Џонсон го брани споменикот на Черчил
Британскиот премиер Борис Џонсон остро реагираше на случувањата во Лондон, врзани околу безбедноста на споменикот на поранешниот премиер Винстон Черчил, што пред повеќе години е подигнат во малиот парк наспроти зградата на Парламентот.
Споменикот на политичарот кој кариерата ја има започнато уште на крајот на 19 век, но кој во британската и светската историја е влезен како политички лидер-победник во Втората светска војна кој заедно со другите сојузници ги има поразено нацизмот и фашизмот на европското тло, сега е целосно покриен, заштитен со дрвени плочи за да не биде одново нападнат и оштетен од демонстрантите кои протестираат против расизмот.
„Неподносливо и одвратно“
Вакви протести имаше и се најавуваат нови, како реакција на полициската бруталност во САД, кога во една интервенција во градот Минеаполис почина локалниот афроамериканец Џорџ Флојд.
Во текот на таквите протести во градот Бристол, една насилна група демонстранти ја има урнато статуата на извесен Едвард Колстон, кој живеел уште во 17 век, а е познат во англиската историја како најголемиот трговец со робови од Африка.
Статуата на овој „расист“ била влечена низ улиците на градот, а потоа од еден мост била фрлена во реката Ејвон.
Постапката беше осудена од министерката за внатрешни работи Прити Пател, а таа најави апсење и казнување на сторителите, но засега никој не е откриен и притворен.
Сепак, инцидентот, иако различно протолкуван, предизвика вознемиреност во домашната јавност, особено што организаторите на протестите најавуваат дека ќе уриваат споменици и на други личности од историјата што тие ги третираат како „расисти“.
На тој список на „виновници“ се наоѓаат и Черчил и неговиот споменик во центарот на Лондон. Тој веќе беше нападнат, ишаран со бои, а на неговиот постамент оставен натпис – тој беше расист.
„Срамно е она што се прави со споменикот на Черчил. Сето тоа е едно неподносливо и одвратно однесување“ – изјави Џонсон.
Нема цензура на минатото
Според британскиот премиер, во текот на својата долга политичка кариера Черчил има зборувано и работи што денес се неприфатливи, но тој останува воен херој кој заслужува да има споменик.
Џонсон притоа зборувал и за третманот на спомениците оставени низ историјата и подигнати за разни личности кои можеби сега се контроверзни и неприфатливи за дел од денешните генерации кои ја чинат британската јавност.
Според актуелниот премиер Британија „не може сега да пишува нова историја, или да го цензурира своето минато“.
„Конечно, не може да се правиме дека имаме поинаква историја, од онаа што сме ја имале“
…рекол Џонсон, забележувајќи дека спомениците низ минатото биле подигнати за луѓе со различни и поинакви визии за доброто и за злото.
Според неговото толкување, антирасистичките протести низ Британија се преземени од разни „екстремистички елементи“, претворајќи ги организаторите на демонстрациите и самите демонстранти во „заточеници на екстремизмот“.
Џонсон затоа ги има повикано демонстрантите да се тргнат настрана, бидејќи сега им служат само на екстремистите кои се вметнале меѓу нив и на кои не им е толку за убиството на Џорџ Флојд, колку за да ги исполнат своите насилнички цели.
(Д.Л.)