и силен експлозив не може до крај да го уништат споменикот на „еден неверник“.

Политичар за една употреба

Најџел Фараж, како и да е, ќе остане запаметен како маргинален англиски политичар кој своевремено ги има напуштено ториевците, несогласувајќи се со нивната (тогаш) проевропска ориентација.

Создаде антиевропска и во основа националистичка партија УКИП која додека постоеше, никогаш на изборите не освои место во британскиот Парламент.

Тој меѓутоа, на сите евроизбори си обезбедуваше место како европратеник во Парламентот во Стразбур, продавајќи го англискиот евроскептицизам и земајќи годишна плата од 50 илјади евра, како пратеник во ЕУ.

Во екот на кампањата за Брегзит, сегашната генерација ториевци го искористија Фараж за плашење на англиските десно ориентирани гласачи дека државјаните на ЕУ ќе им ја „потопат“ земјата со Европејци кои наводно им ги одземаат работните места и парите за социјална помош.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе