Кинеско-индиска „војна“ под Хималаите
Повеќе десетици мртви, на обете страни, е досегашниот крвав биланс од повеќе часовната пресметка меѓу кинеските и индиските војници, стационирани покрај граничната линија во спорната област под Хималаите, за која Кина и Индија се спорат повеќе децении.
Сепак, судирањата и силното насилство изразено во ноќта во понеделникот (15 јуни) е најтешкиот и најкрвавиот инцидент во последниот 45 години.
Инцидентот доаѓа во време на силно зголемени тензии меѓу Њу Делхи и Пекинг и расправии на двете големи соседни азиски држави, што се регистрирани во изминатите неколку недели.
Но, и во времето кога двете страни навестуваа дека се обидуваат да дојде до деескалација на состојбите во долината Галван.
Десетици мртви на двете страни
Во тој реон, во еден подолг период, индиските и кинеските патроли кои се движат покрај самата гранична линија дури и не носеа оружје, токму поради тоа за да не дојде до некој инцидент, каков што се случил во понеделникот, ноќта и траел неколку часови, се до после полноќ.
Индиските власти првично објавија дека на нивна страна има тројца загинати – еден офицер на армијата на Индија и двајца војници.
Неколку часови подоцна, официјален Њу Делхи соопшти дека билансот од насилството е многу поголем и дека на нивна страна има 20 загинати.
Пекинг го потврди инцидентот на границата во спорната област, како и тоа дека има загинати и повредени, без да биде соопштен нивниот број. Во последните извештаи од „фронтот“ двете страни признаваат дека има десетици мртви.
Сега Њу Делхи и Пекинг реагираат со сосема различни објаснувања за тоа како се дошло до крвавиот инцидент со толку многу жртви во кој (изгледа) дека не било употребено огнено оружје!
И од двете страни како „оружје“ било користено се што им се нашло при рака – најмногу метални шипки, војничка опрема, но и камења, а се тврди дека имало и меѓусебни крвави тепачки на припадниците на двете армии, во кои веќе и не се знаело кој на која страна од границата се наоѓа и од каде напаѓа.
Спротивставени толкувања
Двете страни тврдат дека во тој дел од Хималаите го бранат територијалниот интегритет и суверенитетот на својата територија.
Кина побарува дури 90 илјади квадратни километри од источните Хималаи, како и уште 30 илјади други, од западниот дел на големиот планински масив, низ кои минува нивната, над 3500 км. долга граница.
Индиската страна обвинува дека Кина има окупирано 38 илјади километри квадратни индиска територија.
Според официјален Њу Делхи, кризата во реонот почнала да ескалира откако во текот на април, Кинезите почнале да носат војска, артилерија воени возила и да градат воени логори спорната област во која, се вели. дека сето тоа не смеело да го има.
Освен тоа, многу бргу кинеските војници почнале со провокации против стационираните индиски војници, од другата страна на граничната линија, навлегувајќи на индиската страна од границата, фрлајќи камења кон индиските патроли и дури провоцирајќи тепачка.
Индиската воена команда тврди дека токму во такви напади бил погоден и усмртен индискиот офицер кој изгледа бил првата жртва на насилството.
Пекинг, пак, во својата верзија ја обвинува Индија за ескалацијата во долината Галван. Кинезите тврдат дека тие морале да донесат воено засилување во реонот, поради „неприфатливото однесување на Индија“, затоа што започнала со градење патишта во непосредна близина на границата, како и разна друга инфраструктура што Пекинг го смета за „провокација“.
Агресивно кинеско однесување
Кинеската страна уште обвинува дека токму индиските војници ја минале границата и први ги нападнале кинеските војници, што од Индија категорично се отфрла како сосема неточно.
Не е прв пат, во последните шеесетина години двете најголеми земји во Азија и двете атомски сили, да се најдат во судир околу териториите покрај границата под Хималаите.
Во 1962 година, Кина и Индија водеа вистинска војна, во која на бојното поле победија Кинезите, а која заврши со мир во Ташкент, во тогашниот СССР, по преговорите кои ги водеа премиерите на двете земји – Лал Бахадур Шастри и Чуен Лај.
Тензиите, меѓутоа, останаа иако тогаш изгледаше дека работите се средени. Имаше и воени судири во овој период, како оној во 2013 година и уште еден – четири години подоцна.
Неутрални аналитичари најновата криза во реонот под Хималаите ја објаснуваат и со новата кинеска политика на агресивно однесување во меѓународните односи.
Во рамките на таа политика, Пекинг настапува од позицијата на голема сила која покажува дека сака да ги диктира односите во Азија, но и во поширокиот регион, кон Јужно кинеско море, како и кон Истокот – кон Австралија, Нов Зеланд и Пацификот.
(И.К.)