Опозицијата бара оставка на Јанез Јанша
Не долго откако одново стана премиер на Словенија, благодарејќи на прегрупирање на партиите во тамошниот Парламент, по што се создаде нова коалиција, што сега ја предводи неговата десничарската и националистичка партија, Јанез Јанша се соочува со сериозна политичка и владина криза.
Опозицијата бара да се гласа за доверба на ваквата и на брзина создадената влада, која ја собори претходната влада на Марјан Шарец, се бара оставка на премиерот Јанша, како и предвремени избори, или, пак, едноставно, ново прегрупирање на парламентарните партии и создавање коалиција од левоцентристичкиот и либерален блок, наместо сегашниот десничарски.
Како сега стојат работите, изгледа дека повеќето од партиите од левиот блок, сепак, се за тоа да се одбегнат нови избори, кои редовно би требало да се одржат дури за две години.
Афера со набавката на респиратори
Причина за кризата е аферата, како што ја нарекуваат тамошните медиуми, со набавката на опремата за борба со пандемијата со коронавирусот, посебно околу набавката на респиратори кои ги немаше словенечкото здравство во потребниот број, на почетокот од епидемијата. Вредноста на набавката изнесува осум милиони евра.
Опозицијата, но и низа независни аналитичари во Љубљана тврдат дека сето тоа било изведено нетранспарентно, дека немало тендер, дека во целата таа зделка има корупција, дека опремата била премногу скапо платена и дека над се, министерот за стопанство, Здравко Почивалшек ја има злоупотребено службената должност.
А, како директен повод за владината криза, се посочува тоа што на 30 јуни, бил приведен од полицијата овој министер, кој во владата ја има и функцијата заменик премиер и против него била покрената кривична истрага.
Приведен министерот за стопанство
Според медиумите, тој поминал цел еден ден на сослушување, полицајците имаат извршено претрес на неговата куќа, како и на неговата канцеларија, по што бил ослободен.
За опозициските партии тоа е доволна причина тој да поднесе оставка, ако ништо друго, од морални причини. Меѓутоа, Почивалшек на словенечките новинари им има изјавено дека „не му паѓа на памет“ да поднесува оставка, особено, што, како што рекол – ја има „целосната поддршка“ на Јанша.
Тој е лидер на партијата Модерен центар (СМЦ), а оваа партија е главниот коалициски партнер на Јанша. Без партнерството на Почивалшек и неговите „центристи“ актуелната словенечка влада би останала без мнозинство и би била соборена.
Обвинувањата против овој министер се дека набавката на респираторите и на другата опрема се одвивала преку фирма која не набавува ваква опрема, како и дека министерот за стопанство и ја доделил зделката на фирмата пред таа да добие банкарска гаранција. И уште дека токму тој, од позицијата на која се наоѓа, обезбедил фирмата да ја добие гаранција од банката. Министерот, пак, се брани дека покренувањето на истрагата е „политички мотивирана и има за цел да се собори сегашната влада“.
Оставка на министерот за внатрешни работи
Овој министер уште обвинува дека истрагата била покрената само врз „бројни инсинуации, пласирани во домашната јавност“, а дека нему му било важно да обезбеди респиратори за лекување на луѓето заразени од вирусот.
Во еден таков манир се посматраат и двете (демонстративни) оставки на министерот за внатрешни работи Алеш Хојс и на главниот директор на полицијата.
Тие двајцата сметаат дека интервенцијата на полицијата во случајот со Почивалшек е резултат на „политичка пристрасност“ на, како што тврдат, делови од полицијата, на судството и на обвинителството кои (наводно) покренале постапка врз основа на „политики критериуми“.
Целата ваква политичка ситуација во Словенија ја покажува острата битка на десницата и на десничарските сили во државата со либералните, демократски и левоцентристички сили кои десничарите и националистите редовно ги обвинуваат за божемен „неокомунизам“ (!?) и за приврзаност кон стариот левичарски систем.
Дисквалификација на опозицијата
Предводник на таквиот блок е, сепак, Јанша кој е близок по идеологијата и постапките со унгарскиот премиер Орбан . Тие двајцата, пак, се блиски и го подржуваа избеганиот македонски екс премиер, инаку, осуден за криминал, кој ги применуваше методите на своите ментори во политичкото однесување и дејствување на теренот, создавајќи режим во Македонија, каков таа немала ниту во времето на социјализмот и т.н. едноумие.
Како и да е, единствената одбрана на десничарскиот блок е во дисквалификацијата на сите кои бараат истрагата да се истера до крај и кои инсистираат на политичка одговорност, а тоа се опозицијата и медиумите кои се изложени на се поголем притисок.
Здравко Почивалшек и неговата партија се една од четирите партии кои ја сочинуваат сегашната владина коалиција.
Почивалшек беше дел и од претходната влада на левиот центар, што ја предводеше Марјан Шарец.
(Љ.С.)