Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Се шири заразата по турнирот во Задар

Mityay_PG/Bigstock.com

Се шири заразата по турнирот во Задар

Младиот хрватски тенисер Борна Ќориќ (23) кој настапуваше на турнирот во Задар (Хрватска), организиран како дел од набрзина направената тениска серија „Адрија-тур“, е заразен со коронавирусот.

Освен него, заразени се и тренерите на  Новак Ѓоковиќ и на бугарскиот тенисер Григор Димитров, кои заедно со уште десетина други тенисери од АТП листата, беа вклучени во серијата турнири предвидени да се играат во Белград, Задар и во Бања Лука, во БиХ.

Димитров, претходно,  прв откри дека по враќањето од Задар во Монте Карло, каде инаку постојано живее,  не се чувствувал добро, па веднаш побарал лекарска помош. Бил  тестиран и при тоа било откриено дека е заразен со овој вирус. Сега е во болница, лекувајќи се од Ковид-19.

Ѓоковиќ одбил тестирање

Бугарскиот тенисер ги повика сите свои колеги од турнирот во Задар, како и од турнирот во Белград, што се играше неколку денови пред тоа, но и сите другите со кои бил во контакт, или тие биле во неговата близина, веднаш да се подложат на тестирање и да консултираат епидемиолози.

Борна Ќориќ играше меч со Димитров во Задар, ракувајќи се и грлејќи се со него, пред и по мечот, што младиот хрватски играч, лесно го има добиено. Тој сега тврди дека се чувствува добро и дека не забележува симптоми на болеста, но дека е позитивен, па и тој бара од сите кои биле со него веднаш да се тестираат.

Во Задар и во Хрватска е прогласена тревога, откако се разбра за заболувањето на Димитров.

Уште во неделата вечер, кога турнирот беше прекинат, извршени се првите тестови за 22 лица –  како најзагрозени. Тоа се оние кои биле постојано во близината на бугарскиот тенисер. Вирусот е откриен кај тројца од нив. Не се знае само состојбата на Новак Ѓоковиќ кој постојано бил со или блиску до Димитров, затоа што српскиот тенисер одбил да се тестира во Хрватска и рекол дека тоа ќе го направи во Белград.

Премиерот на трибините

Зашто тоа не го направил на самото место, како што тоа го направиле сите другите , не се знае. Неговот штаб има потврдено дека се вратил во Белград, дека ќе се тестирал и дека самиот се ставил во самоизолација, особено што во Задар бил со своето семејство. Таквата одлука на Ѓоковиќ е осудена во дел од белградските медиуми, како недостојна за еден тениски играч од негов ранг, проценувајќи дека таквиот негов гест би можел да предизвика  сомнеж  дека „ на свој терен“ , во Белград, резултатот од тестот би можел да биде  „контролиран“ !

На хрватската страна, меѓутоа, не се крие дека се стравува оти Задар станува корона- жариште, па епидемиолозите сега бараат сите кои биле на турнирот- како спонзори, помагачи, поддржувачи, или навивачи, да се тестираат.При таквата проверка откриено е како позитивно на вирусот и едно 5 годишно дете, кое се заразило преку родителите кои биле блиски со тенисерите.

Во публиката биле и жупанот на Задарска жупанија ( околија) и градоначалникот на градот кои веќе се во самоизолација, но и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и поранешната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ која , според загрепските медиуми, одбила да се тестира.

Идејата за еден ваков турнир , во трите балкански држави, ја има покренато Ѓоковиќ, со силна подршка на српските власти, а со согласност и на хрватските, кои во турнирот имаат видено можност за покренување на „ замрзнатиот“ туризам во Задар и во тој дел од Јадранот, после епидемијата,  а посебно за т.н. спортски туризам, па затоа, во екот на предизборната кампања во Хрватска, на трибините се нашол и актуелниот премиер.

„Глупава одлука“

Ѓоковиќ, од своја страна, терајќи инает со светските тениски „ татковци“, настојува да ја увери спортската и друга јавност, дека и покрај коронавирусот треба да има тенис, како и дека тој може да се игра со публика. Особено што тој јавно ги осуди организаторите на Гранд слем турнитот во Њујорк, предвиден за  крајот од август, дека натпреварите ќе бидат без публика. Ѓоковиќ се уште нема соопштено ниту дали воопшто ќе оди во Њујорк, незадоволен од строгите услови за настап и од безбедносните мерки „без преседан“ за заштита од пандемијата.

Затоа, и во Белград и во Задар, се играше пред полни трибини. Над четири илјади се собраа на белградскиот терен, без било какво почитување на епидемиолошките мерки, а и пред неколку илјади навивачи во хрватскиот приморски град.

Српските ( а и хрватските) епидемиолози го одмолчеа арогантното однесување на Новак Ѓоковиќ, како главен организатор  и покренувач на идејата да се игра „ корона-тенис“, кога и двете држави ОДНОВО бележат раст на заразените и заболените од вирусот.

На неговата „ Адрија-тур“ дојдоа тенисери како  Доминик Тим, Зверев, Димитров, Марин Ќилиќ, Рубљов, Борна Ќориќ, како и неколкумина други, пониско рангирани. но главните ѕвезди ја отфрлија идејата. Австралиецот Ник Киргиос одлуката за турнејата „Адрија-тур“  ја смета за „ крајно глупава“ и како  „ чист егзибиционизам“.

Журка во Белград

Се верува дека Димитров се има заразено во Белград, а овој град, како и  Република Србија,  се уште  се прилично активни зони со коронавирусот.

На српските социјални мрежи се критикува Ѓоковиќ, особено што по финалниот меч во Белград, била организирана журка во еден тамошен ноќен клуб. Тое е спротивно на мерките за заштита, па сега остро им се забележува и на епидемиолозите што дозволија да се одржуваат спортски натпревари, уште и  со публика- тенис со повеќе илјади гледачи, или фудбалски натпревар со дури 25 илјади навивачи, кога во Европа (таму каде воопшто се игра), се игра пред празни трибини.

Сега дури петмиа фудбалери на „ Црвена Ѕвезда“ се заразени со вирусот, а навивачите кои илегално од Црна Гора се имаат префрлено во Србија, за да  гледаат фудбал во Белград, ја вратија епидемијата на црногорскиот простор, откако се заразиле на белградскиот натпревар.

Како што во Македонија, оние кои одат на верско- партиски литии, на бајрамски прослави, на свадби и на чествување  ( со мекици) , со договорен благослов на полицијата ставена под контрола на еден, од опозицијата поставен „ технички министер“, ја вратија епидемијата кога беше видливо дека е веќе совладана.

(С.Г.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе