Тенисерот Димитров заболен од Ковид-19
Бугарскиот тенисер Григор Димитров (29), моментално рангиран како 19-ти на АТП листата, соопштил дека е заразен со коронавирусот.
Тој играше и на двата турнири- првиот во Белград, а вториот во Задар (Хрватска) – кои беа дел од набрзина уредената тениска серија „Адрија Тур“, организирана од српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ.
На својата страница на Инстаграм, Димитров открива дека наеднаш не се чувствувал добро и по поразот од хрватскиот тенисер Борна Ќориќ, си заминал од турнирот. Веднаш по враќањето дома во Монте Карло, бил тестиран, при што било откриено дека има Ковид-19.
Откако Бугаринот соопшти за својата болест, веднаш беше прекинат турнирот во Задар.
Тревога во Хрватска
„Тестот покажа дека сум позитивен на вирусот и дека имам Ковид. Сакам да ги известам сите кои во текот на двата турнира беа со мене и покрај мене, во изминатите денови, веднаш да се тестираат и да преземат мерки на претпазливост“ – има напишано Григор Димитров.
Пред три денови, бугарскиот тенисер делувал сосема здраво и бодро – играл баскет со Зверев, Ѓоковиќ и Ќилиќ. Пред мечот со хрватскиот играч Борна Ќориќ, Димитров се поздравил и се загрлил со својот противник.
На последниот ден, Димитров најмногу време поминал со младите од Задар и со деца кои дошле на терените да ги следат мечевите од турнирот, што сега ги загрижува сите во градот и во Хрватска.
Тамошниот штаб за борба со пандемијата ја има и онака интензивирано својата активност, откако во земјата почна одново да расте бројот на заразените со коронавирусот, а да се регистрираат и смртни случаи.
Дури се наложи и донесување нова препорака – да не се патува во Србија и во БиХ, без некоја голема потреба, па затоа, по признанието на бугарскиот тенисер, била покрена тревога.
Ново жариште?
Побарано е сите кои биле изминатите денови со Димитров, а тоа се пред се другите тенисери, но и луѓето од организацијата на турнирите, како и судии, децата ги собираат топчиња, веднаш да одат во изолација.
Било побарано да се изврши тестирање на сите играчи, но само Ѓоковиќ го одбил тоа, уверувајќи ги здравствените власти во Хрватска дека се чувствува добро и дека ќе се тестира во Белград.
Хрватските епидемиолози, стравуваат дека по случајот со Димитров, Задар и околината би можеле да се претворат во жариште на зараза, што инаку до сега не беше случај.
Особено затоа што наместо без публика, на теренот во овој јадрански град имало неколку илјади гледачи, главно помлади луѓе.
Турнирот во пресрет на српските парламентарни избори го покрена Ѓоковиќ, кој има повикано десетина тенисери, меѓу кои има и некои од првите десет на АТП листата на најдобрите светски играчи.
Тенис во Белград со 4000 гледачи
Турнирот наводно треба да им послужи на тенисерите како кондициска подготовка, пред продолжување на турнирската сезона во светскиот тенис, предвидена за август.
Но, во основа треба да покаже дека играњето тенис, со публика на трибините, е безбедно, што во основа е теза на која инсистира токму српскиот тенисер и рекет број еден во светот, кој веќе влезе во полемика со организаторите на Гранд слем турнирот во Њујорк, спротивставувајќи се на тамошните строги (здравствено-санитарни) услови за настап.
Така и се случи во Белград да се игра тенис како да во Европа и во светот нема пандемија- со публика од преку 4000 гледачи кои немаат маски на лицата. Без маски беа и сите други службени лица на теренот, како и сите играчи.
Телевизиските преноси покажуваа дека тенисерите се максимално комотни меѓу себе, не почитувајќи никаква оддалеченост од два метри.
Се претпоставува дека Димитров се има заразено, токму во Белград, иако тамошните медиуми тоа го отфрлаат.
Тие тврдат дека бугарскиот тенисер дошол заразен од Бугарија и силно го бранат Ѓоковиќ кој, пак, претходно влезе во судир со еден од водечките српски епидемиолози, околу вакцинирањето против корона, како предуслов за настап на турнирите низ светот, во следната година, кога вакцината ќе биде во употреба.
„Пијан вози автобус”
Некои белградски медиуми откриваат дека веднаш по враќањето од Задар, српскиот тенисер отишол во самоизолација, но без да се тестира. На тој начин е доведено во прашање и последниот турнир од „Адрија-тур“ натпреварувањата, предвиден за во Бања Лука, во БиХ.
Српски здравствени експерти, пак, стравуваат дека арогантното организирање на турнир во тенис, со гледачи во Белград, многу е веројатно дека за десет, до 14 денови ќе предизвика зголемување на заразените чиј број и онака секој ден постојано расте.
Европската спортска и друга јавност остро ги осудува Новак Ѓоковиќ, но и Србија, за идејата да се прават турнири во невреме, кога тенис во светот не се игра од март, доведувајќи ги во опасност здравјето на играчите, но пред се и здравјето на пошироката јавност во три држави кои се уште се борат со пандемијата.
„Сето тоа не би требало да се очекува од светскиот тенисер број еден, па затоа идејата и организацијата на турнирот (во Белград и Задар) наликува како она – „пијан возач, вози автобус“ – има напишано еден европски спортски коментатор.
(Д.Б.)