Дени Трехо од криминалец до актер
Американскиот актер Дени Трахо (76) ја има таа судбина – многумина да не го знаат по името, но добро да го познаваат по неговиот изглед. За него уште се вели дека како никој друг од актерите во Холивуд умирал на филмското платно.
Познато е дека се има појавен во стотина филмови и телевизиски серии, како и во видео игри. На почетокот од филмската кариера, во речиси секој свој филм настапувал како затвореник и тоа како главната „ѕверка“ во затворот – најчесто поради неговиот изразито груб изглед, како и поради неговата телесна конституција.
Но пред да почне да снима филмови и да стане актер, Трехо навистина бил затвореник и криминалец.
За тоа време од својот живот тој, сега, признава дека онака како што живеел и како му течел животот, изгледало дека нема да го доживее ниту крајот на шеесетите години на 20 век, кога постојано бил во судир со законот, а бил и силен зависник од дрогата.
Бил во поправни домови, како постар малолетник, а потоа издржувал затворски казни во американските затвори Соледад, Фолсом и Сен Квентин. Овие последните два, се опеани и во песните на кантри пејачот Џони Кеш.
Бил затворан за растурање и за користење дрога, за тепачки и насилство, а еднаш и за учество во вооружен грабеж.
Но, во осумдесетите години на 20 век, откако излегол од затвор, како што вели- решил да стави точка на таквиот живот. А кога во една прилика се нашол на еден филмски сет, каде му понудиле прв пат да застане пред камерите, се определил да стане актер. И, успеал во тоа.
„Се уште понекогаш се будам среде ноќ, исплашен дека сум во некој затвор” признава веќе остарениот Дени Трехо кој, меѓутоа, и понатаму снима филмови.
Гледачите најмногу го паметат по филмовите Мачета, Десперадо, Од предвечер до зора, Предатори, или по Беше еднаш во Мексико.