Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Шпанија се отвори за туристите

amok/Bigstock.com

Шпанија се отвори за туристите

Шпанската јавност го поздравува враќањето на странските туристи, откако владата на премиерот Педро Санчез ја укина вонредната состојба и повторно ги отвори границите- засега само за државјаните на ЕУ и на оние од земјите кои не се во Унијата, но се дел од Шенген зоната, како и за граѓаните на Велика Британија, без досегашниот задолжителен карантин од 14 денови.

Три месеци Шпанија беше една од најзатворените држави во ЕУ и во Европа, настојувајќи да го запре ширењето на коронавирусот на својата територија. Но, владата на премиерот Педро Санчез на почетокот на т.н. нова нормална ситуација во земјата, предупреди на неопходноста од стриктно почитување на здравствено-хигиенските мерки за да не се дозволи обнова на епидемијата.

Годишно по 80 милиони гости

Од 14 март, во првите неколку недели, Шпанците мораа да бидат во строг карантин , затворени по своите домови, при што децата не смееја да излегуваат надвор под никаков изговор. Ваквите мерки подоцна полека беа олабавувани, иако и сега остануваат во сила забраната за влез на странци од земјите кои не се дел од ЕУ/Шенген државите, како и обврската луѓето да носат маски на лицето во затворен простор, како и на отворено, ако станува збор за јавни локации, каде не може да се гарантира меѓусебна одалеченост од 1,5 метри.

Регионалните влади од сега, па натаму ќе ги определуваат мерките во секој од шпанските региони, во зависност од епидемиолошката ситуација во секој од нив, за однесување на јавните места- кога станува збор за театрите, за венчавки и за работата на училиштата.

Отворањето на шпанските „ порти“ за туристите беше очекувана мерка, иако таа првично беше најавена за 1 јули, а не за 21 јуни. Шпанија годишно ја посетуваат по 80 милиони туристи и гости,  а туризмот и приходите од него учествуваат со над 12 отсто во шпанскиот БНП.

Мирно на почетокот од отворањето

Останува затворена и натаму – до 1 јули – копнената граница со соседна Португалија, но само затоа што тоа го има побарано владата во Лисабон. Португалците, инаку, изминатата недела ги примија првите групи странски туристи, кои организирано, со „ безбеден воздушен мост“ ги има донесено агенцијата ТУИ од Германија.

Отворањето за гостите од земјите на ЕУ/Шенген е во рамките на договорот што го постигнаа сите земји членки, додека исклучокот што е направен за Британците е последица на тоа што тие се меѓу најбројните странски туристи, но и затоа што голем број од нив имаат станови и куќи по шпанскиот брег.

Шпанските медиуми објавуваат дека , сепак, иако странски гости има на Канарските и на Балеарскуте острови, првиот ден без карантин за гостите, поминал мирно и без наплив на гости. На мадридскиот аеродром работел само еден терминал , што е знак дека туристте нема да брзаат да одат на летување, или во посета на Шпанија и нејзиниите туристички центри. И тоа не е случај само со оваа земја.

Од коронавирусот во Шпанија досега се починати 28.322 заразени и заболени лица. Тоа е земја со трета најголема смртност во Европа- по Британија и Италија.

(М.Ш.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе