Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Ирската влада по израелски модел

Ирската влада по израелски модел

Република Ирска најпосле доби влада, дури четири месеци по одржаните парламентарни избори, во февруари, на кои ниту една партија не успеа да обезбеди мнозинство за да може да создаде стабилна и функционална влада.

И оваа влада е коалициска, како и сите досегашни ирски влади, но за неа може да се рече дека е историска, затоа што е создадена т.н. „голема коалиција“ меѓу двете центристички партии Фина Фоил и Фиие Геил, што е прв таков случај во стогодишнината од нивното постоење и од постоењето на ирската независна држава.

Во интерес на Ирска и Ирците

Како лути непријатели во текот на граѓанската војна во дваесеттите години на 20 век, кога Ирска се ослободува од 700 годишната британска доминација, овие две партии од тогаш, никогаш политички не соработувале во правењето владина коалиција – останувајќи (тврдоглаво) на спротивставените страни, на кои биле во времето на тие немирни времиња, околу тоа како да изгледа иднината на земјата.

Лидерите на овие две партии Мајкл Мартин (Фина Фоил) и Лео Варадкар (Фине Геил) се спогодија, заедно со партијата на Зелените, да создадат коалициска влада која сега има доволно пратенички места во ирскиот Дал (Парламент) за постоење на функционален и стабилен владин кабинет.

„Верувам дека состојбата од времето на граѓанската војна во Ирска е одамна завршена. Во денешно време „граѓанските војни“ во политиката се решаваат во Парламентот. Две големи партии се спогодија да создадат коалиција, со уште една голема партија – на Зелените – за да и понудат на земјата она што и е потребно – стабилна влада во интерес на Ирска и на нејзините граѓани“

…има изјавено досегашниот премиер Варадкар, по обелоденувањето на историската спогодба за една ваква коалиција.

Поделен премиерски мандат

Договорот за новата Ирска влада, всушност, е направен според израелскиот модел – на поделена власт и поделен мандат на двајцата партиски лидери, како ирски премиери, за нема нови избори.

Израелските гласачи на три пати за една година излегуваа на гласање и на три пати резултатот беше речиси истоветен еднаш Ликуд и Бенјамин Нетанијаху имаа две – три пратенички места повеќе, а потоа опозициската левоцентристичка парија Сино – бело на Бенјамин – Бени – Ганц беше во предност.

Кога изгледше дека ќе има и четврто гласање, инатењето на двајцата водечки политичари беше надминато, така што Нетанијаху ќе биде премиер во следните две години (затоа што неговиот Ликуд имаше три места во Кнесетот – Парламентот повеќе на третото гласање), а потоа, во наредните две години, до крајот на мандатот, премиер ќе биде Ганц.

Во случајот на Република Ирска, премиер во првите две години, до крајот на 2022 година ќе биде Мартин, чија Фина Фоил има три пратеници повеќе во Дал од конкурентската Фине Геил, чиј лидер Варадкар ќе биде одново премиер, во следните две години, до крајот на 2024 година.

Потиснување на националистите

Целата оваа операција беше за да се исфрли од играта националистичката Шин Феин, која на изборите во февруари, за прв пат по 100 години, освои најмногу пратенички места, но со која не сакаат да соработуваат, ниту да коалицираат двете центристички партии, а ниту било која друга во ирскиот политички живот, поради врските на Шин Феин со ИРА, во текот на „мрачните“ 35 години од судирањата на католиците и протестантите во Северна Ирска.

На февруарскте избори, Шин Феин се обидуваше да го тргне на страна ирскиот национализам, а во преден план пред гласачите да настапува како левичарска партија, што таа во основа тоа идеолошки и претставува, па така и успеа да привлече повеќе гласови од обично. Но, како и да е, таа и натаму останува антемисана во политиката на Република Ирска, со што и во овој состав на Парламентот националистите остануваат во опозиција.

А, што се однесува до судирот на партиите кои се спогодија да го делат и местото таошик (премиер) на по две години, тој потекнува од времето на расцепот во тогашната Шин Феин, единствена политичка сила во се уште неослободената Ирска. Оваа партија уверливо победува во Ирска на британските избори во 1918 година, кога островот е се уште дел на (тогаш) Обединетото кралство на Велика Британија и Ирска.

Стогодишно недоразбирање

Пратениците од Ирска, меѓутоа, одбиваат да седнат во пратеничките клупи во Вестминстер во Лондон, останувајќи во непризнатиот „свој“ Дал (Парламент) во Даблин. Кога популарниот политички лидер Мајкл Колинс ќе прифати договор со британската влада, за признавање независност на Ирска, доколку североистичкиот дел од островот (Алстер) остана и натаму британски, настанува длабока поделба и расцеп, што ќе продолжи со меѓуирски воени судирања.

Едното крило на Шин Феин ќе го прифати договорот на Колинс, како и понудата на Лондон новата независна држава да има статус на доминион и да биде членка на Комонвелтот, додека другото тврдо крило тоа ќе го одбива. Од тој расцеп се родени двете партии. Фина Фоил чиј тогашен лидер е против дилот на Колинс, а од другиот блок ќе се создаде партијата Фине Геил.

Ирска ќе стане независна држава. Северна Ирска ќе остане дел од Британија, што значи дека и двете партии, сепак, ќе го прифатат договорот на Колинс со британскиот премиер Дејвид Лојд Џорџ, но Република Ирска која ова име го носи од по Втората светска војна, нема да има доминионски статус (како Канада, Австралија или Нов Зеланд, на пример), ниту било кога ќе стане членка на Комонвелтот.

(Д.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе