Австралија се откажува од кенгурот
Одамна светот ја препознава Австралија по кенгурите, за кои се знае дека живеат само на овој континент-држава.
Тие се и симболот на земјата, па се сместени и во нејзиниот државен грб. Но, како сега стојат работите, изгледа дека кенгурот ќе биде „убиен“ на тој начин што повеќе не би бил препознатливиот бренд за Австралија.
Веќе постои оформен предлог, според кој, наместо ова симпатично и популарно животно – земјата да има нов симбол и нов бренд. Предлогот е тоа да биде еден цвет за кој се тврди дека вирее и го има само на австралискиот континент. Станува збор за Wattle, односно за еден вид мимоза.
Цветот (растението) е познато како австралиска мимоза, а една позната австралиска дизајнерска фирма веќе има изработено негова стилизирана слика, што за прв пат и се прикажува на домашната јавност.
Идејата да се смени досегашниот, долгогодишен бренд на Австралија, потекнува од пред две години, кога тогашната влада на премиерот Тримбул одлучи да формира посебен експертски совет, кој требаше да креира и да го предложи на усвојување што би било тоа што би го заменило популарниот кенгур.
Советот го сочинуваат поголема група најпознати австралиски бизнисмени, угледни претприемачи, меѓу кои и првиот човек на австралиската авионска компанија „Квантас“ која го има кенгурот за симбол на нејзините авиони, како и најпознатите домашни маркетиншки експерти.
Овој „труст од мозоци“ како што австралиските медиуми го означуваат експертскиот тим – му пресуди на кенгурот.
Нивниот предлог е обелоденет и предаден на владата, но изгледа дека првите реакции не покажуваат дека луѓето сакаат да се „убие“ кенгурот.
Медиумите тргнуваат од тоа дека секаде во светот, кенгурот се врзува за Австралија и таа преку него лесно се препознава – на секој план, па и во бизнисот.
Се смета дека за австралиската мимоза малку знаат дури и самите Австралијанци, а камо ли меѓународната јавност.
Предлагачите, пак, се на мислење дека веќе е време, земјата која има големи амбиции во економијата и бизнисот, во трговијата, науката и во политиката, да се претстави во светот и во друго издание – со нов бренд (симбол) – австралиската мимоза – која исто така е нешто посебно и специфично за оваа голема земја.
Конечната пресуда, колку што се знае, засега не е донесена.