Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Затвор за екс премиерот на Франција

Rama, Francois Fillon IMG 3358, CC BY-SA 2.0 FR

Затвор за екс премиерот на Франција

Поранешниот француски премиер Франсоа Фијон е осуден на казна затвор од пет години, плаќање парична казна од 375 илјади евра и со 10 години забрана за обавување било каква јавна функција, за извршена измама на државните фондови.

Неговата сопруга Пенелопе (родена Велшанка) исто така е прогласена за винова, како соучесник во кривичното дело и осудена на затворска казна од три години – условно – со парична казна од истата сума од 375 илјади евра, и две години забрана за извршување на јавна функција.

Сопругата како фиктивна „советничка“

Брачната двојка Фијон и уште едно лице, инаку третообвинет во случајот, на францускиот Парламент (заедно) ќе мора да му вратат еден милион евра, колку што судот определи дека се оштетени парламентарните фондови, со криминалната постапка на првообвинетиот Фијон.

Овој некогаш угледен и популарен француски политичар, беше прогласен виновен затоа што 15 години, од 1998 до 2013 година, и давал плата на својата сопругата, како да е вработена во неговата парламентарна канцеларија, како специјален советник, иако таа никогаш тоа не го работела, ниту пак официјално била дел од неговиот кабинет во францускиот Парламент.

Фијон ги ангажирал дури и своите две деца, како соработници, на хонорарна основа, за да земаат хонорари од државите (од парламентарните) фондови, иако тие не ни доаѓале во парламентарната канцеларија на нивниот татко.

На почетокот, тој и сопругата ги отфрлаа сите обвинувања, тврдејќи дека се „политички мотивирани“ и дека нема никакво кривично дело во нивната постапка.

И сега преку своите адвокати тие се обидуваа да се одложи изрекувањето на пресудата, затоа што, наводно, судот бил изложен на силен притисок од јавноста, но нивните приговори не беа прифатени.

Скандал пред избори

Фијон во ова меѓувреме, иако се бранеше од слобода, не избега во странство, не побара и не доби азил во некоја од земјите на ЕУ, за да не биде осуден и за да не оди во затвор, ниту пак се обиде да ги дискредитира судиите и судот.

Скандалот со измамата од еден вака високо рангиран политичар, каков што е Фијон, избувна на три месеци пред претседателските избори во 2017 година.

До откритијата на францускиот сатиричен весник „Поткованиот Патор“, Фијон беше главен фаворит во изборната трка, како кандидат на Републиканската, десно-центристичка партија. Сите прогнози укажуваа дека тој ќе влезе во Елисејската палата како нов шеф на државата.

Но, по откривањето на измамата, неговиот рејтинг забрзано почна да се намалува, иако формално тогаш не беше обвинет, па Фијон одлучи да се повлече од изборната трка, а потоа и од политиката.

Политичари на суд

Наместо него во изборниот процес се вклучи до тогаш анонимниот Емануел Макрон, кој во ваквата политичка ситуација, иако центрист и либерал, наклонет на левите сили, беше силно истуркан напред, за да во вториот круг од изборите, политичката левица и десница, застане зад него, а против ултадесничарката и националист-популист Марин Ле Пен, која тој уверливо ја порази.

Проблеми со парите, со неморалното работење и со злоупотребата на фондовите на државата, подолго време е проблем на француските политичари.

Уште од времето кога, сега покојниот Жак Ширак, без малку три децении се провлекуваше низ судовите, за да, дури како пензионер, биде осуден на три години затвор, казна што веднаш му беше заменета со условна.

Судење оваа есен ги очекува и екс претседателот Никола Саркози, за злоупотреба на фондовите за изборната кампања, како и веќе длабоко остарениот, некогашен премиер Баладур, за земање поткуп при една зделка со оружје.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе