Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

За Европа, или против неа

Nyul/BigStock.com

За Европа, или против неа

Сите оние кои ќе гласаат на овие предвремени парламентарни избори, како и оние кои измислуваат приказни зашто нема да гласаат – чекајќи ја од заветрина политичката разврска, потоа, сите Македонци, Албанци, Турци и сите другите, како и сите кои се сместуваат себе си во разните политички опции, треба да знаат дека овој пат изборите не значат само определување за некоја партија, туку определување за тоа каква ќе биде иднината на државата.

Не станува збор за излитена политичка патетика.

Не станува збор за тоа дали некој бил примен на работа во државната администрација, или не.

Дали бил унапреден, или не, дали добил повисока функција (како што се надевал од новита), или не, дали му се овозможило да добие некоја вносна зделка, или не, дали му биле доделени некои пари од државните фондови, или не – како што, обично, најголемиот дел од македонската јавност размислува кога станува збор за изборите.

Овде, овој пат, станува збор за нашето (на сите државјани) едноставното определување.

Потреба од проевропска влада

А, тоа е – за Европа, или против неа. За тоа, дали ние сакаме (конечно) да станеме дел од сега веќе бројното европско семејство, или не сакаме.

Или, повеќе сакаме да сме надвор од елитниот европски клуб, на периферијата на континентот, сами, со лажните „пријатели“ кои ни се нудат, за да не претворат во нешто налик на една Белорусија, знаејќи дека само во тоа елитно друштво – СИТЕ ние ќе можеме да речеме дека сме ги реализирале своите национални, стратешки, идентитетски и други амбиции.

Тоа не треба да го заборават оние кои се пријавуваат за премиерската, а не и за пратеничката функција.

И, оние кои измислуваат „обамовска“ верзија на некаков „национален“ премиер, но и друштвото на „бљак“ интелектуалци, размазени од навиката да се приклонуваат таму каде може нешто да добијат за себе. Едноставно затоа што, овој пат, работата околу ЕУ никогаш не била отидена толку далеку.

Ситуацијата, затоа,  налага избор на ПРОЕВРОПСКА влада,  која во Парламентот во Скопје, како доминантна база ќе има проевропски определени пратеници, такви министри и така определена, а не партиски послушна, јавна администрација, која ќе ја забавува и блокира проевропски определената влада.

Онака како што тоа се случуваше во изминатите три години, таму каде доминираше посадата од политичката опозиција.

Политичка дволичност

За тоа е потребна сложна работа за забрзано одење по патеката на евроинтеграцијата за ВЛЕЗ во ЕУ.

Во спротивно, не ни гине она што им се случува на Црна Гора и посебно на Србија. Тие имаат отворени процеси на преговори за влез, а сепак тапкаат во место, затоа што во Белград, на пример, нема политичка волја за тоа, а ниту вистинска проевропска влада.

На европскиот пат, во секој случај, не може да се патува седејќи во две столчиња.

Ова искуство од соседството се однесува и на нас овде. Некои овдешни политички партии кои по митинзи и на собори мафтаат со европската интеграција, но  она што го зборуваат и го прават, во основа е антиевропски. Спротивно е на европските стандарди, норми и правила, уште спакувано и во некаква квази патриотска реторика, која уште и не е искрена!

Тие партии и во македонскиот и во албанскиот политички блок, покажуваат дека  не сакаат да одат во Европа.

Напред-назад?

Според тоа, евентуалното изјаснување на изборите против Европа, ќе значи враќање назад, без разлика што разни партиски „аналитичари“ кои и самите се анти-ЕУ определени, ги уверуваат дека тоа немало да се случи.

Искуството од 11-те режимски години не учи дека овие ретроградни сили,  веќе се упатени во таа насока, како и дека се подготвени – во таквата ситуација, веднаш ќе обвинуваат други. Тоа е Европа, пред се, како што прават европскте ултра-десничари и наводните македонски „непријатели“.

Без разлика што во изминатите три години, со првата, вистински проевропски определена влада, се покажа е обична лага и измислица  тврдењето на домашните антиевропски сили дека тие во ЕУ не не сакаат и дека не мразат ( зашто баш само нас) , а дека во регионот сме опкружени со непријатели, кои како четири четири „волци“ се „настрвени“ за да не грабнат.

Со ваквите „ арагументи“ секако, дека Европа  ќе дигне раце од нас, ако види дека во Скопје одново има мангупи кои сакаат да се прават попаметни отколку што се, да продаваат „национални интереси“,  или да ставаат „црвени линии“, само за да го блокираат и попречуваат целиот процес за приклучување на државата кон Унијата

 

Граѓански блок

Тоа е работа која, треба да се верува, дека ја знаат и Македонците и Албанците во Република Северна Македонија и сите кои сакаат да излезат на гласање. Што ќе рече знаат што ќе уследи доколку наместо за Европа, се определат да им служат на своите антиевропски газди кои, според она што го зборуваат, се уште живеат во минатото, продавајќи национална еуфорија.

За да не се најдеме во таква ситуација е потребен силен ГРАЃАНСКИ блок, онаков каков што има во Европа и тоа онаа – демократска, либерална, нефрустрирана од минатото.

Потребен е блок кој нема прикриено, или и отворено (како во режимските години) да шурува со европските крајнодесничарски, националистички и популистички сили, собрани околу еден Орбан, или сега и еден Јанша, кои да не се заборави дека и едниот и другиот се во европското друштво, во ЕУ, уживаат со средствата од европските фондови и не помислуваат да си одат од таму.

Својата црна идеологија и антиевропејството, сместени од под европскиот „чадор“, им ја продаваат на малите и фрустрирани лидери во Западен Балкан кои измислуваат „непријатели“  за да може да владеат- како што сакаат и до бесконечност.

Развлечен изборен процес

Македонија во овој предвремен изборен процес влезе откако тогашниот премиер, разочаран што Европскиот совет (со вето на Париз, околу некои внатрешни несогласувања во самата ЕУ, не врзани за нас) го одложи давањето зелено светло за старт на преговорите за влез, иако претходно беше навестено дека тоа нема да се случи, побара избори, за да се види дали електоратот е СЕ УШТЕ определен за европската патека.

Беше предложен декември, 2019 година, со два термина, но националистичката опозиција тоа го отфрли, иако таа тоа го има направено во 2008 година, по Самитот на НАТО.

Уште се наметна и некаква техничка влада („Пржино-2“) што јавноста беше протуркано како да е тоа нормална работа, со помош и на медиумите кои продаваа некаква принципиелност, не размислувајќи дека првото Пржино беше донесено во вонредни услови, на соборен режим, што овој пат не беше така.

Почнаа валканите игри на домашните националисти за блокирање и одолговлекување, изборите да се поместат за четири месеци. Кога дојде времето, целиот свет веќе беше зафатен со коронавирусот, па уследи ново пролонгирање.

И, пак со инфантилните игри на „кандидатот за премиер“ – не во јуни, па не во овој јули, па на крајот, во неговата средина. Ваква „демократија“ Европа не познава. Особено што опозицијата само покажуваше дека не сака избори.

Опасност од нови блокади

Како и да е, се загубија цели шест месеци од годината, без влада и без Парламент, оставајќи ја земјата да не може да и понуди партнер на ЕУ околу договарањето за старт на преговарачкиот процес за членство.

И, одново да се утврди дека на спротивната страна на македонската политичка сцена, како алтернатива, земјата и натаму има само антиевропска, националистичка, недемократска, антизападна опција која во оние 11 режимски години (со истата екипа од политичари) дури и ја продаде Македонија на Истокот. Само за да остане на власт и за пари.

Конечно, јасно е дека евентуалната победа на оваа опција, секако, ќе го блокира европскиот процес.

Вмровците се против виталниот договор со Софија и историската спогодба со Атина, а токму тие ги одблокираа сите работи, заедно со покренатиот реформски процес внатре, во земјата. Зборуваат дека ќе бараат преразгледување, или дури и ревизија на договорите.

Нивни внатрешни луѓе, пак, уверуваат дека тоа се правело само за да се зачувале „егејските гласови“ за изборите.

Ако е тоа така, тогаш излегува дека „ патриотите“ се навистина лажни и дека може да ги измамат и гласачите кои им се витални.

Одлука на гласачите

Но, тоа Грција нема да ја интересира, па ако Скопје тргне по тој пат, а тоа е стариот пат на режимот, сигурно е дека Бугарија и Грција ќе го блокираат европскиот пат, дури и да е отворен преговарачкиот процес.

Работите ќе застанат, како што стојат подолго време во српскиот случај.

Со таа разлика што Белград се уште има адут за пазарење (Косово), а што овдешните антиевропејци го немаат. Едноставно, вмровците немаат соодветен одговор за европскиот пат и за отворената европеизација на досегашната влада.

Останува, затоа, да пресудат гласачите- дали одново и после се што се случуваше во минатото, државата пак ќе им ја дадат на управување на оние кои 11 години со сите сили не уверуваа дека на Европа мислат, како да е минатогодишниот снег.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе