Поврзете се со нас

Skopje Global

Технологија

Фејсбук поттикнува говор на омраза

"Mark Zuckerberg F8 2018 Keynote" (CC BY 2.0) by Anthony Quintano

Фејсбук поттикнува говор на омраза

Фејсбук не прави доволно против дискриминацијата која се појавува на неговите платформи, па така некои негови одлуки се штетни за човековите права

…се вели меѓудругото во завршниот извештај по направената независна истрага, која инаку, ја има покренато самата компанија.

Според весникот „Њујорк Тајмс“ кој на овој извештај му има посветено забележителен простор, наодите од направената контрола можат да ги зголемат и онака силните притисоци врз Фејсбук, кој веќе се соочува со бојкот на сега веќе илјада огласувачи, меѓу кои се и компании каква што е „Кока Кола“.

Бојкот на огласувачите

Бојкотот е покренат по обвинувањата (повеќе пати повторени) на борците за граѓански права, за тоа дека Фејсбук со своето однесување, практично, го поттикнува говорот на омразата.

Њујоршкиот весник, цитирајќи делови од извештајот по направената истрага, пишува дека многу активисти за човекови права се обесхрабрени, фрустрирани и огорчени, затоа што со години на ред бараат од Фејсбук да направи нешто за да се подобри еднаквоста во борбата со дискриминацијата, а при тоа и да се сочува слободата на говорот.

Компанијата уште во 2018 година, ја има ангажирано Лора Марфи, поранешна директорка на Унијата за американските граѓански слободи, за да направи ревизија на политиката на граѓанските права (во Фејсбук).

Тоа треба да биде неговиот одговор на бројните критики и осуди, во секторот за заштита на личните податоци, но и за поттикнувањето насилство, како и за недоволната транспарентност при политичкото огласување.

Портпарол на Фејсбук рекол дека направената ревизија покажува како може да се зајакнат граѓанските права во секое ниво на компанијата, но и дека ова е само почеток на патот што треба да се изоди, а не неговиот крај. „Јасно е дека има уште многу да се работи на овој план“ – рекол портпаролот.

Лежерен став кон политичкиот говор

Ревизијата го има покажано она што, всушност, и се знаеше од порано. Тоа е дека Фејсбук „лесно ги ослободува и амнестира политичарите“ од непочитување на прописите – дозволувајќи им ШИРЕЊЕ НА ДЕЗИНФОРМАЦИИ, како и на говор што е штетен и опасен и што прави поделби во општеството. Па, дури и повикува на насилство.

За разлика од своите конкуренти, Фејсбук и неговиот основач Марк Цукерберг имаат КРАЈНО ЛЕЖЕРЕН став кон политичкиот говор.

Фејсбук се најде на удар во мај, годинава, по објавениот текст на претседателот на САД, Доналд Трамп кој остана на платформата без коментар на Фејсбук, за разлика од однесувањето на Твитер, каде говорот на претседателот беше окарактеризиран како поттикнување насилство.

Згора на тоа, Цукерберг уште и ја критикуваше постапката на Твитер, оценувајќи ја како „опасен преседан“, а Трамп, во својот стил, се закани со контра мерки против оваа компанија, иако кај неа, претседателот е секојдневно активен и присутен.

Финансиски загуби

Покренувачите на бојкотот за огласување, меѓу кои биле и некои познати американски фирми, на 7 јули имале разговор со Цукерберг и со главната директорка на Фејсбук Шерил Сандберг, за потребата од менување на досегашната работа, како и пристапот што го има оваа компанија кон сите состојби, набележани во завршниот извештај од направената ревизија.

Нема детали за средбата, но двете страни изразиле надеж дека состојбите ќе се поправат.

Во меѓувреме, на бојкотот му се приклучи и компанијата „Лего“, додека во исто време, на берзата дојде до пад на акциите на Фејсбук.

Според американските медиуми, Фејсбук има загубено милијарди долари, како директна последица од бојкотот на неговите огласувачи.

Финансиски експерти предупредуваат дека доколку работите продолжат со вакво темпо, оваа досега финансиски моќна компанија, би можела да се соочи и со сериозни финансиски проблеми.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Технологија

Горе