Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Лондон: Нема продолжување на транзицијата со ЕУ

extravagantni/BigStock.com

Лондон: Нема продолжување на транзицијата со ЕУ

Владата на Велика Британија и официјално објави дека не сака да се продолжи периодот на транзиција со ЕУ, што истекува на крајот од оваа година, до кога Лондон и Брисел треба да постигнат договор околу нивните идни односи.

Британскиот министер Мајкл Гоув имал средба со еден од потпретседателите на Европската комисија, Марош Шефчович, на која се разговарало околу ова прашање. По средбата Британецот, во стилот на изјавите од пред Брегзит, има напишано на Твитер…

„На 1 јануари 2021 година, Британија ќе ја преземе контролата врз британската политика (!?) и ќе си ја поврати својата економска независност“.

Несогласувањата остануваат

Владата во Лондон, можеше до крајот на јуни, да побара од Брисел да се продолжи т.н. период на транзиција, но по изјавата на Гоув, веќе е сосема јасно дека тоа нема да се случи.

Во понеделник (15 јуни) треба да има (виртуелна) средба на британскиот премиер Борис Џонсон и претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, на која би требало да стане збор за текот на преговорите кои се во целосен застој поради пандемијата со коронавирусот.

Прво, европскиот преговарач Мишел Барније заболе од вирусот, а потоа, во потежок облик се зарази и заболе и Борис Џонсон кој мораше да биде префрлен во болница во одделение за интензивна нега. Но, аналитичарите во Лондон велат дека причината за застојот не е само епидемијата, туку и длабоките несогласувања што и натаму постојат меѓу ЕУ и Британија, како да се уредат нивните односи по Нова година.

Британците не прифаќаат во договорот за слободна трговија и за влез на Британија на заедничкиот европски пазар, да се работи според стандардите на кои инсистира ЕУ во сите нејзини договори што ги има направено со трети страни.

Брегзит без договор?

Британската страна го знае тоа, затоа што до скоро беше дел од Унијата, но продолжува и натаму да се однесува арогантно, под притисок на тврдите брегзитери, ризикувајќи овој период на транзиција да заврши без договор. Тоа би значело дека Британија, сепак, на крајот ќе ја напушти Унијата без спогодба со Брисел, варијанта која не ја сака британскиот бизнис и на која предупредуваа и опозицијата, но и низа политичари од владеачките ториевци.

Британија излезе од ЕУ, на 31 јануари, но двете страни се имаат согласено до крајот на 2020 година, додека се преговара за договор за идните односи, земјата да остане на заедничкиот пазар и да ги користи сите бенифиции кои произлегуваат од таквиот статус во периодот на 11 месечната транзиција. Глобалната пандемија која мошне тешко ја погоди Британија, одзеде три месеци кои (веројатно) ќе се користеа за преговори.

По фалбаџиската изјава на Гоув, повеќе наменета за домашната јавност, отколку за европската, во Брисел неидентификувани дипломати изјавиле за некои лондонски медиуми дека кога веќе нема да има продолжување на транзицијата, би било ред Британците да почнат „сериозно да преговараат“ а не да диктираат услови кои само ним им одговараат.

„Излезете и трошете“

Според она што засега се знае, предвидено е преговори да има во јули, август и септември, но повеќе ќе се знае после мини-Самитот на почетокот од идната недела.

Соопштението дека Лондон не сака продолжен рок за транзицијата, се совпадна со соопштението на Државното биро за статистика, за тоа дека во текот на април, британската економија има најголем пад на Бруто националнаиот производ (БНП) меѓу развиените економии, од 20.4 отсто.

Ова е најголем месечен пад на БНП од 1997 година и тоа уште повеќе го загрижи и онака исплашениот британски бизнис.

Експерти во Лондон предупредуваат како сега стојат работите, може да се случи британската економија да помине најлошо со кризата предизвикана од пандемијата.

Премиерот Џонсон веќе сугерира луѓето да почнат да излегуваат од своите домови, каде се уште повеќе престојуваат, како во времето на карантинот и да почнат да трошат, за да се покрене домашнит бизнис.

„Фајненшл Тајмс“ уште и навестува дека владата од Нова година, кога земјата нема да биде во ЕУ, а можеби и на заедничкот пазар, ако не се постигне договор, ќе дозволи „лабава контрола и исто такво царинење“ на увозната стока од ЕУ, само за да му се овозможи на домашното стопанство да се разработи.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе