Поврзете се со нас

Skopje Global

Салвини (сепак) оди на судење

Европа/ЕУ

Салвини (сепак) оди на судење

MoiraM/BigStock.com

Салвини (сепак) оди на судење

Италијанскиот Сенат (Горниот дом на Парламентот) му го укина парламентарниот имунитет на лидерот на ултра – десничарската партија Лига (порано Лига Норд) Матео Салвини. На тој начин се отвора правен пат за судење на овој политичар.

Станува збор за процесот во познатата афера со мигрантите, кои долго беа блокирани на море, затоа што владата во Рим, во која Салвини беше министер, не дозволуваше бродот на кој се наоѓаа, да пристане до италијанскиот брег.

Судот во Палермо, го обвинува Салвини дека во август 2019 година, кога тој беше вицепремиер и министер за внатрешни работи, не дозволуваше да се истоварат околу осумдесетина мигранти кои беа на хуманитарниот брод „Опен Армс“ – долго блокиран покрај Сицилија.

Причина за таквата состојба беше токму спротивставувањето и инатењето на тогашниот министер, водејќи се од неговата тврда, анти-мигрантска политика и евроскептицизмот, својствен за неговата десничарска идеологија.

Националист и популист

Без имунитетот, Салвини (47) ќе може да биде изведен на суд и да биде суден. Ако биде прогласен за виновен би можел да добие затворска казна и до 15 години.

Во својата прва реакција, овој десничарски популист зборува дека е „горд од она што го направил и дека ако треба, тоа би го направил уште еднаш“.

Во стилот на политичарите од тој политички блок и Салвини обвинува дека е изложен на „политички процес“ од кој, како што има речено, воопшто не се плаши.

Ваквата „одбрана“ многу е веројатно дека ќе ја користи и доколку му се суди во Палермо, затоа што токму во времето на неговите игри со бродот, тој подготвуваше парламентарен пуч против владата во која беше втор човек – за да ја собори владата, за да го тргне тогашниот (и сегашен) премиер Џузепе Конте и на едни на брзина организирани избори, тој стане премиер.

Пред своите истомисленици и симпатизери сега ќе се брани дека – наводно – не му се суди за бродот, туку затоа што среде лето, во август 2019 предизвика политичка криза, само за да ги задоволи неговите лични амбиции – да биде ЛИДЕР на Италија.

Обединување на левиот блок

Во текот на своите 14 месеци како член на владата, користејќи го својот десничарски популизам и рејтингот изграден во текот на мигрантската криза со која пред пет години се соочи ЕУ, но и Европа, тој го маргинализираше актуелниот премиер, инаку непартиска личност, туркајќи се себе си како вистинскиот лидер на владата и италијанската политика, за што имаше голема помош (свесно, или несвесно) од италијанските медиуми.

Успеа да предизвика криза и пад на владата на тогашниот (и сегашен) премиер, на тој начин што се повлече од владиниот состав.

Но, тогаш демократските, левите и лево – центристичките сили се победија за, како што рекоа – спас на Италија – и не дозволија предвремени избори во „невреме“ како што тоа го оквалификуваа мнозинството од политичарите. Создадоа нова влада, а Салвини и Лига се најдоа во опозиција.

Наместо лидер на земјата, како што планираше, тој остана на маргините на политиката. Особено откако кинескиот коронавирус ја нападна Италија, а актуелната коалициска влада успешно ја водеше земјата, иако таа во еден момент остана сама, кога беше најтешко погодена од пандемијата и остана најдолго во карантин од сите другите.

Градење лик на Дуче

А, Салвини, целото лето минатата година и посебно во август го помина разголен, шетајќи по плажите на Сицилија собирајќи „поени и гласачи“ за планираниот пуч.

Таквиот стил на настап по многу нешта наликуваше на популистичките постапки на фашистичкиот диктатор Бенито Мусолини, во Италија во триесеттите години на 20 век и од пред Втората светска војна, градејќи и зацврстувајќи лик на ДУЧЕ (лидер – водач) кој е постојано со народот и работи за народот.

Неговата партија, во времето кога беше Лига Норд, се залагаше за растурање на Италија, со отцепување на северниот дел од државата од остатокот на земјата, а како лидер на Лига силно работеше низ Европа за победа на „Црната алијанса“ и за една поинаква, крајно – десничарска Европа – националистичка, расистичка, разединета и полна со омразата од минатиот век.

Европските медиуми тврдеа во тоа време дека Салвини, како и неговата истомисленичка од Франција, Марин ле Пен, се мошне блиски со рускиот претседател Владимир Путин.

Не е тајна тие се среќаваат со него, согласувајќи се со евроскептицизмот што Москва го поттикнува преку ултра – десничарите во Западна Европа и низ другите делови од континентот.

Салвини се сликаше со маица со ликот на Путин, а според тамошните медиуми – тој, Ле Пен и другите имаат примено и руски пари за својата активност.

Салвини спрема претстава

Медиумите под контрола на Лига, или блиски до неа ровареа и на Балканот, посебно во Македонија.

Преку некакви фиктивни заеднички фирми, со сомнителни пари, ги финансираа македонските националисти, собрани во главната опозициска партија.

Посебно, се финансираат и сега, сите нивни медиуми – за да шират дезинформации, да атакуваат врз проевропската и прозападна влада, нудејќи и на земјата некаква друга алтернатива – Истокот, таму каде Македонија никогаш не припаѓала.

Во секој случај, Матео Салвини ќе се обидува од судењето да направи политичка претстава, како што тоа секаде го прават ултра – десничарите, обвинувајќи за наводно „политичко судење“.

Во времето додека се правеше дека е премиер во сенка, како министер за внатрешни работи, никогаш не се обиде ниту тој, ниту неговото националистичко – расистичко друштво, за да утврдат кој тоа, наеднаш го покрена бегалскиот бран кон ЕУ, кон нејзиниот Запад, покривајќи се со сириската граѓанска војна.

Се уште не се знае кој тоа (во сенка) го поттикнува и го финансира шверцот на луѓе, ги покренува од нивните земји – создавајќи проблеми за ЕУ и хранејќи го на тој начин европскиот расизам, национализам, верската нетолеранција – и ултра-десничарењето.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе