Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Преспа – две години потоа

vverve/BigStock.com

Преспа – две години потоа

Во ова матно време на корона пандемија, кога домашната опозиција вулгарно ја политизира епидемијата за собирање политички поени против власта и кога се потрошија месеци за сакам-не сакам избори, како да подзаборавивме на Преспа. На историскиот, македонско-грчки договор од јуни 2017 година, потпишан на брегот на Преспанското Езеро кое ги раздвојува, но и ги поврзува двете соседни земји.

Договорот е вистински историски, затоа што става крај на еден, на изглед бесмислен спор, околу името „Македонија“ и кому тоа повеќе му припаѓа, но кој и за двете страни има подлабоко значење. Беше тоа историски момент за (сега) Република Северна Македонија на која – најпосле – после 30 години чекање, ширум и се отвори вратата на Европа, каде и единствено, целосно може да ја реализира својата државност и да ја потврди и афирмира својата национална посебност и самобитност.

Токму овој договор и помага на земјата да се извлече од балканската изолација во која ја сместија лажните „патриоти“, спротивставувајќи се на било каков договор со Грција.

Квази-патриоти и анти Европејци

А, тие квази-патриоти се сместени во домашната, антиевропската, антизападна, националистичка опозиција која се уште на наивните им ја продава идејата за некаква „голема Македонија“.

Таму се и прикриените „бљак“ интелектуалци кои повеќе ги интересира што може да добијат од државата (од власта на која ќе и се продаваат), отколку државните и националните интереси на земјата која (наводно) ја заштитуваат.

И едните и другите – во текот на преговарачкиот процес и пред референдумот – беа отворено подржувани од Русија, која се спротивставуваше на тоа Македонија (одново) да се врати кон Западот, затоа што тоа значеше членство во НАТО и отворање на процесот за влез во ЕУ. Две стратешки определбии на државата уште од нејзиното излегување од екс југословенската федерација.Тоа што Македонија и го постигна- во многу кус рок и на само затоа што се договори со Грција.

Преспа носи историски момент и за Грција, иако и таму домашните националисти и странските помагачи (и таму се мешаше Москва), силно се спротивставуваа на завршување на непријателството со северниот сосед, без разлика што тој е таму и никаде од таму не може да се пресели, како и на започнување со градење подлабока соработка, вистинско добрососедство и пријателство по европски терк.

Грција во балкански стил

Спорењето со Скопје околу името и попречи на Грција да ги реализира своите големи амбиции. По распадот на комунизмот и на СССР, како и по пропаѓањето на Југославија, да стане предводник на европеизацијата во регионот и своевиден лидер во демокраратските процеси во балканските држави, во времето на нивната транзиција. Таа улога се наметна сама по себе- Грција е во НАТО од 1952 година и единствена во Југоисточна Европа која беше членка на ЕЕЗ/ЕУ.

Таа, меѓутоа, веднаш покажа дека повеќе е дел од Балканот, отколку што е од Европа, а духот на балканштината, каде историјата е составен дел од политиката, која секој (за свои политички цели) ја толкува како што нему му одговара. Така и се случи, уште на стартот атинските политичари да паднат на испитот.

Веднаш заглавија во т.н. „македонско прашање“ од историјата, поттикнато од случувањата во Грција меѓу 1946 и 1949 година, од времето на грчката граѓанска војна- во која тамошните монархисти и комунисти војуваа за превласт и за определување иднината на државата. На страната на комунистите се имаат приклучени и делови од славо-македонското население на северот од Грција.

Закана од безбедносна криза

Од тука започна и стравот во Атина дека новата независна држава на северната граница, доколку остане да се нарекува Македонија- ќе значи претензија кон целата географска територија Македонија, која по распадот на Отоманската Империја, во далеку најголем процент стана дел од грчката држава. Па од таа позиција почнаа да ја градат својата платформа дека за меѓународно признание новата држава, таа треба да има и ново име.

Не успеаја уверувањата од Скопје дека новата држава нема никакви претензии кон северот на Грција, па едно време, беше понудено името да биде „Централна балканска република“, со недефинирано население, со недефинирана националност и идентитет.

Тоа работа, сепак, не помина. Но, на почетокот од деведесеттите години на 20 век, Македонија одново се претвораше во потенцијално “јаболко на раздорот“ на Балканот. Тогашна официјална Софија, затоа, бараше од Москва, да ја признае државата излезена од распадната ЈУ федерација, иако Русија,  во тоа време, а и потоа, остана настрана од спорот за името, затоа што поважни и беа Грција, Бугарија и Србија.

Во Софија се исплашија за можноста од сериозна безбедносна криза на Балканот, кога се разбра дека Слободан Милошевиќ на Атина и има понудено да се подели територијата на Република Македонија, (Северниот дел, или „стара Србија“ на Република Србија, а јужниот, на Република Грција). И да се реши проблемот!

Македонија станува ФИРОМ

Ништо од тоа не се случи со големо залагање на меѓународната заедница, па за да не остане „ничија земја“. на ветриштата на старите империјални амбиции на малите балкански држави, се определи привремено име – Поранешна југословенска република Македонија (ФИРОМ скратено на англиски), по што државата стана членка на ОН и во сите меѓународни организации. Тоа привремено име остана во сила се до договорот од Преспа.

Овдешните „патриоти„ во меѓувреме, се закануваа со „празни пушки“ дека Македонија од три дела пак ќе биде цела, зборуваа за „распарчената“ Македонија и цртаа карти за тоа колку таа треба да биде голема, иако секому требаше да му биде јасно дека стануваше збор само за географската територија, поделена меѓу земјите победнички во Балканските војни, која, меѓутоа, никогаш во историјата не била држава на тој простор, уште и под тоа име.

Таквите приказни, иако на изглед беа само некаков задоцнет, романтичарски национализам, правеа проблеми за државата. Само ја зацврстуваа грчката тврда позиција, која на светот му зборуваше дека спорот може да се реши само ако се направи прецизно (географско) разграничување на она што е грчка и она што претставува словенска, македонска Македонија, врз чии основи е изграден низ вековите, нашиот македонски национален идентитет и нашата посебност, различна од бугарската и српската и секако различна од грчката.

Одмрзнување на процесот

Во Скопје тоа, сепак, не поминуваше, иако бројни искрени пријатели на Македонија се обидуваа да помогнат за да и оваа нова независна држава тргне по европската патека за која се определи веднаш по осамостојувањето. Сакаа да се надмине ситуацијата која беше и регионална, безбедносна криза, уверувајќи дека она што е потребно, тоа е да се најде додавка на веќе постоечкото (уставно) име со кое нашата, словенска Македонија ќе се разликува од областа Македонија во северна Грција. Без да се мешаат националниот идентитет, јазикот и националната посебност.

Според Метју Нимиц, преговарач, медијатор и пријател , кој 30 години остана „заглавен“ во ваквиот грчко-македонски спор, прв пробив бил направен во 2000 година, кога во Атина, најпосле беше и службено прифатено – името Македонија да остане дел од официјалнит назив на соседната држава, со додавање на географска одредница.

Кога 17 години подоцна, во Скопје, за прв пат, рекоа „да“ на таквата, долго присутна сугестијата од преговарачот, односно кога и македонската страна соопшти дека може да прифати едно вакво решение – конечно се одмрзна процесот.

Манипулации на побегнатиот деспот

Ставен во мраз од деспотот што изгради авторитарен режим, само за да може да манипулира со т.н. „егејски гласови“ купени за неговата партија, но и за да ја сврти насоката на државата – наместо кон Западот, кон Истокот на Европа.

Оние кои сега (привремено) седат на неговото место, како и целото старо-ново раководство- продолжуваат да работата во таа насока. Тие Европа не ја сакаат, затоа што им пречат европските стандарди и затоа работат против тоа ЕУ да се смести на овие простори.
Излегува дека и сега Метју Нимиц повеќе ја сака Македонија од оние кои само продаваат „патриотизам“.

По повод двегодишнината од Преспанскиот договор, овој американски правник и дипломат има речено дека после Преспа „никој повеќе не може да оспорува дека во Република Северна Македонија живеат Македонци, етнички Македонци кои го зборуваат македонскиот јазик”.

„Клуч за македонскиот идентитет“

Нимиц вели- „Со договорот се става клуч на македонскиот национален идентитет, што овој меѓународен договор го обезбедува.Домашните (македонските) политичари сега можат самоуверено да го уверуваат НАРОДОТ дека е ПРИЗНАЕН како МАКЕДОНСКИ, што беше основното што требаше да се постигне во изминатите 25 години. А, тоа беше спогодување меѓу Атина и Скопје за ОФИЦИЈАЛНОТО име на државата, со признавање (прифаќање) на македонскиот национален идентитет и на македонската етничка посебност”.

И тоа дојде од Грција, од каде цела низа децении, уште и пред распадот на Југославија и осамостојувањето прво, на Демократска Федерална Македонија, па Народна Република Македонија и потоа, до 1991 година, Социјалистичка Република Македонија, тврдо се негираше постоење на македонска (словенска) нација.

За да се дојде до тоа и за да се постигне тоа, требаше лидерство и визионерство. Беше потребна политичка храброст и над се – вистински да се сака државата.

А, тоа не го може (и не го сака) секој, па доживеаниот ПОРАЗ на лажните патриоти, собрани во друштвото на домашната националистичка опозиција, во преговарањето со Грција, и тогаш и сега во Скопје го прикажуваат како „предавство“, како “виткање кичма“ пред Грците.

Притоа, тие не нудат ништо, туку само омраза, лажна историја и изолација на државата, иако инсајдер од истото тоа друштво, во времето кога договорот беше обелоденет – има признаено дека – „Штета е што со Грција НИЕ (неговата партија) не направивме ваков договор“!

Опозицијата ја лаже јавноста

Човекот кој инсистираше да остане анонимен, секако, добро знаеше дека двајца негови поранешни лидери веќе се имаат согласено за она што Зоран Заев го договори со Алексис Ципрас.

Прво, Љупчо Георгиевски се спогоди со тогашниот грчки премиер Костас Симитис за името Горна, или Северна Македонија, иако беа нејасни работите околу македонскиот национален идентитет.

Вториот, пак, а тоа е оној кој наместо да оди во затвор, побегна во Будимпешта, се договори со Американците пред Самитот на НАТО во 2008 година, за ист ваков договор со Грција, како преспанскиот, вклучувајќи и внесување на новото официјално име во Уставот, под услов да не се менува идентитетот. На кој идентитет бегалецот мислел, не е јасно, но факт е дека ги измами Американците, а до крајот на својата деспотија, ги мамеше сите луѓе во оваа држава, кои наивно му веруваа – гласајќи за него.

Преспанскиот договор, меѓутоа, обезбеди нешто што овде, малкумина можеа да предвидат. Во грчкиот Парламент премиерот Ципрас да порача – ако луѓето во нашето соседство сакаат да се нарекуваат и да се сметаат себе си како Македонци, ние не можеме тоа да им го забрануваме.

Го прогласија за „национален предавник“, но тој во една друга прилика и за еден сосема друг повод има речено- кога треба да се определувам меѓу партиските работи и интересите на државата – јас секогаш ќе ја одберам државата.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе