Оскарите префрлени во април 2021 година
Свеченоста на 93-тото доделување на престижната филмска награда Оскар, во следната 2021 година, е одложено за 25 април, поради глобалната пандемија со коронавирусот- соопшти американската филмска академија во Лос Анџелес.
Церемонијата, претходно, беше закажана за 28 февруари, но епидемијата со овој вирус, неколку месеци ги задржува затворени кино салите, а исто така го има целосно пореметено и распоредот за појавувањето на новите филмски остварувања.
Токму затоа, Академијата одлучи да го продолжи и рокот за прикажување на новите филмови кои би можеле да претендираат за наградата Оскар. Тој рок, во нормални прилики, трае до 31 декември, но сега е продолжен за до крајот на февруари 2021 година.
За прв пат, токму поради раширената епидемија, американската филмска академија ги измени и своите правила- сега во трката за Оскар ќе може да учествуваат и оние филмови кои ги имаат заобиколено кино салите и веќе беа прикажани на интернет.
До сега, три пати било одложено доделувањето на наградата Оскар.
Прв пат, во 1938 година, поради поплавите во Лос Анџелес, потоа во 1968 година, по убиството на црнечкиот лидер од тоа време Мартин Лутер Кинг и во 1981 година, по атентатот врз тогашниот претседател на САД, инаку поранешен холивудски актер, Роналд Реган.