Короната се врати во Нов Зеланд
Нов Зеланд не е повеќе територија без коронавирусот, како што тоа пред некој ден ја прогласи актуелниот премиер Јасинда Арден, откако после 24 денови без регистриран нов случај на заразување и на смрт од вирусот, во оваа островска држава на крајниот југоисток од светот, не беа откриени два нови случаи со Ковид-19.
Веднаш беа алармирани епидемиолозите и сите оние кои беа вклучени во одбраната на земјата од раширувањето на пандемијата по островите.
Премиерката Арден која ја прослави „победата над вирусот“ и го означи Нов Зеланд како првата во светот „Corona Free” држава, сега враќа некои од мерките за заштита од вирусот и побара целосен ред и одговорност од граѓаните за да се спречи неговото ширење и формирање нов, втор бран од пандемијата.
Ангажирање на војската
„Потполно е апсурдно дека лицата кои допатувале не биле порано тестирани, веднаш по пристигнувањето во Нов Зеланд. Уште и патувале низ земјата. Затоа ни е потребна армијата, затоа што само таа може да обезбеди строгост, доверба и дисциплина“
…изјавила Арден, откако има објавено дека ја ангажирала војската.
Коронавирусот го вратиле две Британки кои допатувале од Лондон во посета на своите на смрт болни родители, но и двете веќе биле заразени со вирусот.
Британија важи за една од најтешко погодените европски држави, со смртност на еден милион жители поголема и од Италија и Шпанија и со задоцнето воведување на карантин и користење на заштитни маски за лицето.
Британките допатувале затоа што Нов Зеланд се отвори за посетители од странство. По доаѓањето во Окланд тие не биле тестирани. Биле само малку време во карантин, а не 14 денови, па жените ангажирале автомобил и со него патувале низ островот до главниот град Велингтон, при што никој никаде не ги контролирал.
Кога било откриено дека тие се позитивни и болни, била покрената тревога- веднаш се тргнало во потрага по лицата со кои имале контакт уште од авионскиот лет од Бризбејн, во Австралија, до Окланд, како и од таму до југот на северниот новозеландски остров.
Епидемиолошка истрага
Над 350 лица, наеднаш се најдоа во карантин, а Британките во болница на лекување.
Епидемиолошка истрага е покрената и за патниците на летот од Британија до Австралија, за сите лица кои биле блиски со нив и имале некаков контакт. А владата и наложи на војската да го чува Нов Зеланд, што како островска земја, уште и составена од два големи и неколку помали острови, не е ни малку лесна работа.
Војската може само да внимава на аеродромите и на пристаништата, како што оваа држава се чуваше и при првиот налет на епидемијата, затоа што овој пат не е воведена никаква вонредна состојба. Владата тогаш, стравувајќи од наплив на луѓе од подалечните пацифички, островски држави за кои се вели дека имаат сиромашен и небезбеден здравствен систем, уште на почетокот, целосно ја затворија територијата на Нов Зеланд.
Во меѓувреме, локалните медиуми јавуваат дека родителите на Британките починале, но дека во сегашната ситуација, погребот е одложен- се додека дојденките од Британија целосно не оздрават.
Предупредување и за Македонија
Случајот на Нов Зеланд не е прв и не е осамен пример. Претходно, во Европа, прво Црна Гора, а потоа и во Словенија се направија обиди да се прогласи дека земјите го „победиле вирусот“. Но, во сегашниот (втор бран) и во двете земји се открија новозаразени лица, засега, во обем како новозеландскиот.
Светската здравствена организација (СЗО) порачува дека за победа на вирусот (не само овој) може да се зборува откако најмалку 30 денови нема да има новозаразени. Ниту една земја во светот, се уште, не може да се пофали со победа врз короната.
Последен пример за тоа е Кина која исто така, се обиде да се рекламира како победник на вирусот. Сите овие примери, пак, се добро предупредување за сите во Македонија – да останат свесни дека битката продолжува.
Особено после валканите политикански игри на опозицијата и на партии кои сакаат да седат на две столчиња, околу третманот на вирусот, а за сметка на здравјето на луѓето.
Како што се приближуваат изборите, се покренуваат пропагандни пароли за омаловажување на заканата од вирусот.
Најновата е дека не требало да се ставаат во карантин од 14 денови македонските државјани кои заминале за да работат и да живеат во странство (веројатно на некои од партиите им требаат за изборите). Суштината на пораката е дека тие требало да се исклучат од мерката карантин, затоа што и носеле пари на државата – преку девизнте дознаки!?
(И.Г.)