Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Два збора што ги скараа Вили и Хари

Carfax2, Duke and Duchess of Cambridge and Prince Harry, CC BY-SA 3.0

Два збора што ги скараа Вили и Хари

Една книга за британското кралско семејство и за неговиот однос кон принцот Хари и неговата избраничка – од 2018 година и сопруга, Меган Маркл, која треба да се појави во книжарниците во текот на август, предизвика широк интерес во домашната и во меѓународната јавност.

Онаа која ја интересираат „скокотливите“ приказни за состојбите во семејството, што во книгата се нарекува уште и „Фирмата“.

Станува збор за книгата насловена како „Finding Freedom” на новинарите Орнид Скуби и Керолин Дјуранд, автори кои ги следат вестите и настаните поврзани со кралското семејство во Британија.

Опширни делови од ова најново дело за Виндзорови пред промоцијата на книгата објавуваат угледните лондонски весници „Тајмс“ и „Сандеј Тајмс“, а преку нив и сите другите, посебно таблоидите кои сакаат и да ги искоментираат некои од објавените извадоци од книгата.

Инсајдерски приказни

Во основа, ова дело не е создадено за да ги брани Хари и Меган, туку повеќе за да го објасни односот на семејството и посебно на постариот брат Вилијам, идниот британски крал, како и на неговата сопруга Кетрин (Кејт) Мидлтон, сега војвотката од Кембриџ, кон помладиот брат и неговата сопруга.

Три години постара од Хари, Американка, разведена, поранешна актерка и дете од расно мешовит (и растурен) брак.

Сето тоа, само за да се открие причината за разидувањето на двајцата браќа.

Тие до влегувањето на Меган во кралското семејство, беа прикажувани во јавноста како блиски и речиси неразделни.

Таквата врска остана неизменета и кога Кејт стана свршеница, па потоа сопруга на Вилијам, кога браќата со Кејт, заедно, беа претставувани како без малку другарска, весела тројка.

Но, пред се, за да се разбере – зашто Хари и сопругата се одлучија да се повлечат од сите кралски обврски и задолженија што Хари ги имаше (по венчавката) и како војвода од Сасекс, син на британскиот престолонаследник Чарлс и шестиот во редот на претендентите на кралскиот престол.

Авторите не разговарале со Хари и Меган, ниту се повикуваат на било кого од кралското семејство, освен на неименувани инсајдери во кралските палати и во „Фирмата“, на луѓе блиски до семејството и на, како што велат во книгата, блиски пријатели на Меган и на Сасекси.

Но, како изгледа, најмногу потпирајќи се на сопствените истражувања и на своите новинарски сознанија.

„Оваа девојка“ – Меган

Најважното е, сепак, дека книгата инсистира на своето откритие дека само ДВА ЗБОРА ги имаат скарано браќата и толку многу разделено еден од друг, за да тие, сега, едвај и зборуваат меѓусебе.

Тие зборови се – THIS GIRL – (ОВАА ДЕВОЈКА) – како што книгата тврди дека Вилијам ја нарекол Меган, кога помладиот брат го информирал постариот брат за врската и за намерата таа да му стане законска сопруга – што ќе рече да влезе во кралското семејство, како новата снаа, наместо да ја нарече по нејзиното име.

Работата не била само во не сакањето на Вили да и ги изговори името на идната сопруга на Хари, туку и во неговиот впечаток дека постариот не го сака изборот на помладиот брат за тоа Меган Маркл да биде неговата животна партнерка.

Приказната (наводно) е дека Вилијам има речено дека „таа девојка“ тешко ќе може да се вклопи во семејството.

Хари налутено, таквата постапка на братот ја има оценето како „снобизам“ и не можел да му прости за таквиот гест – одбивајќи да се предомисли, или да ја „откачи“ Американката, за да најде некоја друга.

Уште повеќе, што како Вили (изгледа) така мислела и Кејт Мидлтон. Ниту еднаш не обидувајќи се да помогне за изгладувањето на односите на двајцата браќа.

Студената Кејт

Според тоа, авторите на книгата сметаат дека за растурениот однос на браќата не е виновна Меган, како што тоа од почетокот го посочуваа лондонските таблоиди, настојувајќи постојано да ја дискредитираат и да ја омаловажат сопругата на Хари, постојано ставајќи ја напред Кејт.

Постарата снаа и некогашната „голема другарка“ на Хари, при тоа, ниту еднаш се нема потрудено да ја изглади состојбата и со Меган, ниту да покаже (барем јавно) дека не ги прифаќа пишувањата на таблоидите.

Така и се доаѓа до објаснување на реакцијата на принцот Хари кој (за прв пат) јавно прозборе за недоразбирањата со братот, во едно тв интервју направено за време на посетата на Африка, кога кажа дека „има денови кога тие двајцата (со Вили) разговараат, но и дека има денови кога воопшто не комуницираат“.

Во истото интервју, Меган има речено дека е разочарана од односот на дел од медиумите кон неа, како и дека нејзините денови како член на кралското семејство – не и се лесни.

Изјава која многумина ја препознаа како ехо на незадоволството на мајката на Хари (и Вилијам), сега покојната принцеза Дијана, од годините пред да се разведе од нивниот татко Чарлс.

Помладиот брат, Хари кој очигледно е различен од Вили, по интервјуто реагираше прилично избувливо – прво објави дека излегува од дотогашната, братска, ројалистичка, хуманитарна организација, а подоцна дека со Меган ја напушта Кенсингтон Палатата, во која до тогаш живееше со братот и снаата и се пресели во една далеку поскромна куќа на кралскиот имот во Виндзор.

Без реакција и деманти

Подоцна, Хари зборуваше за „тивкиот и прикриен расизам“ во британското општество, секако имајќи го во предвид однесувањето на таблоидите кон Меган, чија мајка е афро-американка.

Сета таа ерозија во односот на Хари со другите, кулминираше со (не)очекуваната одлука тој и сопругата да се откажат од сите ројалистички должности и да се преселат- прво во Канада, а потоа во САД, во Лос Анџелес.

„Фирмата“ на тоа има реагирано крајно студено – прифаќајќи го решението на Хари, уште и барајќи од него и да ги врати парите потрошени за адаптацијата на куќата (котиџ) во Виндзор.

Хари (со Меган) во меѓувреме, соопштија дека повеќе нема да комуницираат со ниту еден од лондонските таблоиди.

Неговата сопруга покрена судски спор со „Дејли Меил“ за објавување на нејзините приватни писма до татко и во САД, а Хари, во една прилика има речено…

“Еднаш, за мајка ми, го имам доживеано ваквото пишување на медиумите. Не сакам сега уште еднаш тоа да ми се случува и со сопругата“.

Авторите на книгата ” Finding Freedom” тврдат дека кога последниот пат кралското семејство се има собрано, на кое биле и Хари и Меган – тие двајцата се обиделе да воспостават некаква комуникација со Вилијам и Кетрин, но тие реагирале мошне студено.

Никој од семејството досега нема реагирано на објавените делови од книгата. Само портпарол на Сасекси (Хари и Меган) има речено дека тие немаат ништо со книгата и дека никој за ништо ги нема прашано, или интервјуирано.

Но, тие досега немаат демантирано ништо од она што е објавено.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе