Поврзете се со нас

Skopje Global

Србија: Избори со познат победник

Западен Балкан

Србија: Избори со познат победник

BalkansCat/BigStock.com

Србија: Избори со познат победник

Во Србија овој викенд (на 21 јуни) се одржуваат парламентарни и во исто време локални избори, во една мирна и речиси нетипично српска и балканска релаксирана атмосфера, во која се знае победникот.

Според сите прогнози на домашните аналитичари, тоа и овој пат ќе биде владејачката партија, Српска напредна странка (СНС) на актуелниот претседател Александар Вучиќ која, со својот блок партии кои и сега ја чинат власта во државата, се очекува да достигне апсолутно мнозинство во Парламентот.

Ваквите прогнози се темелат на состојбата во државата и на речиси апсолутната контрола која актуелната власт има ја има во сите сектори – во домашната политика и економија, во правосудниот и безбедносен систем, во медиумската сфера, a сето тоа уредено на антиевропски стандарди, иако Србија неколку години води преговори за влез во ЕУ.

Има отворено дури 18 поглавја, според досегашната методологија за прием на нови земји членки, но нема затворено ниту едно.

Разединети и дезориентирани

Токму затоа што СНС и нејзиниот лидер ја водат и ја уредуваат земјата да наликува повеќе на една орбанова Унгарија, на пример, или и на путинова Русија, отколку на правно уредена, европска демократија.

Дури и во геостратешкото определување, властите во Белград седат на „две столчиња“ – формално, преговараат со Западот, за да бидат дел од него, а на друга страна, се свртени и политички и економски кон Истокот – кон Москва и кон Пекинг.

Другиот причина за изнесената констатација дека „изборниот победник во Србија е познат“ – е нејзината разединета и крајно дезориентирана опозиција.

Згора на се, таа нема што да им понуди на гласачите, што би ги натерала барем да размислуваат за што и за кого да се определуваат.

Настрана, нападната и невкусната пропаганда на власта дека безмалку работи 24/7 за да им биде подобро на земјата и на нејзините граѓани, водејќи постојано пропагандни кампањи уште пред изборите и да бидат закажани.

Слабоста на опозицијата е мошне видлива, колку и да е таа маргинализирана од власта и од медиумите кои, без малку, сите се под контрола на владејачката партија.

Освен критикувањето на власта и посебно на претседателот на државата кој во улогата на премиер ги има сите полуги за авторитарно владеење, српската опозиција нема понудено ниту решенија, а ниту визија за една поинаква држава од сегашната. Освен  бојкот на изборите, околу кој не успеаја да се согласат – тие во предизборната кампања, практично, немаат ништо понудено.

Бегање од Косово

Некои домашни аналитичари, затоа, велат дека проблемот на Србија не се СНС и Вучиќ, туку во тоа што земјата нема вистинска опозиција, бидејќи по сите важни, стратешки прашања, опозиционерите ниту имаат, а ниту нудат алтернатива на она што го прави сегашното владејачко мнозинство.

Опозицијата нема став околу ЕУ и за, практично, запрениот процес за приклучување кон Унијата, како што нема јасна и прецизна позиција и за политика на „две столчиња“, односно за тоа дали ја одобрува политиката за некаква „воена неутралност“ или, пак, дека некоја партија сака влез во НАТО.

Опозиционерите молчат и околу „страшкото партнерство“ со Русија, покажувајќи на тој начин дека (изгледа) сите се со „русофилска“ ориентација, како што не сакаат да се определат ниту против национализмот и за изградба на една граѓанска Србија. Конечно, тука е и бегањето да се изјасни за конечниот статус на Косово.

На српската политичка сцена, едноставно, нема партија во опозицијата и политичар „јунак“ кој јасно ќе каже дека независно Косово е реалност и дека сега треба да се работи натаму, врз основите на таа нова балканска реалност.

Наместо тоа, работите му ги имаат оставено да ги решава претседателот Вучиќ, а тој вешто ја игра играта – силен патриот и бранител на српството, а тоа значи и на „српско Косово“, за домашни потреби и партнер на ЕУ и на САД за компромисно затворање на косовското прашање.

Предизборна мисија на Лавров

Во таква политичка атмосфера, на само десетина часови пред изборниот молк, токму власта го покрена косовското прашање. За свои политичко – пропагандни потреби.

До сега тоа никој од опозицијата не го отвори ова прашање онака како што во предизборна кампања би требало да се направи, ако веќе станува збор за прашање од кое зависи српското членство во ЕУ. Но, тоа го направи српскиот претседател. Во интервју во еден провладин весник, а потоа и примајќи го на гости рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.

Претседателот Вучиќ, токму на 48 часови пред гласањето, им порача на српската јавност, а пред се на гласачите дека „не оди на разговорите за Косово во Вашингтон (на 27 јуни) со бело знаме“, како и дека за српска согласност за влез на независно Косово во ОН (без формално признавање од страна на Белград), Србија бара нешто повеќе од ветувањето на Брисел за влез во Унијата – за „неколку години“.

Секако, при тоа, мисли на српското барање за размена на територии и за нова граница на северот од Косово, иако тоа, овој пат, директно не го споменува.

Лавров, пак, во Белград допатува (крајно невообичаено и нефер кон другите во изборниот процес), пред започнување на изборниот молк.

Поддршка од Москва за власта

Прво, за да им даде на Вучиќ и на неговата партија силна руска поддршка, потоа, за да порача дека Москва останува цврсто со Србија, кога станува збор за иднината на Косово и трето, за да им покаже на ЕУ и на САД дека Русија не се откажува од своите намери да остане на Балканот.Во секој случај, на српската територија, за да од таму може да дејствува во соседството и во регионот.

Шефот на руската дипломатија, меѓутоа, го искористи вклучувањето на Москва во српската предизборна кампања и за да прати порака до Западот – пред се, до Брисел, но и до Вашингтон за тоа дека Русија го врзува разрешувањето на косовската ситуација, за Украина и за БиХ, при тоа, уште порачувајќи му на Белград и да не брза околу постигнувањето конечно решение околу Косово.

Ваков заклучок некои белградски аналитичари извлекуваат од две работи – првата е присуството на разговорите и на Милован Додик, српски претставник во претседателството на БиХ, како и од неслучајно поставеното прашање на новинар на московскиот весник „Комерсант“, кој допатувал во Белград со рускиот министер, за моменталната ситуација  околу Источна Украина.

Се смета дека ова е прв пат, руската страна јавно да покаже дека косовскиот пакет сака да го врзе за разрешувањето на состојбите во Босна и Херцеговина и нескриените амбиции на Додик дека сака од својата (српска) единица во оваа држава да направи независна држава.

БиХ и Украина за пазарење?

Откако тој управува со Република Српска во БиХ, тој и се однесува и ја третира енклавата како посебен издвоен дел и се повеќе силно ја врзува за Белград и за Србија, каде Додик се почесто престојува.

Прашањето е само дали Москва сега би прифатила косовска независност, за независност на овој дел од БиХ, или можеби и за нејзино припојување кон Србија. Тоа пак оди кон менување на границите – во случајов уште потемелно – од повлекување нова гранична линија во северно Косово.

Украинските „замрзнати“ состојби, пак, како анексијата на Крим и воената интервенција врз Доњецк и Луганск (што Русија одново го нарекува Донбас, како во време на СССР),уште  од порано се веруваше дека ќе бидат она околу кое Москва би се пазарела, за да не стави вето во Советот за безбедност при влегувањето на Косово во ОН.

Принципот би бил многу едноставен – вие (Западот) ја прифаќаат нашата реалност – приклучувањето на Крим (а, сега можеби и на Донбас) кон Русија, а ние го прифаќаме Косово како независна држава.

И, конечно, Лавров кој и не мораше да доаѓа во Белград, затоа што Вучиќ на 24 јуни ќе оди во рускиот главен град, на воената парада за денот на победата над нацизмот, во Втората светска војна, прати порака и до целата српска политичка сцена. Рускиот министер отворено порача дека Русија „посебно ги подржува Србите кои работата за српските национални интереси“, што значи дека сите другите, кои тоа не го прават – се анатемисани.

Како правоверни, во секој случај, се оние во сегашното државно раководство.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе