Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Австралијанците ги обвинуваат етничките заедници

Iliya Jokic/Unsplash

Австралијанците ги обвинуваат етничките заедници

Австралија која беше на патот да се прогласи за „корона фри“ држава, веќе неколку недели (одново) војува со пандемијата и тоа во вистински „европски стил“ – со карантин и со забарани за слободно движење

Гледано во целина, Австралија го нема насекаде проблемот со коронавирусот.

Во речиси сите други сојузни држави короната е практично елиминирана, сведена на занемарлив и толерантен број заразени лица. Тоа се објаснува, пред се, со почитувањето на мерките на претпазливост и на заштита што ги препорачуваат епидемиолозите и здравствените власти.

Проблеми, меѓутоа, има во сојузната држава Викторија и посебно во делови од нејзиниот главен град Мелбурн, кој е втор по големина австралиски град.

Жариштата на епидемијата, што некои го означуваат како „вториот бран“ на коронавирусот, се наоѓаат во северозападните реони на овој петмилионски град, каде се населени разните етнички заедници, меѓу кои и инаку бројната заедница на етнички Македонци, доселеници во оваа голема земја-континент.

Мерките без ефект

Тој дел од градот веќе од пред извесно време е ставен во двомесечен карантин, со целосна изолација на локалното население.

Целата држава Викторија е блокирана, оградена и чувана од австралската војска и надгледувана од дронови, за да не се преминува во другите сојузни држави, а посебно да се спречи префрлањето во соседниот Нов Јужен Велс, за да се оневозможи со корона да се зафати и Сиднеј, најголемиот град во Австралија.

Мерките, меѓутоа, засега немаат ефект во борбата со повторно распалената пандемија, па во зоната на жариштето во Мелбурн, само за 24 часови се регистрирани уште околу 350 новозаразени, со тенденција бројот на заразените да продолжи да расте.

Локалните здравствени власти проценуваат дека неможноста да се запре пандемијата е последица на НЕПОЧИТУВАЊЕТО на пропишаните мерки за заштита – лична и кон другите и целата заедница.

Епидемиолозите имаат заклучено дека овој бран од вирусот е последица од недисциплината и неодговорноста на етничките заедници кои сега, за прв пат, се посочуваат како виновни за ваквиот развој на ситуацијата.

Жариште во муслиманско училиште

Засега е посочена само локалната муслиманска заедница , за која се вели дека целосно ги нема почитувано заштитните мерки – одржување на дистанца, не собирање во поголеми групи, носење маски на лицето и миење на рацете.

Се верува дека жариштето било создадено во едно муслиманско училиште во кое учат и се образуваат околу 2300 луѓе.

Медиумите откриваат примери за пропусти и во текот на спроведувањето на карантинот.

Се споменува случајот со еден хотел, определен за престој на лица оставени во изолација и карантин, меѓу кои сега се знае дека имало и заразени лица. Но со нив, во објектот спиеле и оние кои ги чувале – припадници на приватни безбедносни служби, па сега и тие се заразени и се верува помогнале вирусот да излезе од изолираниот објект.

Властите во Австралија одлучија, како мерка за дополнителна заштита, на јазиците на етничките заедници да дистрибуираат упатства за однесување во услови на епидемија.

Меѓу нив и на македонски јазик. Во упатствата меѓу другото, се бара луѓето да се тестираат задолжително, ако ги почувствуваат првите симптоми, потоа да се одржува дистанца, или пак, веднаш да се јават на лекар ако имаат треска, доколку им студи, односно доколку се потат.

Австралиските Македонци не се тестираат

Ваквиот потег се објаснува со сознанијата дека не мал број од припадниците на заедниците не го зборуваат англискиот јазик, па се верува дека не може ниту да ги разберат мерките за заштита од вирусот, или ваквите упатства и предупредувања.

Според извори на Скопје/Глобал од Мелбурн, македонската заедница, која инаку не е мала, засега не е јавно посочена дека создава проблеми во борбата со епидемијата.

Но, нашиот извор уверува дека ниту австралиските Македонци не се ништо подисциплинирани од другите, кога станува збор за заштитата од вирусот.

На пример, тамошните Македонци одбиваат тестирање за да се утврди дали се заразени, поради што сега се предупредуваат, во соопштенија напишани и на македонски, а не само на англиски јазик.

Освен тоа, во заедницата има раширено силно неверување дека коронавирусот навистина постои (!?), што може и да го објасни непочитувањето на мерките на австралиските власти, а особено одбивањето да се прават тестови за вирусот.

(И.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе