ЕУ ги отвори внатрешните граници
Европската Унија од 15 јуни повторно ги отвори своите внатрешни граници и ја укина контролата, воведена поради коронавирусот, овозможувајќи им одново на Европејците слободно движење низ најголемиот дел од територијата на ЕУ.
За државјаните надвор од Унијата, меѓутоа, како и за сите другите од светот, вклучувајќи ги и луѓето од регионот на Западен Балкан, европските граници е предвидено да се отворат на 1 јули, иако (многу веројатно) дека и тој датум ќе зависи од епидемиолошката ситуација во земјата од каде странците треба да дојдат на територијата од ЕУ.
Годишнина од Шенген
Отворањето на границите низ Европа се совпаѓа со годишнината од потпишувањето на Шенгенската спогодба, но тоа, сепак, е врзано за одлуката на Европската комисија за олеснување на мерките на карантинот воведени за борба со пандемијата и во секој случај, со подобрената епидемиолошка состојба, без разлика што вирусот не е совладан, а во повеќетео од земјите на ЕУ и натаму се бележат новозаразени лица.
Како и да е, меѓу Белгија и Луксембург веќе нема никаква контрола, а меѓусебните граници ги отворија и Франција и Германија и уште низа други земји и на Истокот на Европа, како Бугарија и Словачка, или Грција на југот од ЕУ.
На нив веќе нема контрола за државјаните на ЕУ кои патуваат во рамките на Унијата. Нема веќе тестирање на луѓето кои влегуваат во некоја од земјите и чување во карантин од по 14 денови.
Поедини држави, сепак останаа претпазливи, посебно оние во Скандинавија, дури и едни кон други, што е реткост, затоа што тие обично не се издвојуваат.
Така, Норвешка, Данска, Финска и Исланд се договорија да ги отворат границите за своие државјани, но не и за Шведска, која се уше не може да се справи со коронавирусот и каде смртноста на еден милион жители останува највисока во регионот.
Македонски политикански игри
Од тие причини низа земји од ЕУ/Европа не ги отворија своите „врати“ и за Британците, Шпанците и Италијанците, ниту пак овие земји тоа го направија меѓу себе, без разлика што првите авиони (еден на „Луфтханза“, а другиот на туристичката компанија ТУИ) полетаа од Германија за Португалија.
Така се определи и Грција која од 15 јуни дозволи влез за странци од 16 држави (од ЕУ и некои други надвор од Европа, како и од државите на Западен Балкан – вклучувајќи ги Албанија, Србија и Република Северна Македонија). Британците, на пример, на грчкото море ќе може да се надеваат (евентуално) од почетокот на јули.
Македонските државјани испаднаа од списокот на повластените државјани во Грција, откако не ги почитуваа мерките за заштита, по олеснувањето на епидемиолошките забрани, правејќи од религиозните датуми и од обичаите политички предизборни паради – за да и се напакости на владата.
Полицијата, пак, задолжена за да ги спроведува мерките, во овој период, ставена под контрола на партиски апаратчик, привремено ставен на тоа место со бесмислениот и непотребен „пржино 2“ договор, само го потхрануваше повторното раширување на епидемијата. Целта беше да има повеќе новозаразени за да нема избори!
Инцидент со српските туристи
Од тие причини, сега е неизвесно дали за нашите државјани и 1 јули ќе биде датумот, од кога ќе може да се влегува во Грција (за летување и шопинг, за што друго) и во ЕУ/Европа.
А, државата – сепак – ќе има избори, откако исплашената опозиција се измоли за седум денови „бонус“ од првично предложениот датум, ставена под силен притисок од Европа.
Само затоа, за да не биде државата без Парламент и без влада, зашто треба да почнат преговори со Брисел за влез во Унијата, што, наводно, ги интересира и оние во опозиција, но и оние кои сега се во владината коалиција, ама им е страв од пораз, кај своите гласачи.
Владата во Атина, во последен момент, го запре влегувањето и на туристи-гости и од Србија.
Тие не можат да минуваат низ македонската територија, затоа што граничниот премин кај Гевгелија е отворен само за грчки државјани и за оние кои имаат дозвола за постојан престој во Грција. Па засега за пат кон југот ја користат Бугарија.
Веќе во првиот ден од симнувањето на ембаргото, српските туристи со автобуси и приватни возила, масовно, тргнале кон егејскиот брег, без да бидат известени за новата одлука на грчките власти.
Неколку стотици туристи од оваа земја, затоа, останаа на бугарската територија, кај преминот Кулата, десетина километри јужно од градот Сандански, заробени пред спуштената грчка гранична рампа.
„Останете дома – на одмор“
Наводно, во текот на ноќта, била пуштена групата која веќе била во предграничната зона на бугарска територија, но не е јасно дали официјална Атина уште еднаш ќе ја смени одлуката, кога станува збор за државјаните од Србија, или и Бугарија ќе ја спушти рампата, чекајќи го 1 јули.
Конечно, коронавирусот се обновува и на српската територија, што (според Белград) е официјално објаснување на Грција за овој инцидент.
Северно од овој регион, во кој секое вакво, или слично недоразбирање се врзува за политика и за приказните – дека некој некого сака, а другите ги мрази- во ЕУ, работите околу постепидемиолошкиот туризам не се доведени до такви состојби.
Повеќе земји, меѓутоа, меѓу кои и туристички велесили какви се Франција, или Германија, ги повикаа своите граѓани ова лето да останат дома – да летуваат во своите држави, иако Франција годишно ја посетуваат 90 милиони странски гости и туристи.
Државите од југот на Унијата, како и Грција, заговараат обнова на туризмот кој за нив е многу важна гранка во економијата. Грција, на пример, остварува 20-25 отсто од својот БНП од туризмот.
Шпанија, пак, минатата година има заработено 125 милијарди евра од туристичката индустрија, додека Италија ги повикува Европејците и странците да не ја заобиколуваат, уште и налутено порачувајчи- немојте да не гледаат како да сме болни од лепра.
Поинакво лето и летување
Во секој случај, дали од 1 или од после 15 јули – зависи од земјата домаќин која си ги определува правилата за прием на странски туристи – ова лето во никој случај нема да биде како минатогодишното.
И при патувањата, како со авион, така и приватно (каде ќе биде дозволено), а и на локациите каде ќе се летува, годинава капењето и сончањето на топлите мориња, ќе биде полно со ограничувања.
Во авионите сите мора да имаат маски за лицето и ракавици, а така треба да се „облечени“ и на аеродромите, без разлика што веројатно тоа ќе бидат летови по “санитарни коридори“.
Насекаде во јужноевропските земји, капење е дозволено само на официјални плажи, чадорите за сонце се поставени на 4 метри, а под нив е дзволено само двајца. На плажите ќе работат бифеи и ресторани, но ќе нема маси, а на плажите се дозволени само оние спортски игри во кои нема директен контакт на играчите.
Во меѓувреме, Шпанија има над 180 новозаразени, во 24 часови меѓу неделата и понеделникот, Италија 300, Германија близу 400, Франција над 150, Португалија 350.
Новозаразени има во безмалку сите земји од ЕУ, како на Западот и југот од континентот, така и на Истокот, каде доминира Полска со 400 новозаразени во последните 24 часови.
(С.Г.)