Поврзете се со нас

Skopje Global

Еден со Ковид – 300 лица во изолација

Брифинг/Weekly

Еден со Ковид – 300 лица во изолација

iiievgeniy/BigStock.com

Еден со Ковид – 300 лица во изолација

Околу 300 гости и вработените во еден ноќен клуб во Цирих, во Швајцарија, итно се ставени во карантин и таму ќе останат во следните две недели, откако се открило дека еден од гостите бил инфициран со Ковид-19.

Станува збор за млад човек кој во клубот бил на 21 јуни, а на 25 јуни било утврдено дека на направениот тест бил позитивен на коронавирусот. Вирусот бил откриен и кај петмина други лица, кои сите биле со него. Тој иако веќе заразен, до тестот се шетал слободно низ Цирих, посетувајќи најчесто ноќни клубови и при тоа (веројатно) инфицирајќи други кои биле во неговата околина.

Сега се истражува каде се престојувал и со кого бил во контакт.

Швајцарија, како и повеќето европски држави, бележи забрзан раст на новозаразени лица, откако пред две недели се почна со олабавување на мерките за заштита од глобалната пандемија. Според локалните швајцарски весници, само во пет денови, бројот на новозаразените во земјата се зголемил за три пати.

Во земјата беше дозволено отворање на ноќните клубови, по смирување на епидемијата, а и како потреба за обнова на економијата и посебно на т.н. услужен сектор. Обврска на сопствениците на клубовите сега е да ги земаат основните податоци на своите гости, за ситуации како оваа со клубот во Цирих.

Епидемиолозите предупредуваат дека се размислува ноќните клубови одново да се затворат, затоа што се покажа дека стануваат опасни места за ширење на заразата. Се почна со два клуба во Сеул, во Јужна Кореја, а тоа се случи и во неколку европски градови, па во Белград, со ноќниот клуб во кои се собраа и тенисерите на контроверзниот тениски турнир, кој беше прекинат откако се заразија шест лица, а сега и со овој во Цирих.

Швајцарија има без малку 32 илјади инфицирани и до сега речиси две илјади починати пациенти.

Англискиот град Лестер во карантин

Англискиот град Лестер е првиот британски град што поединечно, одново, е ставен во карантин во следните 14 денови, по засилениот и забрзан раст на заразени со коронавирусот.

Епидемиолозите и министерот за здравство Мат Хенкок одлучија да се затвори градот, но и населбите околу него, да се забрани влегувањето и излегувањето од него, сите продавници да се затворат, освен оние за храна и аптеките, а на сите граѓани им е наложено да носат маски на лицата. Од жителите на Лестер се бара и да се придржуваат на одредбата за социјално дистанцирање од два метри и да не се собираат во толпа.

„Останете дома во следните денови“ – им порача министерот, во време кога на ниво на државата се очекува натамошно олеснување на мерките за ограничување, а пред се, повторното отворање на пабовите и рестораните.

Тие се очекува да ги отворат вратите од 4 јули.

Вакви мерки се преземаат и во некои други земји, како во Германија, на пример, каде поради избувнувањето на епидемијата во една индустриска кланица и фабрика за преработка на месо се заразени 1700 работници, па две помали места се под целосен карантин, што се одржува со помош на војската.

Случајот со Лестер, меѓутоа, доаѓа по неодговорното масовно собирање на плажата во Бормут, на брегот на Ламанш, што им излезе од контрола и на локалните власти и на полицијата, како и на епидемиолозите.

Инцидент со целосно непочитување на забраните за заштита од пандемија имало и во текот на викендот во Лондон, кога во еден парк имало три вечери рејв забави. Кога интервенирала полицијата, за да ги растера, била нападната од насилници во толпата, па има уапсени и повредени.

Грција ја продолжи забраната за Британците

Грчките власти одлучија да ја продолжат забраната за влез на британски туристи во Грција, за уште две недели, до 15 јули.

Претходно, властите во Атина објавија дека Британците ќе може да летуваат во грчките одморалишта на копно и по островите од 1 јули, но рокот сега е продолжен, поради влошување на ситуацијата во Британија со вирусот, посебно во реонот на Мидлендс.

Грчките туристички власти и ветија на британската компанија ТУИ, најголема во светот, дека ќе може да се организираат т.н. воздушни мостови со авиони, директно до определен дестинации, со проверени туристи, од 6 јули, а за грчките острови на 11 јули, но сега и овој договор е поместен за 15 јули. Се стравува дека сето тоа и за тогаш не е сигурно, затоа што ќе зависи од ситуацијата со вирусот во Британија.

Со ваквата мерка се опфатени и туристите од Шведска, но не и од Србија кои и покрај обновената епидемија во нивната земја, релативно лесно влегуваат во Грција, преку граничниот премин Кулата, на бугарска територија.

Србија (заедно со Црна Гора) се на листата на ЕУ чии државјани може да влегуваат во земјите на Унијата, но тоа сепак им е оставено да одлучува секоја земја посебно.

Хрватска, на пример, забрани влез на српски државјани, поради ново раширување на заразата на српска територија. Дури пет градови се ставени под специјални услови како жаришта на вирусот.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе